За иконата и фреската

Потребно време за читање: 2 минути

Иконата е религиозна претстава, обично насликана на плочести парчиња дрво или на платно. Направена е според однапред утврдени канони, а се почитува во православните цркви, како на јавни места така и приватно.

Фреската е слика на ѕид изработена на свеж, неисушен малтер, со бои натопени во вода. Често е синоним за ѕидна слика воопшто. Се разликува од ѕидните слики изведени на сув малтер.

Ликовите на иконите се обично прикажани фронтално и во хиератична форма, па се стекнува впечаток како да му се обраќаат на оној што ги посматра. На иконите главно се сликаат Христос, Богородица, ангели, светители и избрани сцени од Светото писмо.

Добро познат тип на икона е тн. „неракотворбена“ икона на Христа (на грчки acheiropoietos), за која се верува дека претставува отпечаток на лицето на самиот Христос, а не е резултат на човечкото умеење.

Иконите се сметаат како средство за пренесување на присуството на оној што е насликан на неа. Често им се припишуваат и чудотворни својства.

За време на иконоборечкиот спор, на вториот собор во Никеја (787-ма година), е утврдено дека иконата сама по себе не е предмет на обожување (оти само Бог се обожува), туку на „почитување“. Во својата веќе класична изјава, Василиј Кесариски (умрел во 379-тата) вели:

„Почитувањето што му се укажува на ликот така преоѓа и на оригиналот“.

Инаку, иконоборечкиот спор настанал кога некои византиски цареви од 8-от и 9-от век, со поддршка на своите црковни приврзаници, го забраниле почитувањето на религиозните претстави (иконите) на Христа, на Богородица и на светители, и наредиле уништување на постојните, сметајќи дека таквото почитување е всушност идолатрија. Спорот настанал како кулминација на неспокојствата и неслогите кои долго се натрупувале. Сепак, иконоборството како појава на крајот не преовладало.

Пред сликањето на фреска целиот ѕид се премачкува со груб малтер, а потоа се прекрива со фин површината која ќе се ослика со еден замав. На така подготвената основа, која е дебела од неколку милиметри до 8 сантиметри, се пренесува, често со помош на квадратна мрежа, цртеж од картон. Изборот на боите е ограничен на пигменти кои хемиски не реагираат на вар.

Фреската бара вешт мајстор оти треба да се слика брзо, едноставно, без детали, имајќи го предвид и тоа дека боите, кога ќе се изуши ѕидот, ќе станат посветли. Дополнителни додавања и поправки можат да се изведуваат единствено со симнување на малтерот. Кај сушењето варот навлекува од воздухот јаглен диоксид, се карбонизира и се врзува со песокта и нанесената боја во тврд, сјаен, отпорен и во вода нетоплив спој. Така добиената фреска често се пополнува и се изработува со темпера.

Опишаната техника на фреско-сликање се развила околу 1300-тата година во Италија. Меѓутоа, сродна постапка кај осликувањето на ѕидовите применувале многу порано сликарите на египетските гробници, цејлонските и сијамските храмови, Асирците, Кинезите, Јапонците, уметниците на Маите и Инките. Во Егејската култура со оваа техника се слика од 14-от до 11-от век пр. н.е., а по походот на Александар Македонски фреската се шири низ целиот елинизиран Ориент. Сепак, нејзина главна област била Италија. Под влијание на византиската уметност, таа се „преселува“ во црквите и ја заменува скапоцената техника на мозаикот.

Во 17-от и 18-от век фреската ја потиснуваат големи слики на платно, кои се поставуваат на ѕидовите. Во 19-от се среќаваат осамени обиди за обновување на фреската во Франција, Италија и Германија, а во 20-от век се направени значителни напори за нејзино обновување како декорација на современата архитектура.

Leave the first comment