АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 10 минути

6. 2. Контактна програма

Контактната програма во светот се толкува како комуникациски феномен, но таа е веќе доминантна во светот, иманенција на радиото на современата модерност. Нејзината симплификација односно вулгаризација, што настана особено со „демократизацијата“ на нашиот (-македонскиот) радиодифузен простор која започна на крајот од 1991. година и стихијно, без никакви правила на „играта“ се развиваше сè до средината, поточно до крајот на 1997. година со донесувањето и примената на Законот за радиодифузија, не ја обезвредни нејзината сушност. (За тој процес и неговите рецидиви особено на планот на радио-конактноста веќе говорев; за вулгаризацијата и обезвреднувањето на маркетиншкиот-комерцијалниот сегмент во друг контекст.) Во наредниот период контактните програми сигурно ќе добијат на значење и валидност.

Контактната програма овозможува непосредна комуникација со слушателот, со што се збогатува неговиот секојдневен живот; збогатување, па и насочување на аргументациите од секојдневното мислење. А тоа пак-секојдневното мислење, има свои општи карактеристики што мошне прецизно ги дефинира Лукач:

„Бидејќи акумулацијата на секојдневните искуства, вежбањето, навиките итн. водат кон повторување и натамошно изградување на одредени движења, на нивниот квантитативен и квалитативен одреден редослед, испреплетување, заемно дополнување и поткрепување итн. во секој процес на трудот-тој процес на трудот за човекот кој го применува нужно добива карактер на извесна објективизација… Сепак, трудот е оној дел од секојдневната стварност кој е најблиску до научната објективизација. Бескрајно многустраните врски помеѓу одделни луѓе (брак, љубов, семејство, пријателство итн.), а да не говориме и за безбројните минливи врски, потоа врските на одделни луѓе со државни и општествени институции, разни облици на споредни занимања, задоволства итн. (на пр. спорт), феномените на секојдневјето како што е модата, сето тоа потврдува дека таквата анализа е точна. Секаде станува збор за брз, често ненадеен пресврт на конзервативната премаленост, пројавени во рутината и конвенцијата, во акцијата, во одлуките итн., чии мотиви-барем субјективно, што токму за овие испитувања е мошне важно-се претежно од лична природа… Зад сето ова досега наведено се крие битното обележје на секојдневното битие и мислење: непосредната поврзаност на теоријата и практиката“.1)

За контактната програма непосредноста на секојдневниот живот е една од основните заложби при реализацијата: делотворност на таа непосредност. Делотворноста, пак, го има предвид материјалистичкото реагирање на предметите од својата околина и човекот на секојдневниот живот спонтано реагира „без оглед на тоа како тие реакции субјектот на практиката дополнително ги толкува”2). Контактната радио-програма го следи тоа спонтано материјалстичко реагирање на човекот, но и не го гради „општото“ мислење, осознаениот заклучок само на тој спонтанитет. Ја респектира неговата сила, но и слабоста. Според Лукач, силата се манифестира во тоа што „никаков идеалистички, дури солипсистички поглед на светот не може да го спречи функционирањето на таа спонтаност во секојдневниот живот и мислење”3); додека слабоста на спонтаниот материјализам има „мошне незначителни, би се рекло никакви консеквенци како поглед на светот”4).
Она што е карактеристично во овој процес на развојот на секојдневното мислење само го потврдува неговото значење: оддалечувањето од непосредната секојдневност е зачеток на научен поглед и став, на научно мислење:

„На границите на ова научно одразување на стварноста кое… значи оддалечување од формите на мислењето на секојдневјето, кревање над нив, нужно доаѓа до враќање кон тоа секојдневје”5).

Често во настапите на контактните радио-програми се применува тн. аналогно мислење или размислување, користењето на аналогијата. И тоа со право бидејќи таа-аналогијата е најнепосредно поврзана со секојдневното мислење. Дотолку повеќе што аналогизирањето е мошне активен фактор во секојдневниот живот на луѓето, дел од практиката. Во комуникацијата најнапред се запознаваат творецот и рецепторот, а потоа почнуваат заеднички да дејствуваат.

Познавањето на луѓето е типична спонтана примена на аналогијата. Примената на аналогијата е позитивна само доколку е во разумна мера.

Нужна е и подетална елаборација на јазикот на секојдневјето како инструмент на контактноста (веќе говорев за говорот и стилот). Тој јазик е мошне сложен систем колку што се сложени посредувањето и непосредноста на секојдневното мислење за субјектот кој се користи со него. Оваа сложеност се однесува на сите негови „елементи“: на зборот, реченицата, синтаксата и тн. Секое поедноставување што се чини дека му е иманентно, а се чини такво само затоа што субјектите-неговите корисници така се однесуваат спрема него, е резултат на односот на луѓето спрема светот на секојдневјето, како и на меѓусебните односи. Јазикот во секојдневниот живот „ја покажува дијалектичката противречност: тој им отвора на луѓето неспоредливо поголем и побогат надворешен и внатрешен свет колку што би можело да се замисли без него, т.е. тој го прави достапен секој човеков околен и внатрешен свет”6).

За оваа дијалектичка противречност, кога јазикот на секојдневјето практично се применува, секогаш треба да се води сметка. Имено, бидејќи без виталниот елемент на секојдневниот живот: навиките, традицијата, конвенциите, не може брзо да се реагира на надворешниот свет, е потребен критички однос кој се темели врз сопствена сознајно-теоретска и искуствена аргументација. Тоа значи дека јазикот на секојдневјето, применет во контактната радио програма, не смее да остане на маргините на појавното (настанот, случувањето, доживувањето), туку мора да го направи и оној неопходен чекор напред, со што ќе ја унапреди и самата комуникација.

Друга општа карактеристика на секојдневниот живот, а на која ретко ѝ го посветуваме сопственото размислување или дејствување, е фактот што во него постојано се реализира и ангажира, а со самото тоа и афирмира „целиот човек“. Неговиот интегритет, целината на психо-физичките сили, има социјални предуслови кои мора да бидат предвидени или претпоставени поради целите на одделните програмски сегменти. А продуктивната и рецептивната реализација на човековиот интегритет може да се оствари во одреден медиум кој може да ја презентира и толкува, следејќи ја динамиката на тоталитетот на животот.

„Целиот човек“ на секојдневјето е целосно свртен кон стварноста, во неа ја остварува својата егзистенција, па следствено на тоа и тн. преодни форми на секојдневниот живот го одредуваат неговото дејствување, „работно однесување“: играта, спортот, разговорот кој имплицира дискусија и тн. Постапките на луѓето во секојдневниот живот, пак, и индивидуалните и колективните во рамките на дејствувањето, ја потврдуваат поврзаноста на мислењето и практиката, а на кое инсистира Лукач. Конечно, и покрај разликата помеѓу научното и секојдневното мислење (научното како повисок развоен степен од секојдневното), сепак „резулатите на науката и уметноста непрекинато се слеваат во секојдневниот живот и во секојдневното мислење, го збогатуваат, тие во тоа се мошне често содржани, се разбира во онаа мера во која станале сè повлијателни елементи на скојдневната практика”7).

Откако вака детално ги елаборирав секојдневниот живот и секојдневното мислење (со помош на Ѓ. Лукач), можеме да се повикаме на мошне конструктивниот есеј за контактната радио-програма на Роберт Ејври и Доналд Елис8) кои контактноста ја сметаат токму за еден од предусловите на осовременувањето-модернизирањето на радиото; притоа нагласувајќи дека таа и не е нов феномен.

Дека контактното радио има богата предисторија, сопствена генеза, потврдува и кусиот приказ на неговиот развој: од пионерските напори за реализација на тн.„ток“ емисии во раните 20-ти години на 20. век во САД, телефонските квиз-емисии на 30-тите, и тн. „бип“ емисии во доцните 40-ти, исполнети со снимени разговори повремено придружувани со високи тонови (сигналот „бип“).

Првата контактна радио-програма во денешна смисла, како што наведуваат Ејври и Елис според тврдењето на Мек Ичерн, е реализирана во Кеи-Еј-Би-Си станицата во Лос Анџелес во далечната 1963. година. Па сепак, првите научни елаборации на овој „единствен контактен комуникативен медиум на современото општество“ датираат од крајот на 70-тите години на 20. век. Тие ја нагласуваат нејзината основна карактеристика што се конкретизира како повик до слушателите или повик од слушателите на „својата“ радио-станица да го изразат сопственото мислење, барање, задоволство-незадоволство итн. Главен фактор, што ги мотивира слушателите да му се јавуваат на водителот-комуникаторот или домаќинот на контактната програма е потребата од комуникација. Профилот на слушателите зависи од видот на контактната програма и од времето на нејзиното емитување.

Есејот на Ејври и Елис е мошне инструктивен за концепирањето на отворено-контактната програма (иако овде станува збор за контактната) и нејзината програмска темпоралност, особено со бројните примери што ги наведуваат. Тие речиси целосно ги потврдуваат моите сознанија и заложби. На пример, една програма со назив „Најткап“ на Херб Џапко, на станицата во Солт Лејк Сити од полноќ до шест часот наутро (в. за програмскиот ритам во оваа студија, мојот предложен временски распоред), се пренесува на вториот канал и преку станици здружени во заеднички радио-систем. Оваа програма се смета за една од најнеобичните во САД, не толку според содржината и специфичната контактна „способност“ изразена во програмата, колку според придружните форми на комуникација со слушателскиот аудиториум ( в. за непосредната и посредната комуникација во оваа студија).

Нешто што засега не може ниту да се замисли на нашите програми оти „не е битно“ или не е „во нашиот домен“ или, конечно, не знаеме дека е тоа „потребно“. Имено, комуникацијата и контактноста со слушателите на „Најткап“ (night- cap=ноќна капичка) продолжува и по програмата, и тоа многу „поразгрането“: се држат слушателски собири, се организираат заеднички крстарења, се добиваат попусти за купување на стока и претплата за месечното списание „Вик“.

Кај нас, во поблиското радио-минато „Радио урнебес“ во времето на својата најголема популарност се обиде нешто да стори на тој план (беше нацртана-испечатена маскота за која се немаше разбирање и финансиска подршка да се произведе; потоа посебно редовно, во рамките на ревијата „Екран“, се печатеше топ-листата „Топ урнебес“, и сл.), но и она во што се успеа, подоцна „згасна“.

Во рамките на Евергрин Гром радио беа формирани Бизнис клуб и Клуб на слушателите, чии активности беа насочени токму во тој правец: радио-активност како продолжение на пулсот на радио-програмата.

Есејот на Ејври и Елис наведува и на едно друго искуство кое во извесна смисла може да ни користи при концепирањето на утринските програми, а кои на сегашното ниво на формата и содржината тоа речиси воопшто не се ( со чесни исклучоци од некои водители нешто да се стори во рамките на „зададената“ рамка; на Евергрин Гром радио се користеше сè поинтензивно, особено во однос на конактноста и ангажираноста). Имено, тргнувајќи од претпоставената публика наутро, еден нејзин значаен дел, во 70-тите години на 20, век ширум Америка се појавија мошне „контроверзни“ контактни програми наменети особено за млади невработени мажени жени: тн. „топлес радио програми“. Иако окарактеризирани како секси, топлес и порнографски, иако „ги експлоатираа женските сексуални искуства“, беа застапени и ставови дека тие, поточно комуникацијата помеѓу водителот или домаќинот на програмата и слушателите е терапевтска (порано говорев за програми за „емотивно празнење“, чија популарност е мошне голема во развиените радиодифузни простори во светот).

Есејот што го разгледувам нуди некои интересни размислувања за структурата на слушателскиот аудиториум, за комуникациската функција на контактната програма, за нејзиното време и содржина итн. Бидејќи во претходните поглавја многу од нив елаборирав, заедно со сопствени теоретско-искуствени сознанија, како уште една нивна потврда во продолжение ќе ги цитирам главните сознанија и заклучоци на Р. Ејври и Д. Елис:

„Мислиме дека во кое било време ако двајца контактираат мора да се забележи оти еден на друг си се обраќаат на доследен и соодветен начин. Нечие јавување станува податок за вербален одговор… Социјалната реалност е одредена и станува значајна за соговорниците. Разговорот во контекстот на програмата е важен настан за оние што учествуваат во него… Слушателите и домаќинот минуваат извесно време во давање и предлагање информации што би можеле да бидат најкорисни при разговорот на одредена тема. Овој модел на разговор, каде што информацијата се добива и се разработува од учесниците низ различни фази се опишува како цикличен… Со проучувањето на самиот разговор дојдовме до неизбежниот заклучок дека слушателите сè повеќе се заинтересирани за изнаоѓање потврда и подршка на своите верувања, отколку дека тоа е обид да го оформат мислењето на другите.

Резултатите од оваа студија укажуваат и на тоа дека видовите разговор помеѓу домаќинот и слушателите се менуваат во зависност од тоа во кое време на денот се водени. Има повеќе нови информации, изрази на поголема доверба, сугестии и слично наутро. Доцна напладне и навечер разговорите се карактеризираат со коментари и анализи за претходно продискутираните информации. Овие сознанија може да се објаснат со видот на дневната активност, но едно поверодостојно објаснување ги вклучува и личностите на домаќинот и слушателите… Коментарите на слушателите даваат три општи фази на нивното учество. Првата фаза е фаза на љубопитство, кога слушателот е претставен во програмата од пријател, преку најава или преку телефон… Во зависност од потребите на слушателите и целите на контактната програма, првата фаза варира многу во времетраењето. Втората фаза би можела да се опише како пасивно учество. Контактната програма повеќе не може едноставно да биде прекината. Понатамошниот тек на информации и мислења, дадени од контактниот медиум, станува важен дел од животот на слушателот. Во оваа фаза слушателите велат дека се веќе „закачени“ за програмата. Многу постојани членови на програмата никогаш нема да се оттргнат од втората фаза. Оној момент кога слушателите стануваат доволно мотивирани да го повикаат домаќинот на програмата, тие влегуваат во третата фаза, фаза на активно учество… Контактното радио овозможува комуникација помеѓу поединци кои можеби никогаш нема да се сретнат, но кои делат исти интереси, искуства и грижи. За други слушатели, кои веќе имаат многу контакти во семејството и со пријателите, програмата претставува дел од дневниот распоред. Програмата на слушателите им го овозможува јавното мислење, а дава теми за разговор и помеѓу познајниците”9).

Колку заложбата за отворено-контактна програма, како суштинска определба на совеменото-модерното радио, функционално ги поврзува отворената и контактната програма како што ги дефинирав во претходните елаборации? Како тоа функционално поврзување може конкретно да се реализира на програмата? Дали отворено-контактната програмаги негира отворената и контактната или, пак, тие егзистираат и се развиваат независно од неа, во различни правци? Следствено, дали отворената и контактната програма не се определби на радиото на современата модерност?

На овие и слични прашања што произлегуваат од нив ќе се обидам да одговорам во продолжение, имајќи ја предвид конкретизацијата и операционализацијата кои ќе уследат откако ќе поставам и анализирам уште неколку суштествени прашања кои произлегуваат од глобалната концепција на современото-модерното радио.

Кога се говори за отворената, контактната и отворено-контактната програма, всушност се говори за развојни фази на совеменото-модерното радио: отворената програма е прва, која претставува порадикален пресврт во надминувањето на „затвореноста“ која достасала до степен на програмски анахронизам; втората фаза-контактната програма, прави уште еден чекор во развојот со кој се надминуваат некои рецидиви од минатото на радиото, особено на планот на програмско-уредувачката политика, со воведување на нови односи (на пример, спрема политиката, личното мислење и промислување итн.), и поинакво гледање на комуникациската функција на масмедиумите воопшто, на радиото посебно; и третата, највисока развојна фаза на современото-модерното радио: отворено-контактната програма во чии рамки се развиваат и постојано се усовршуваат сите елементи на оваа програма и од формален и од содржински аспект.

Може некој да постави вакво прашање: ако ги прифатиме трите фази вака дефинирани, дали третата е конечна, па можеме да говориме за оформено, оживотворено, веродостојно, радио што се слуша, „мое радио“? И уште: дали постои некоја друга фаза, почеток на нова? Што потоа?

Ако сме малку визионерски расположени, и доколку внимателно бев следен во досегашното излагање, јасно е дека се смета на уште една, нова и дефинитивна фаза, а која нема да се однесува само на совеменото-модерното радио, туку и на современата-модерната телевизија и на другите електронските медиуми: интеграција на овие два толку блиски, слични масмедиума (и „поддржани“од други, на пример Интернет), во нешто што може да се нарече телерадио. Можеби и нов технолошки изум кој ќе биде така наречен, а кој ќе овозможи едновремено радиско и телевизиско изразување, едновремена аудио-визуелност на настанот, доживувањето, случувањето. Се разбира, таквата аудио-визуелна интеграција може да се очекува откако и телевизијата ќе мине сличен развоен пат како и радиото. Притоа, не мислам на најновите уреди кои не „одат“ во тој правец, туку се обидуваат во извесна степен да го ослободат човекот од зависноста на визуелното, на сликата, на „мислењето во слики“.

Да се вратам на поблискиот и пореалниот, помалку „научно-фантастичен“ терен.

Имаме ли конкретизација на развојните фази на современото-модерното радио кај нас? Одговорот е потврден. На пример, Првата програма на Македонското радио-Радио Скопје почнувајќи од 1994-1995 година се наоѓа во тн. прва фаза (која, пак, траеше предолго со оглед на кадровските и техничко-технолошките можности): сè поголемо отворање на програмата, и тоа не само како начин на реализација.

Дали и колку тој процес се забрзува, колку се пролонгира преминот во втората кога контактната програма станува доминантна, зависи пред сè од поттикнувањето на творечкиот капацитет, но и од селективноста, а најмногу од конзистентноста на програмско-уредувачката политика и развојната стратегија. Пример на стагнација на тој план е Третата програма-Радио култура, пред сè како резултат на недоволно агресивна програмско-уредувачка политика и на несоодветен однос спрема неа во рамките на системот на Македонското радио (присутни и размислувања за нејзината излишност, односно дека е непотребна поради „елитноста“).

Што се однесува на Втората програма-Радио Два (во периодот на моето раководење со неа го носеше називот „Радио Херц“-така именувана од мене), ќе повторам нешто што и досега сум го нагласувал на повеќе наврати: во нејзиниот развој се направени многу чекори „наназад“.

Имено, таа се наоѓаше во тн. втора фаза-контактно радио (под мое раководство-1993-1996), а уште во 80-тите години на минатиот век оваа програма имаше мошне динамичен, забрзан развој, со многу свои карактеристики кои го најавуваа почетокот на третата фаза како отворено-контактна програма. Чекорите „наназад“ се однесуваа(т) пред сè на програмско-уредувачката политика, особено на планот на основната програмска ориентација, што е последица на основни непознавања на комуникациската функција на радиото како масмедиум (особено на планот на динамизацијата, „случувањето“ и водителско-репортерското кадровско профилирање).

Еден бегол преглед на приватните/независните/комерцијалните радио-станици во Македонија дава поразителни резулати во однос на сопственото осовременување-модернизирање. Импровизацијата и еклектицизмот не отвораат никаква перспектива, а состојбите натаму се влошуваат со нелојалната конкуренција на радиодифузниот пазар на комерцијален план, потоа хроничниот недостиг од новинарски радио-кадри, просторните, техничко-технолошките можности и др.
__________
1) Gjergj Lukac: „Osobenost estetskog“, Nolit, Beograd, 1980
2) Ибид.
3) Ибид.
4) Ибид.
5) Ибид.
6) Ибид.
7) Ибид.
8) Роберт Ејври и Доналд Елис: „Контактната радио програма како комуникациски феномен“, Трета програма, Радио Скопје, 1988
9) Ибид.

Leave the first comment