Потребно време за читање: < 1 минута

82. Ќе умре ли татко ми
(Пред претсмртен час)

Знаеш дете мое мало
знаеш од најмало
дека умира сѐ што е живо
и мртво
дека од раѓање се умира
дури не се умре

татко ти секако ќе умре
брзо та пребрзо за оние
што ќе се сетат на него
кога сенката им
в осама ќе ги најде
од што живеат за сѐ да гасне
како минливоста
како дребноста
како безличноста
како домашно огниште
во куќа во која со векови
сѐ горело дури не пеплосало

татко ти секако ќе умре
бавно пребавно
болно преболно
за сите во нас што се
до наш последен здив
сосе корен длабоко в земја
толку длабоко
што да не може никој
да го откорне

не ме прашувај
зошто да умре татко ти
дете мало
токму на овој врв
од многуте што ги искачил
и сам и со поткрепа од род
со пород
а не на некој друг
пред него и по него
кој во невреме и севреме
во меѓувреме
се стркалал се струполил
на дното во неговите
сѐ уште живи очи

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

ни јас ни тој не знае
и тој знае и јас знам
исто ко што знаеш ти
дека секогаш на крајот се вели
овој е мојата последна цел
како крај со почеток

секако ќе го прежалиш
оти долго та предолго умира
ако остане нешто со тебе
од него подолго да живее

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here