Ароматерапија

Потребно време за читање: 7 минути

Историјата на употреба на ароматични растенија досегнува во далечното минато, пред многу векови и цивилизации. Растенијата играле важна улога во многу култури при лечење на различни видови на болести, а цветните мириси се користени за облагородување на духот и телото, за привлекување на партнерот и за воспоставување на психофизичка рамнотежа.

Старите Египтјани биле мајстори за масажа и стручњаци за нега на кожата. На кралицата Клеопатра ароматерапијата и била најомилен начин на нега на телото и духот. Подоцна старите Грци и Римјани исто така ги користат растенијата и нивните лековити и мирисни својства во масажата, при лечење и во козметиката. Арапските цивилизации во старо време го усовршуваат методот на дестилација на растителни екстракти и изработуваат рецептури за производство на мирисни масла. Во источните цивилизации терапијата со растенија се користела паралелно со акупунктурата. Во средновековна Европа растенијата се користени за прекривање на подови со цел облагородување на просторот и спречување на ширење на заразни болести.

Иако умешноста на ароматерапијата досегнува во далечното минато, самиот термин „ароматерапија“ е востановен во Франција во 1928. година, кога познатиот хемичар Gattefosse ја открил лековитоста на етеричното масло на лавандата нурнувајќи ги во него своите со хемикалии испечени раце. Gattefosse со воодушевување сфатил дека изгорениците многу побрзо и побезболно зараснале отколку обично. Тоа го поттикнало на подлабоко истражување кое резултирало со раѓање на поимот „ароматерапија“.

Ароматерапијата претставува контролирано користење на етерични масла за да се постигне рамнотежа и да се унапреди здравјето на телото, умот и духот. Таа на секој човек му нуди можност на сосема природен, нештетен начин, да користи екстракти на растенија со кои ќе ја одржи психофизичката рамнотежа, ќе го зајакне имуно-системот, ќе го ослободи своето тело од напнатост, ќе ги врамнотежи и смири своите емоции. Релаксацијата на духот и телото, односно хармонијата на психичкото и физичкото, се цели кои денес си ги поставува на себе си речиси секој човек кај кого се разбудила свеста за неопходност од поздрав и поубав изглед.

Во светот постојат два модела на ароматерапија: француски и англиски. Францускиот модел е интегриран во медицината, што значи дека со ароматерапија се занимаваат исклучиво лекари. Францускиот модел подразбира и орално земање на етерични масла. За разлика од францускиот, англискиот модел ја исклучува оралната примена на етерични масла. Маслата се користат со нанесување на кожата и со инхалација, со цел намалување на стрес, олеснување на тегоби, како и за нега и разубавување на телото. Според англискиот модел, за ароматерапевтската практика не е потребно да се има медицинско образование.

Етеричните масла се есенција на моќта на растенијата, а божествениот мирис е само еден од нивните квалитети. Тие се комплексни материи полни со енергија кои во растенијата се застапени во мошне мали количества. Се наоѓаат во жлездите на растенијата, во вените, во вреќичките и жлездените влакненца и ја претставуваат самата срж на растението, неговата „душа“. Иако се викаат „масла“, се работи за сосема немасни, лесно испарливи екстракти од ароматични растенија.

За добивање на масло се користат следните делови од растението: цветови, листови, стеблинки, трева, дрвени делови, кора, корени, растителни смоли, лучница, семиња и плодови.

Дестилацијата е најстариот и најчест облик на добивање на етерични масла, каде што водена пареа со минување низ растителниот материјал ги извлекува и пренесува компонентите на етеричните масла. Смесата потоа се лади и како резултат добиваме ароматична водичка (хидролат), на чија површина се собира етеричното масло.

Ладното пресување најчесто се користи за добивање на етерични масла од кора на цитрусно овошје.

„Enfleurage“ методот на ектракција на масло често се користел во индустријата на парфеми за да се изолираат етерични масла и мириси на ружа и јасмин. Принципот е растителниот материјал да се нурне во растителна или животинска маст и да се остави да стои. Мирисните супстанци потоа се издвојуваат од маста со помош на одредени растворувачи. Поради сложеноста на процесот, овој принцип денес се користи уште само на југот на Франција, за добивање на масло од јасмин, цветови на портокал и тубероса.

При екстракцијата со помош на ладни растворувачи етеричните масла се екстракуваат со помош на органски растворувачи, најчесто петрол- етер. Сепак, овие масла порадо не се користат во ароматерапијата зашто често содржат остатоци од растворувачот и други супстанци кои можат да предизвикаат реакции на кожата, посебно кај пречувствителните лица.

Во екстракцијата со помош на течен јаглен диоксид наместо водена пареа се користи јаглен диоксид под висок притисок, за да се издвојат етеричните масла.

Фитоничкиот процес е најнов метод на екстракција на етерични масла со употреба на посебни нови растворувачи кои се нарекуваат фитосоли. Хемиските анализи покажуваат дека маслата добиени со фитонички процес сепак се разликуваат од останатите етерични масла.

Се разбира, методот и технологијата на добивање на масла зависи од видот на маслото, но и намената за која тоа масло се користи. Составот и квалитетот на маслото може да варираат во зависност од поднебјето и тлото на кое растело растението, како и од генетичкиот материјал на неговиот вариетет.

Според испарливоста, ги делиме во три групи кои ги нарекуваме горна, средна и долна нота.

Горната нота ја чинат еукалиптус и цитрусни масла, кои брзо испаруваат, ја поттикнуваат концентрацијата и освежуваат, одлично ја негуваат масната кожа. Нивниот мирис е свеж, лелеав и стимулативен. Тука спаѓаат: мандарина, портокал, лимон, грејпфрут, бергамот.

Средната нота послабо испарува од горната, мирисот и е потраен. Неа ја чинат цветните мириси, кои се најомилени, а дејствуваат врз душевните и емоционалните состојби. Ја врамнотежуваат работата на нервниот систем, исто така влијаат врз лачењето на одделни секрети во кожата, и на тој начин ја негуваат и сувата и масната кожа. На таа група им припаѓаат маслото на ружата, јасминот, неролиот, иланг- илангот, гераниумот, потоа повеќето медитерански етерични масла: мента, рузмарин, жалфија, лаванда, мелиса, чаевец, тимијан.

Долната нота испарува најбавно, мирисот е дрвенест, длабок, смирувачки. Дрвенестите или смолестите мириси дејствуваат врз органскиот и хормонскиот склоп во телото, ја стабилизираат нашата психа, не враќаат во стварноста. Го подобруваат крвотокот во ткивата, ги регенерираат ќелиите и го јакнат имуно- системот. На оваа група им припаѓаат етеричните масла добиени од дрво, односно смола. Некои од маслата од долната нота се борот, елката, смреката, чемпресот, кедарот, циметот, џумбирот, пачулито, сандалот.

При мешањето на етеричните масла внимаваме во мешавината да бидат застапени масла од секоја група. Средната нота ги поврзува горната и долната, а етеричните масла од долната нота ја забавуваат испарливоста на етеричните масла од горната нота.

Оваа поделба е посебно важна при креирањето на парфеми. Со мешање на 3 до 5 масла доаѓа до синергиско дејствување (маслата меѓусебно се засилуваат и го поттикнуваат своите дејствувања), додека со мешање на повеќе од 5 масла доаѓа до антагонистичко дејствување (маслата меѓусебно се неутрализираат или ги намалуваат своите дејствувања).

Етеричните масла и ароматерапијата можат да бидат вредна помош во вашето создавање на здрав живот и грижа за убавина. Најчесто ги применуваме во мирисните ламби или масажите. Освен тоа, можат да се применат и во топлите купки, компресите, за инхалација (сува или мокра) или како додаток на козметиката. Поради својот хемиски состав, етеричните масла мораат секогаш да бидат разредени во некој медиум (растително масло, морска сол, мед…) за да не се исуши кожата или да се надразни слузокожата. Уделот на вкупните етерични масла не смее да премине 3%, што е отприлика на 10 мл базно масло најмногу 3 до 5 капки етерично масло.

Природните етерични масла исклучително добро дејствуваат при масажа на телото и лицето. Контактот на маслата со завршетоците на нервите во кожата предизвикува моментна реакција на нервниот систем, чиј резултат е опуштањето.

Моќта на етеричните масла да продираат во кожата е исклучителна. Тие најнапред продираат во масните делови на кожата, потоа се подлабоко и на крајот достасуваат во крвотокот. Времето што е потребно да бидат апсорбирани се движи од 20 до 70 минути.

Природните етерични масла се одличен додаток на личната козметика. Со сенасе неколку капки можете да ги облагородите своите шампони, кремите и лосионите. Со малку знаење и правилно комбинирање на етерични и растителни масла, можете целосно да ја замените индустриската козметика со природна, нештетлива и далеку поефикасна алтернатива. Ќе бидете изненадени од резултатот!

Природните етерични масла се препознаваат според исклучително силниот и „полн“ мирис. Поради сложениот хемиски состав, невозможне е во целост да се фалсификуваат. Во продажба има многу синтетички масла, кои се далеку поевтини од изворните природни масла, и тие можат да се користат во парфимериската индустрија или во мирисните ламби, но нивната употреба во ароматерапијата е сосема неприфатлива зашто немаат животна енергија, немаат никакво влијание врз организмот, а придружните ефекти се лоши.

Маслата се подложуваат на разни анализи зашто, за да се користат во терапевтски цели, мораат да бидат целосно природни и чисти. Најчеста анализа е хроматографијата, со која се проверува хемискиот состав и чистотата на маслото. Со оглед на тоа дека во ароматерапијата етеричните масла се користат растворени во растително масло, обрнете внимание и на нивниот квалитет. Растителните масла мораат да бидат сосема чисти, добиени без хемиска и термичка обработка- со ладно цедење на растителниот материјал. Само таквите растителни масла имаат сочуван изворен растителен состав, а со самото тоа и исклучителното терапевтско и козметичко дејство.

Иако етеричните масла содржат сосема природни супстанци, тие не се безопасни, па е потребно да се користат со големо внимание и во пропишани дози. Овде не важи изреката „Од вишок глава не боли“, така што секогаш е подобро да се употреби една капка помалку отколку една капка повеќе! Етеричните масла не смеат да се нанесуваат на кожа неразредени; исклучок се лавандата и чаевецот, кога е збор за помали површини (акни, брадавици, херпес).

Пред употребата се препочува мал тест на алергија, посебно кај луѓе со чуствителна кожа. Тестот извршете го така што една капка на етерично масло, разредена во кашичка на базно масло, ќе нанесете на внатрешната страна на подлактицата или зад увото, па да се остави 24 часа да дејствува. Ако се појави црвенило, чешање или пецкање, маслото не смее да се користи.

Не се препорачува долготрајно користење на исто масло зашто би можело да дојде до пречувствителност. Долготрајно користење се смета секојдневна примена во период подолг од 3 месеци.

Цитрусните масла се фототоксични и не смеат да се користат најмалку 12 часа пред изложување на сонце или на солариум, зашто резултатот може да биде нерамномерна и неестетска пигментација.

Етеричните масла треба да се чуваат на темно и студено место, подалеку од извор на топлина зашто се запалливи, им се менува хемискиот состав и побрзо испаруваат.

Етеричните масла не се за орална употреба, доколку немаат соодветни сертификати и доколку не ги ординира стручно лице. Одбегнувајте допир на етерични масла со очите и слузокожата.

Лицата кои имаат јаки алергии, болуваат од астма, епилепсија, постари лица и бремени жени, би требало да обрнат посебно внимание при употребата на етерични масла и секако да се посоветуваат со стручно лице или лекар.

Еве и неколку корисни рецепти на аромакозметика:

Масло за нега на масна кожа и против акни:

во 50 мл основно масло (10% масло на јојоба и 90% масло на бадем) додајте 8 капки етерично масло на лаванда, 4 капки на етерично масло на чаевец и 1 капка на етерично масло на гераниум.

Масло за нега на зрела кожа:

во 50 мл основно масло (10% масло на авокадо и 90% масло на бадем) додајте 6 капки етерично масло на гераниум, 4 капки на етерично масло на неролиј и 3 капки етерично масло на пачули.

Масло за нега на чувствителна кожа:

во 50 мл масло од семе на кајсија додајте 8 капки неролиј, сандал или гераниум.

Извор: природна козметика ( http://www.prirodnakozmetika.com )

Leave the first comment