Годишните доба никогаш не биле само временска прогноза. Тие отсекогаш биле и јазик. Стар, длабок, скоро архетипски јазик преку кој човекот се обидувал да го разбере светот, но и себеси во него. Затоа во уметничките дела тие не се јавуваат само како климатски состојби, туку како знаци, слики и алегории: пролетта како јагне, јаре, џбун или цветен венец; летото како пламен, сноп жито или срп; есента како зајак, рог на изобилство преполн со овошје, гранка винова лоза и берба; зимата како студ, дожд, дива патка или тивка гола природа што се собира во себе.
И тука, ако застанеме само за миг, ќе видиме нешто многу поважно од обична смена на време. Ќе видиме дека човекот никогаш не ги доживувал сезоните само како делови од календарот. Ги доживувал како состојби на постоење. Како внатрешни доба. Како ритам на телото, умот, заедницата и цивилизацијата.
Кога науката го мери она што симболиката одамна го знае
Од научен аспект, сезоните денес најчесто се опишуваат на два начина. Во метеоролошка смисла, тие се фиксни тримесечни периоди што им помагаат на климатолозите и метеоролозите полесно да ги споредуваат температурите, врнежите и другите временски обрасци. Во северната полутопка, пролетта ги опфаќа март, април и мај; летото – јуни, јули и август; есента – септември, октомври и ноември; а зимата – декември, јануари и февруари.
Во астрономска смисла, пак, почетокот на сезоните се врзува со рамнодневиците и солстициите. Така, пролетта во северната полутопка започнува околу 20 март, летото околу 20 или 21 јуни, есента околу 22 или 23 септември, а зимата околу 21 декември. Во јужната полутопка овој ритам е обратен. Тоа значи дека кога кај нас е пролет, таму е есен; кога кај нас е зима, таму е лето.
Оваа смена не настанува затоа што Земјата е поблиску или подалеку од Сонцето, како што често народски се вели. Причината е наклонот на Земјината оска, поради кој различни делови од планетата во различно време од годината примаат повеќе или помалку директна сончева светлина.
Пролет – не само будење, туку ветување
Пролетта е умерено годишно доба, премин од студот кон топлината, од мирувањето кон движењето. Таа е моментот кога природата не само што се раззеленува, туку повторно се осмелува. Едногодишните растенија цутат, дрвјата пуштаат пупки, светот како да почнува да зборува поинаку. Затоа пролетта толку често е цветна, раѓачка и почетна. Не само во биолошка смисла, туку и во човечка. Во неа секогаш има нешто од првата надеж.
Во митолошка смисла, не е случајно што ова доба често се врзува со Хермес, гласникот на боговите, чиј римски пандан е Меркур. Пролетта секогаш носи порака. Таа доаѓа како глас дека животот не се откажал од себе. Дека под површината, и во земјата и во човекот, нешто повторно се подготвувало.
Лето – зрелост, светлина и привидот на изобилството
Летото е најтоплото годишно доба. Во метеоролошка смисла, на северната полутопка тоа се јуни, јули и август, а на јужната – декември, јануари и февруари. Во астрономска смисла, летото започнува со летниот солстициј, кога на северната полутопка денот е најдолг, а ноќта најкратка. Тоа обично се случува околу 20 или 21 јуни.
Но летото не е важно само поради топлината. Тоа во културната имагинација станува време на полнота – време кога животот изгледа дека се отвора без резерва. Светлината е долга, денот е широк, телото е поактивно, а светот изгледа како да ветува повеќе. Затоа летото лесно станува симбол и на одмор, и на празник, и на раскош, но и на онаа човечка илузија дека зрелоста е трајна.
Сосема логично, ова доба често се поврзува со Аполон – бог на светлината, музиката, поезијата и убавината. Во таа смисла, летото не е само топол воздух. Тоа е идеја за хармонија. За миг кога човек мисли дека го фатил животот во неговата најотворена форма.
Есен – богатство, берба и тивко сознание за минливоста
Есента е можеби најчовечкото годишно доба. Таа не доаѓа како шок, туку како увид. Листовите почнуваат да паѓаат, денот се скратува, боите стануваат подлабоки, а светот како да се враќа од раскош кон размислување. Во северната полутопка, метеоролошката есен е од септември до ноември, додека астрономската започнува околу 22 или 23 септември – со есенската рамнодневица.
Околу рамнодневицата, денот и ноќта се приближно еднакви, но не секогаш буквално и апсолутно исти на секоја точка од Земјата. Токму затоа есента не ја читам само како астрономски факт, туку како симбол на рамнотежа што веќе почнува да се накривува. Светлината сѐ уште постои, но веќе се повлекува.
Ова е време на берба, на плодови, на грозје, јаболка, круши, сливи, на собирање и чување. И додека човекот собира плодови, природата тивко почнува да се ослободува од вишокот. Тука е и нејзината симболичка моќ: есента секогаш нѐ учи дека зрелоста не е само врв, туку и подготовка за губење.
Не случајно, ова доба културно и митолошки често се врзува со Дионис – бог на плодноста, вегетацијата, виното и занесот. Зашто есента е токму тоа: мешавина од изобилство и крај, од сладост и распаѓање, од берба и меланхолија.
Зима – тишина, оган и собраната сила
Зимата настанува тогаш кога една полутопка е најмалку изложена на директните сончеви зраци. На северната полутопка, тоа е периодот кога деновите се најкратки, а ноќите најдолги. Астрономската зима започнува со зимскиот солстициј околу 21 декември, а метеоролошката ги опфаќа декември, јануари и февруари.
И тука има една од оние поубави вистини што ја рушат површинската логика: Земјата е најблиску до Сонцето токму во период кога на северната полутопка е зима. Тоа уште еднаш покажува дека сезоните не се последица на далечината, туку на аголот на светлината.
Во симболичка смисла, зимата е повлекување, но не и празнина. Таа е време на мирување, на внатрешна работа, на зачувување на енергијата. Дел од животните хибернираат, природата се смирува, а човекот несвесно почнува повеќе да живее навнатре. Зимата не е само крај. Таа е простор во кој животот се крие за да не се изгуби.
Оттука и митолошката врска со Хефест, богот на огнот, ковачите и металурзите, чиј римски пандан е Вулкан. Најстуденото доба е, парадоксално, доверено на богот на огнот. И баш во тоа има голема смисла: зимата не ја победуваш со надворешна светлина, туку со оган што ќе го сочуваш внатре.
Сезоните како календар на човековото постоење
За практична временска ориентација, човекот одамна ги следи промените на Сонцето, еклиптиката и годишниот круг. Таканаречената тропска година трае приближно 365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди, а токму тој несовршен однос меѓу астрономското време и граѓанскиот календар довел до различни календарски системи и корекции низ историјата.
Но зад сета таа астрономија и календарска точност, останува нешто уште посуштинско. Измената на годишните доба не е само природен процес. Таа е слика на еден развоен циклус: раѓање, растење, зрелост, гаснење. И важи подеднакво за човекот, за заедниците и за цивилизациите.
Затоа велам: сезоните не се надвор од нас. Тие се и во нас. Секој човек има свои пролетни отворања, летни занеси, есенски согледувања и зимски повлекувања. И можеби токму затоа овој симболички говор на годишните доба трае толку долго – затоа што не опишува само природа, туку постоење.
Во таа смисла, измената на годишните доба е и слика на митот за вечното враќање. Не како проста репетиција, туку како постојана измена меѓу животот и смртта, светлината и темнината, полнотата и празнината. И можеби токму тука е нивната најдлабока порака: ништо не мирува, но ништо не исчезнува без трага. Сѐ се менува, а сепак нешто суштинско останува во ритамот.






