Потребно време за читање: 2 минути

Честопати во приватната и јавната комуникација, а поради лична заштита и на сопственото искуство и знаење, особено кога донесуваме одлуки и решенија, запираме пред загадочните прашања:

Дали да прифатам компромис? Колку треба да бидам толерантен?

Па ако се случи одлуката или решението да се покаже како промашување односно личен пораз, обично коментарот е:

Бев премногу толерантен. Не бев доволно компромисен.

Во што е суштината на дилемата: „компромис или не”; „олку-толку, малку-многу толеранција”, односно на меѓупросторот помеѓу компромисот и толеранцијата

Најнапред да ги расчлениме работите:

Вообичаено е компромисот да се разбира и прифаќа како некаква спогодба помеѓу две или повеќе спротивставени страни, која е резултат на направени отстапки. Компромисот е всушност отстапка, извесно повлекување, чекор назад од заземена позиција за конечно да се постигне посакувана цел. Во основа, пред сѐ како морална категорија, компромисот има негативна конотација.

За компромисерите велиме дека знаат да се снајдат во секоја промена, мошне се адаптибилни. Но токму затоа, и поради нивната нерешителност, се неподобни за радикални, револуционерни пресврти. Бескомпромисните луѓе се борци, често тврдокорни, упорни, едноставно „горат“ во ангажманот, со пресметана можност и да „изгорат“ во него.

Прочитај и за ... >>  Романтичната љубов и простувањето

Што се однесува на толеранцијата, таа има поинакви, но сепак блиски значења, толкувања и употреба. Имено, таа е најнапред трпение, и тоа како подносливост на туѓи уверувања, погледи, ставови, аргументи, покрај сопствените, а во името на заедничката егзистенција односно коегзистенцијата, граѓанската слобода, демократските права итн. Тоа ќе рече дека толеранцијата не задира во личниот интегритет и личниот став, во сопствените сознанија и искуства, а не и во донесувањето на одлука. Во социјалистичко-комунистичката практика нетолеранцијата беше санкционирана, меѓу другото, и со вербалниот деликт односно со владеењето на едноумието.

Да се биде толерантен, значи да се има респект спрема туѓото и спротивставено мислење, да се уважуваат (не мора и да се прифаќаат) туѓите аргументи. Затоа што сопственото мислење е поставено јасно, прецизно и непоколебливо, затоа што сопствените аргументи се доволно цврсти, проверени и силни. Толеранцијата на некој начин е и фаза што му претходи на компромисот, во позитивна смисла. А воопшто земено, таа е резултат на едно достасано културно и цивилизациско ниво.

Прочитај и за ... >>  Национален идентитет

Меѓупросторот помеѓу толеранцијата и компромисот го освојува одлуката, и тоа во нејзиното суштинско значење: како свесен акт на волјата, како завршен чин на одлучувањето, на изборот на методите и средствата со кои најбрзо и наједноставно ќе се стаса до целта. Се разбира, со нужната компетентност која ги содржи знаењето и способноста. Во оваа смисла го прифаќаме и толкувањето на тн. егзистенцијални филозофи, кои токму на одлуката ѝ даваат посебно значење: како судбоносен чекор на кој човек мора да се осмели кога ќе се најде пред исконските прашања на сопствената егзистенција, прашања во кои може да откаже, да се забави, да се изгуби рационалната ориентација.

Нашево време бара и толеранција и компромис. Но пред сѐ бара одлука што содржи и ризик и храброст и компетентност. Најмногу јасна визија и цел кон која се стасува многу повеќе нетолерантно и бескомпромисно.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here