Од поодамна се знае дека недвижностите на Балканот се највносниот бизнис, пред сѐ поради ниските цени. Во тоа предничат членките на ЕУ, Бугарија и Романија, но се поатрактивна станува Хрватска. На Македонија сѐ уште никој не ни помислува. Нема што да се купи, скапо-прескапо е или…?
Полските инвестициони фондови открија на балканскиот пазар на недвижности рај за вложувања. Така, TFI Investors основа фонд специјализиран за недвижности на Балканот, за почеток во Бугарија и Романија. Станува збор за затворен фонд, околу 26 милиони евра кои нема да се вложуваат директно во недвижности, туку во акции на претпријатија од таа гранка кои котираат на берзите во Букурешт и Софија. Формиран е уште еден-TFI KBC.
Недвижностите на Балканот, било за своја лична употреба или како начин брзо и ефикасно да се размножат вложените средства, пред Полјаците ги открија Чесите. Во Полска со растот на цените на домашните недвижности и бумот на пазарот порасна интересот за вложувања, па парите на своите клиенти во недвижности ги вложуваат 8 полски фондови кои располагаат со околу 790 милиони евра.
За вистинскиот „недвижнички напад“ на Британците врз Бугарија исто така се знае од поодамна, а особено по нејзиното влегување во ЕУ. Британскиот весник „Индепендет’ објави податок дека околу 40.000 Британци поседуваат недвижен имот, а сѐ уште е голем бројот на британски граѓани кои сакаат да купуваат во Бугарија.
Повикувајќи се на прогнозите од брокерите, весникот ги предупредува купувачите од Британија повеќе да не се надеваат на брза заработувачка, како што тоа било случај пред неколку години. „Индепендент“ наведува дека стан во Бугарија сѐ уште може да се купи за цена од 35.000 евра, но без да ја уточни локацијата и големината.
Според весникот, се намалува брзината со која се зголемуваа цените на недвижниот имот во изминатите години. Порано цените се зголемуваа за 40% до 50% годишно, додека сега се зголемуваат просечно годишно за 10%.
Инаку, бројот на купувачи во Бугарија и Романија опаѓа, но нови згради и натаму забрзано се градат. Странците и натаму покажуваат занчителен интерес, па аналитичарите падот на прометот му го припишуваат на намалувањето на бројот на домашните купувачи.
Во времето на социјалистичкиот режим, големите семејства биле принудени да делат мали станови и само оние што биле квалификувани како исклучителни случаи имале шанса да добијат попространо сместување. Кога со падот на комунизмот конечно се ослободени од таквите рестрикции, Бугарите и Романците со задоволство „запловија“ на пазарот на недвижности. Многумина купуваа станови за членовите на своите семејства, а трендот додатно се забрза кога обичните луѓе добија можност да го ставаат својот имот под хипотека. Меѓутоа, потребите на домашните купувачи сега во поголемиот дел се задоволени, па дојде до пад на продажбата. Тоа значи дека цените веќе го надминаа својот максимум, особено во некои од поотмените делови на Софија и Букурешт.
Растот на пазарот на недвижности во Бугарија се темелеше на сѐ поголемата расположливост на хипотеките. Хипотекарното кредитирање имаше побрз раст од кој било облик на кредитирање во земјата. Странците кои бараат поволни можности за купување во Источна Европа исто така придонесоа за растот на цените. Иако се евтини за купувачите од Запад, новите купувачи во Софија или во градовите на брегот на Црното Море, како што се Варна и Бургас, кои се продаваат по цена од 900 евра по квадратен метар, се мошне скапи за Бугарите. Најскапите станови чинат 1.500 евра по квадратен метар, а не може да се најде ништо поевтино од 500 евра по квадратен метар.
Хрватска стана втора најпосакувана земја за вложување во недвижности. Таа на вложувачите во недвижности им нуди можности за вложувања во деловни и станбени простори, што го потврдуваат и бројни меѓународни компании кои во Хрватска во последниве години ги има сѐ повеќе. Голема е побарувачката на индустриски и канцелариски деловни простори, а посебна предност на земјата е што има силна туристичка дејност која на вложувачите им нуди можност за купување или градба на недвижности кои можат да се изнајмуваат или да се препродадат.
Атрактивни земји за купувасње недвижности се и Кипар, Естонија, Унгарија, Летонија и Турција.