Станува збор за мошне актуелна и комплексна проблематика која бара темелна промисла и елаборација. Односите помеѓу народите што живеат на просторот на Балканскиот полуостров во последниве години значително се подобри- подобрени во однос на подалечното и поблиското минато, но се уште помеѓу одделни земји соседи постојат ненадминати прашања и проблеми. Најсериозен, најступиден не во балкански, туку во светски рамки е оној што го има Данајската република (Грција) со името на Република Македонија (Македонија), односно негирањето на идентиетот на македонскиот народ во сета негова комплексност.
Доминантни во актуелните односи на Балканот се културата, етницитетот, регионализмот и пред се идентитетот.
Сите процеси на културната динамика во минатото и денес- акултурацијата, дифузијата, асимилацијата и адопцијата, се до културната селекција и резистенција, не можат да се разберат и објаснат без уважување на фактите на општествениот и културниот живот. Стручњаците за оваа проблематика истакнуваат дека присутноста и дејството на социокултурните детерминизми зборуваат за тоа дека етничите и националните идентитети произлегуваат од односот помеѓу општествената структура и културата на одреден простор. Исто така, треба да се наспомне дека односите на Балканот генерално се втемелени на културите и традициите на народите кои живеат на таа територија, а е познато дека е тоа мултикултурен (за жал, многу малку, безначајно интеркултурен), мултиетничен и мултиконфесионален простор. Особено ако таа- клултурата се третира антропосоциололшки- како начин на живот. Тоа ќе рече дека се протега на сите облици на човековата секојдневна егзистенција (персонална и општествена, мината и сегашна, елементарна и висока/есенцијална). Бројни истражувања, како оние на Вебер, Хантингтон и Фукујама, на културата и го повратија нарушениот дигнитет. Јасно е дека од културните односи произлегуваат сите останати социјални односи (економски, политички, класни, идеолошки, морални, едукативни, естетски). Во културата (заедно со традицијата) се обликуваат разновидните идентитети.
Токму поради значењето или, подобро речено, доминантната улога на културата, во односите помеѓу земјите на Балканот е мошне валидна тезата дека таа претставува онаа неопходна алка која реално ги интегрира народите. Со други зборови, таа претставува основа на идентитетот на одделните етнички групи на овој простор, но и на идентитетните разлики кои можат да претставуваат услов за соработка и просперитет, а не само меѓусебна одбојност и нетрпеливост.
Став на многумина учени: здравата и долготрајна интеграција може да се постигне само со подрржување и негување на културните диверзитети на сите етникуми, а одбојноста се јавува секогаш кога се инсистира на културна унификација и монолитност, што автоматски доведува до губење на соптвениот идентитет. Социолозите културата ја доведуваат во врска со општествените групи, како што се парцијалните (класи, слоеви, професии), но и со глобалните општествени заедници (народи, нации, човештво).
Секако дека едно од најважните, ако не и најважно е проектирањето на балканскиот простор во европската иднина, а имајќи предвид дека е таа сосема реална.
Етницитетот е најнепосредно поврзан со идентиетот. Значењето на поимот етницитет се изведува од племето како првобитен облик на социјална организација, заснован на заедничко потекло и традиционална митологија. Секој етницитет (кој може да има свој еквивалент во народот, нацијата, етничката група) претставува релативно заокружена целина на народносни (традиционални) и културни карактеристики- јазички, морални, обичајни, религиозни, естетски. Со тоа се формираат колективните и групните расположби кои создаваат чувство на припадност и заедништво, а се именуваат како идентитет. Припадниците на еден етницитет се разликуваат од припадниците на некој друг токму според идентитетот.
Етноцентризмот, пак, е заснован на чувството на припадност на етничка група (род, племе, народ, нација) која се доживува како основа на личниот идентитет и општествената интегрираност (културна, јазичка, религиозна, регионална, локална). И покрај се, идентитетите не се забарикадирани целини, ниту некакви забранети градови, па можат да се придвижуваат. На пример, културниот идентитет, како образец на заеднички искуства, мислења, јазици, верувања и вредности, може да биде дефиниран во национален, регионален или локален контекст (субкултура). Етноцентричноста е мошне присутна помеѓу етницитетите на Балканот и претставува сериозно оптоварување на односите бидејќи, како систем на поларизирани ставови, вредности и цели, добива водечка позиција. Со други зборови, трагањето по идентитет односно неговото засилување со коренување што е можно подлабоко го потиснуваат преиспитувањето на универзалните културни- духовни вредности. Таа- етноцентричноста ги величат и ги прават супериорни сопствените етнички групи, а другите се прикажуваат инфериорни, девијантни и помалку вредни. Последица се поттикнување на национален фетишизам и национална исклучивост, национален антагонизам, ексклузивизам, асимилација и дискриминација. Сето тоа може да кулминира со геноцидни пориви, што и се случуваше во поблиското минато во кризни- конфлиткни- воени подрачја.
Од минатото, од времето на колонизацијата на Африка, Азија и Америка, е познат и европоцентризмот- нехумана мисија во чии рамки европјаните всадуваа свои културни модели во автохтоните култури на поробените народи, а потоа или ги адоптираа или сосема ги уништуваа. На тој начин избришаа многу етницитети.
Во нашево време сѐ поголемо значење добива регионот како историско, социјално и културно конституирана територија. Меѓутоа, треба да се укаже на опасноста од контрадикторни ефекти на регионализацијата кога се врши спротивно од природните или историските основи на настанување на еден регион. Денес се почесто, наместо јасни државни и национални одредувања, се јавуваат заеднички именители (балкански, подунавски, црноморски, средноевропски регион). Тоа е содржано во една скорешно искована синтагма: Европа на региони. Се работи за очекување (реално или преамбициозно, ќе се види допрва) регионализацијата да биде фактор на развојот, интеграцијата и демократизацијата на балканските (националните) држави, но и стожер на формирање на заеднички систем на вредности и интереси на граѓаните од ова подрачје.
Една од поновите јазички кованици е и регионален идентитет, кој се повеќе се користи во политиколошко- културолошко- социолошката литература.Таа е одредница на плуралниот културен идентитет, а содржината му е единствен социокултурен систем на вредности. Познато е дека кај културниот идентитет основа на поистоветување (идентификација) претставуваат одредниците на заедништво, како што се расата, територијата, традицијата, јазикот, религијата.
Националниот идентитет содржи одредени својства на културниот, но се однесува на чуството на припадност и солидарност во рамките на етничките групи.
Регионалниот, пак, како и регионализмот, денес често се гледа како моќна брана на сепаратизмот, иредентизмот и погубниот шовинизам. Последниот, како екстремна и придружна варијанта на национализмот (исклучив или агресивен), се раѓа најмногу од стравот од загуба на сопствениот идентитет. Тој на Балканот кај одредени национални групи се јавува како реакција на европеизацијата., но не е негова специфика. На пример, во Холандија, Белгија и Шпанија се потенцираат културните разлики, особено јазичните дијалекти. Може да се случи, според предвидувањето на некои истражувачи, во Холандија за само неколку години да бидат признати дури пет официјални јазици! Тој процес веќе се нарекува балканизација на Европа. Постои внимателност, па и страв од транзиција на Блаканот во Европа, а тој е очигледно двонасочен, бидејќи Балканот не дели во целост исти културни стандарди со Европа.
Што се однесува на национализмот, постојат различни, дури сосема дивергентни сфаќања, а притоа се занемарува неговиот позитивен аспект кој и припаѓа на традицијата на цивилизираните земји на Европа, како што се Франција, Германија и Англија. Тоа подразбира позитивни емоции спрема сопствената нација, националната историја, култура и традиција, се до подготвеноста за поднесување на жртва како морален чин, дури и она најтешкото- полагање на сопствениот живот за татковината. Се до целосното уважување на други, како и разбирање за нивниот истовиден национализам. Несомнено, национализмот може да ги анимира креативните сили на сопствената национална култура, да придонесе за збогатување на дадена култура и да биде од корист при нејзиниот трансфер во тековите на глобалната култура односно цивилизација. Меѓутоа, треба да се внимава да не дојде до наметнување на етничкиот национализам како доминантна идеологија или етномобилизација која произлегува од колективистичките и тоталитарните проекти, буди национална еуфорија, а завршува со сепаратизам и ксенофонија. Затоа што тоа води кон потиснување на демократската мотивација и конечно затворање на културните кругови. Најсоодветно е во него да се вклучат културни одредници и цивилизациски вредности, но не на сметка на идентитетот и самобитноста, а едновремено во нацијата да се поттикнуваат стремежите кон демократизација и кон социјална интеграција на сите нивоа.
И покрај очевидната посебност на геокултурната историја и на етнорелигиозното богатство, на Балканот најчесто се гледа како на боиште на судири на цивилизации (западноевропска, византиско- православна и муслиманско- левантинска). Без сомнение, овој регион е познат, „докажан“ од дамнина како зона на конфликти во која етничките односи и идентитети се менуваат периодично- од затворени и монолитни, преку идеолошки програмирани, се до плурални и отворени, какви што познаваат демократски устроените друштва.
Терминот балканизација настана во втората половина на 19. век за со него да се означи настанувањето на низа мали држави врз урнатините на Турското царство. Веќе во средината на 20. век истиот термин во рамките на меѓународната политика поприми срамно значење. Стана синоним за поделеност и караница, за племенска исклучивост и трибализација. Народите кои беа во составот на Отоманското царство во текот на распаѓањето на Империјата создадоа сопствени национални држави. Бидејќи тие не беа втемелени врз демократски принципи, во општествата на Балканот беа присутни јасни етнички мотивирани поделби на мнозинство и малцинства. Политичките импликации на тие поделби се манифестираа во создавањето на разни стереотипи и предрасуди, како и во практицирањето на говорот на омразата. Ознаката „Балкан“ или „Балкански полуостров“ и денес е набиена со негативно значење, па се прави обид да се замени со „Југоисточна Европа“.
Дали е можно Балканот да се пренасочи во правец на негова европска иднина? Ова покренува и други прашања кои се однесуваат на влезот на балканските земји во Европската унија. Можеби најважно: ако тој влез е извесен, дали е тогаш подобро земјите да се вклучат поединечно или интегрално (како регион)?
Бројни социолошки истражувања потврдија дека концептот на регионализам засега претставува најдобар одбранбен бедем на агресивниот национализам. Доминацијата на национализмот, според Џон Кин, може да се оневозможи со јакнење на политиката на децентрализација и регионализација како нов општествен облик на организирање. Регионализмот овозможува афирмација на посебностите, секаде каде што населението се разликува врз расна, етничка, верска или јазична основа. Тој води кон надминување на анимозитети што се јавуваат по повод антрополошки, културни и социјални диференцијации. Меѓутоа, политичката практика открива и нешто неочекувано: boomerang efect од кој регионализмот, под одредени услови, може да го изнедри несаканиот национализам. Иако латентната опасност реално постои, сепак не треба да се живее во постојан страв од можноста еманципиран регион да може да создаде услови за сепарација по национален клуч и со тоа за сопствено прераснување во држава.
Концептот на тн. интеррегионализам, во кој големи надежи полага Б. Валденфелс, без оглед колку изгледа утописки, сепак го трасира патот од монокултурно општество кон мултикултурна односно интеркултурна заедница (проткајување, а не паралелизам на културите на одделните етницитети). Се смета дека ако на Балканот се гледа како на зона или регион во кој групи на луѓе делат ист географски простор и историска судбина и градат слични култури, тогаш тоа подрачје кај неговите жители, без оглед на разлчната етничка припадност, создава чувство на блискост, добрососедство и дава можност за пронаоѓање на заеднички интереси.
Она што е неопходно и се чини дека неминовно следи во наредниот период е изградба на заедничка, регионална балканска културна политика. Јасно е дека со неа би се активирал огромниот културен капитал, кој би требало да се стави во функција на севкупното реформирање на балканските земји. На тој начин културата на Балканот би станала битен фактор на вкупната социјална интеграција. Притоа се подразбира дека концепцијата на културна политика на регионот на Балканот треба да биде осмислена и реализирана во согласност со интересите, желбите и потребите на луѓето кои живеат на овој простор.
Планска, континуирана и кадровски оспособена културна политика (културни програмери, аниматори, менаџери) може да биде стабилен и најголем гарант на зачувувањето на целината на културното битие на Балканот и културните идентитети на неговите жители. Во тоа се содржани основните интереси на жителите на оваа територија. Се разбира, станува збор за политика втемелена на уважување на културните и националните различности на балканските народи и на негување на сите изворни облици на мултикултурен и интеркултурен живот, кој ќе придонесе за создавање и јакнење на меѓусебната доверба и толеранција.