301. Само чекор од зломисла до злодело.
302. Политикантот еволуирал од човеколик мајмун како човек!
303. На некои сум им бил „интересен“! Само тоа?!
304. Стар бел дедо:
Ништо брзо и лесно на моиве старечки години.
305. Секогаш на сите им требаат пари? Не толку на оние што немаат, колку на оние што имаат!
306. Не се издржува долго со сомнеж и неизвесност истовремено.
307. Животот нè обврзува да го споделуваме видливото и да гледаме подалеку од него.
308. Близоста ни е сè подалечна.
309. Не непартиец, туку надпартиец!
310. Јас сум сè уште тука. Иако во години, исправен, стамен, достоинствен, деноноќно творечки активен. Непризнаен? Ако. Сеедно.
311. А вие со мене сè помалу на број. Јас сè повеќе болно сам.
312. Реалноста не би била реалност да не е многу повеќе каква што е, одошто колку што сакаме да биде.
313. Да, секој своја борба. Не и заедничка за победа?!
314. Предавство, велепредавство, измеќарство, страховладеење.
315. Безволие, самост, труење, болештини, алчност, корупција, кражба, беда на духот. Самоуништување, смрт, непостоење.
316. Богати партии на политиканти бараат доверба од беден и јаден народ за да владеат со него!
317. Примитивец, простак и полуписмен не само што не може, ами се плаши и бега од учена, опитна, мислечка, творечка личност. Само со неа народот напред.
318. Во мафијашка држава чесен и доблесен на власт не може долго жив и здрав.
319. Неизмерна и несфатлива омраза спрема мал, а голем исконски народ-македонскиот. Од злосторни наци-фашистички соседи, нивни слуги и платеници. Поддржани од „стратешки партнери“, навалиле да го испокрадат и да го збришат.
320. Творечки сум жив единствено на Интернет! Со сето мое грандиозно мислечко и книжевно творештво. Секојдневно, деноноќно, многу интензивно. Никаде и никако на друго место. Задоволен сум? Зошто да не?!
321. Нешто големо, нешто многу големо се „откачи“ од врвот на ридот и брзо се тркала прудолу!
322. Стварно ништо не ви значи дека сум мислител со најмногу свои објавени афоризми и други јадровизми на светот?
323. Малку знајно, значајно не само за мене:
Јас сум творец на првата лична енциклопедија на светот-Паноптикум. (Сега како портал на Интернет.)
Сигурен сум дека лични енциклопедии на Интернет допрва ќе се множат.
324. Страховладеење-неказнети и неказниви злосторства.
325. Искреност меѓу пријатели, итроштина меѓу непријатели.
326. За мафијашка власт Потемкинови села се странски инвестиции во земјата.
327. Повеќе заедно, а помалку ти за мене, јас за тебе.
328. Зарем на умни, опитни и учени треба да им се објаснува и црта мрачнинава во која тонеме?!
329. Вредностите не се споредливи.
330. Нема иднина за нас кога не признаваме, омаловажуваме и ништиме личности возвишени со дело.