БЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ

Потребно време за читање: < 1 минута

84. Како да те доречам

Ме снеможат сите зборови
што ги редам ги смислувам
ги премислувам за тебе
за твојата убост
во залезен зрак
пред самоти самрак
како да не сум во нив
како да не сме

а немоста не ѝ прилега
на умората од страсти
по кои тонеме
во длабока празнотија
не ѝ прилега на огнот
што никако да стивне
како да се плаши
да не угасне
да не нѐ пеплоса
пред студ и самотија

ќе ја довардам ноќва
што иде
сѐ до разденина
буден и подготвен
во кој било миг
од твојот здив
крај мене
да ја разголам
да ја разболам
да ја разнебитам

за да нѐ заборави
ко никогаш
да не сме биле во неа

но што ако останеш
засекогаш ваква
пред секој
што ќе те погледа
ќе те догледа
на ѕидот од одамна
урнатата куќа
на моите спомени

па да останеш
и од мене недоречена

Leave the first comment