XXX
Живеалиштето на Дамјан Гласномисленикот
Не е намерно од мене што досега ниту сум го прикажал, ниту сум кажал збор-два за нешто во врска со живеалиштето на мојот пријател Дамјан. Може да не е ни случајно, ако се имаат предвид тековите и содржините на нашите средби, како и каков-таков план или концепт на моево дело. Но, во секој случај тоа е затоа што тоа-неговото живеалиште нема некое особено значење за и во врска со неговиот живот. Да, мислам на неговата самост, сиромашката живеачка наспроти или наспоредно со безработноста. А поготово неговата достоинственост и како мислечка и како творечка личност.
Неговото живеалиште без некое особено значење?Како тоа?!
Не е за чудење или изненадување. За Дамјан Гласномисленикот живеалиштето е еднакво на престојувалиште. Без оглед дали е привремено или трајно. И сеедно дали станува збор за стан, куќа, колиба или хотелски апартман. За него баш сеедно. Исто и дом? Не баш! Интересно е дека кога зборува за дом најмалку мисли на место за живеење. Мисли на семејство, кое го нема, мисли на родно место, на татковина, а неретко зборува и за црквата или храмот како Господов дом. Не го заборава и вечниот-гробот.
Ми вели:
-Според мене, не се со исто значење живеалиште и дом. Не се ни синонимни зборови. Живеалиштето и во буквална и во преносна смисла е место на живеење или ограден простор кој може да се зголеми, прошири, урне или разурне кога било, во какво било време или невреме. Може и да се замени со ново. Тоа значи дека е привремено, можеби временски точно детерминирано, и значи дека не е ни со цврсти темели ни со длабок корен.
Домот, пак, е, но не мора да биде место на живеење. Ни место. Замисли дом како семејство во дом! Трајно во трајно?! Незамисливо! Дури ни собрано околу домашно огниште. Кое, пак, го изедначуваме со родно место, со родина или татковина. Суштествено за домот е што тој се изградува од цврст или на цврст темел. Додека е жив се вкоренува сè подлабоко, а остава траги и откако ќе умре.
Да, да, домот не се урива, не се разурнува, не е ни временски ни просторно детерминиран строго сè додека постои. Може најважно: се напушта привремено или трајно живеалиште, но никогаш дом!
Мислам дека е доволно, во контекст на единственоста и постојаноста, само да ти ги спомнам црквата и храмот како Божји дом. Во него си каде и да си. Сеедно каде си живеел, каде живееш моментно и којзнае каде ќе живееш во идно време.
Што се однесува на вечниот дом, на гробот, тој…тој не е вечен! Трае додека има коски на погребани во него. Празен гроб е како мртов. Уништен од време и заборав.
Признавам дека неговово раграничување на живеалиштето од домот не ми е сосем прифатливо, поготово кога е збор за втемелувањето и вкоренувањето на самиот живот. Сакав да го прашам, но не го прашав: што ако плодната земја на која си соградил живеалиште или дом во меѓувреме или наскоро стане пустелија? На која и во која ништо не може да заживее, а потомците со време се отуѓат меѓусебно?
Живеалиштето на Даамјан Гласномисленикот е на источната периферија на градот, меѓу два облакодера. Тоа е мала приземна куќа од камења со еднаква големина, греди и лимен покрив, која видливо му одолева на минливоста и неговото живуркање. Со трем, дневна и спална соба. Разбирливо, дневната е преполна со книги, а освен нив има и трпезариска маса со две столици; на јужната страна мала работна маса со лаптоп и столна ламба, со дрвена столица пред неа; на средината двосед и фотелја со стаклена масичка меѓу нив. Во спалната плакар и брачен кревет од ореово дрво.
Дамјановата става, густата бела брада, мустаците и долгата седа коса, кои му го покриваат речиси целото лице, некако не се соодветни ни на собите ни на тремот. Очигледно му е премала приземната куќа.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. ЕУ наградува?!
Има некои домашни и странски-„меѓународни“ политички личности кои со своите настапи и изјави, па и со своите дејанија просто збунуваат. Човек не знае како да ги третира: како сериозни, искусни, мудри или, пак, како личности на кои не им е местото каде што се. Велам личности, а не лица со или без маски. Тоа значи препознатливи, со завиден „багаж“ на грбот или рамената, па и со стекнат ваков-онаков авторитет. А збунуваат не затоа што еднаш настапуваат вака, а другпат онака, еднаш го кажуваат „ова“, а другпат „она“, еднаш прават едно за едно-другпат друго за истото едно. Впрочем, тоа им е својствено особено на политичарите, а „меѓународните“ се разликуваат од домашните според вештината, наметнатата супериорност или прифатената инфериорност. Просто збунуваат затоа што ем на многумина им е нејасна позицијата на која што се, ем очебијно самите не знаат што треба да прават додека се на неа.
Еден поранешен „висок претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ“ (што и да значи таа) предложи наградување, а следствено и казнување. Каква награда? Па, на пример, „доделување“ на статус држава-кандидат за членство во ЕУ. Каква казна? Па, на пример, „недоделување“ на таквиот статус. За кого ја предложи? За Македонија. Го предложи тоа бидејќи ЕУ „сега не е многу расположена“ за проширување.
Просто само по себе се наметнува прашањево: може ли статусот „држава-кандидат“ да биде награда, сеедно заслужена или не? И во што се состои наградата? Во некаков пехар, медал? Во пакет! Не полн со играчки и други тракатанци, туку со обврски и прецизни рокови за нивна реализација. Тоа може да биде награда?!
Бидејќи сметам дека не станува збор за награда, туку за обврски од кои не може да се бега, јавно ги прашувам нашиве политичари:
Дали сте подготвени за обврски, макар и како „награда“? Ако сте, зошто досега и како власт и како опозиција не исполнивте односно не ги исполнувате? Или за нивно неисполнување како за сè друго е крив народот?
2. Разочараната власт и народот
„Биди реален, барај го невозможното“ не е и не може да ѝ биде својствено на која било власт. Особено не на демократски избрана, врз основа на оценка на ветувањата, заложбите, конкретните акции што се планираат, а со цел натамошен севкупен развој на земјата. На која било власт, а особено на демократски избрана треба да ѝ биде својствено следново: „Биди реален, прави го можното“. Па на власт на која ѝ својствено првото сосема очекувано ѝ следи разочарување. Може до таа мера што кај народот да предизвика сожалување.
Всушност, станува збор за самозалажување или, поблаго речено, нереален оптимизам од една, а од друга страна невешто замајување на народот. Најпрвин затоа што е неспособна да го оцени реалното, особено кога се во прашање прашања чиј позитивен исход не може да претставува предизборен поен. Не може зашто пред сè друго не е и не може да биде дело на едни без претходен, тековен или иден придонес на сите други.
Мислам конкретно на членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Кога е збор за НАТО подолго време се подготвува негова темелна реформа во правец на јакнење на неговата невоена компонента, а тоа значи своевидно „обезначување“, па и маргинализирање на неговото проширување. Што се однесува, пак, на ЕУ, еден од главните, приоритетните услови или критериуми за кандидатура за членство-почеток на процесот за зачленување бил, е и во иднина уште повеќе ќе биде економскиот. Од другитге е неизбежно да се спомне борбата против корупцијата и криминалот.
Самозалажувањето и замајувањето на народот е токму во реформата и приоритетните услови. Притоа, треба да се потенцира дека економскиот фактор (економскиот развој, слободен пазар, пазарен амбиент, услови за бизнис, инвестиции, инфраструктура итн..) е само (нај)приоритетен, но воопшто не е помалку важно активирањето на другите. На пример како поставениот-втемелен и во континуитет изградуван систем на вредности во сите сфери на животот.
Разочараната власт предизвика и предизвикува единствено сожалување кај народот. Имено, тој никогаш не бил и не е нереален оптимист, ниту може некој да го замајува со лажни ветувања, разубавување, „создавање на стварноста“ и слични нешта. А кога тој ќе ја види својата власт односно Влада разочарана, објавува повеќедневна жалост која трае до моментот на појава, пред негови очи, на реални луѓе (способни, стручни, компетентни, чесни, вистински државотворни), кои се подготвени да го прават и работат можното.
3. Утре ќе биде подобро? Без денес?
Континуитетот на животот, утврден и одамна покажан и докажан со нераскинливата врска помеѓу вчера, денес и утре, го негираат оние на кои им се дозволува (им се може) да им ја кројат судбината на други. А кога се во прашање тие самите-нивниот континуитет, нивното опостојување, коренување, нивниот идентитет, не дозволуваат за тоа ниту да се помислува, а камо ли да се расправа или нешто презема.
„Кој ќе преживее, ќе раскажува“ е стандардна фраза на измачени, фрлени во решителни битки, во „пеколни“ пресметки. За нас, транзитираните до измачување, важи малку изменета: „Кој ќе издржи, ќе има што да им кажува и докажува на оние што се одамна далеку пред нас, без никаква шанса да ги достасаме“.
Многу грешат оние што „гордо“ го квалификуваат народов како жилав. Не! Напротив, никогаш не бил ниту жилав, ниту тврдоглав. Бескрајно трпејќи и крпејќи, ја смислил или му ја смислиле „спасоносната“, а всушност погубната и срамна „мудрост“: „Наведена глава сабја не ја сече“. Велат, ја смислил или, ми се чини поточно, му ја смислиле уште од „турско“.
Како ни е денес? Овие од власта нè убедуваа(т), всушност се убедуваа(т) себеси убедувајќи нè нас: „Сè е добро, тргнавме напред, ама народот тоа уште не може да го почувствува“.Можеби до „блиска“ иднина ќе го научат како благодетите од нивното досегашно владеење да ги „чувствува“, но мене лично нешто сетики ми е сомнително кога го гледам и слушам нивниот предизборен слоган: „Македонија напред, не назад“. Каде е пораката за „чувствувањето“ сега од-до вчера?
Подобро денес со вчера за утре!
Значи: веќе не ветување, туку гарантирање подобро утре со „биднати“ денес и вчера.
Нешто што се слуша од сите, како од едногласен хор: економија, економија, економија…; во економијата е спасот и просперитетот на Македонија. Да, се согласувам. Но, што да правиме со непоправливите (како јас) на кои многу повеќе им „лежи“ културата, уметноста, спортот…? Со празен стомак не се прави („упразнува“) ништо од тоа? Ама јас од поблиското и подалечното минато на човековата цивилизација знам, нешто дури и од „два чекора напред-еден назад“, дека со празни стомаци едноставни, независни, слободумни, инвентивни луѓе создале генијални дела. Со кои обезбедиле иднина, не судбина! Да не станува збор за нешто друго? Да не не е сè, ама баш сè економија?
4. Закана како „лош однос помеѓу политичарите“
На 21.03.2007. година објавив колумна (поента) за една тогаш мошне „проблематична политичка епизода“. Вообичаено, помина како таква, како „секое чудо за три дена“, но остана забележана и од мене. Ако не за друго и за повеќе, како показ и доказ на политичка култура. Можеби и за ука и поука на сегашни и идни актери на македонската политичка сцена:
Недозволиво е да се прави обид за забошотување на толку сериозна работа како што е наводна закана упатена од претседател на држава. До кого било, па и до „незгоден“ политичар кој „провоцира, навредува и конструира”. Таков случај би морал да се истера до крај, пред сè од почит спрема јавноста и нејзината доверба.
Потпретседателот на ДПА, Мендух Тачи, јавно „обзнани“ дека добил закани од Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски. На 13.03.2007. медиумите ја пренесоа неговата изјава:
„Таква закана добив од Господинот Бранко Црвенковски. Мислам дека таквата политика уште постои со еден експонент, а тоа е Црвенковски. Сега на сите ни е јасно зошто Македонија боледува веќе 17 години, од вакви болни луѓе како него“.
Според Тачи, заканите се однесувале и на неговото семејство. Но, тој го предупредува Претседателот:
„Тоа само зборува за неговиот страв, за неговото мало срце. Што се однесува на семејството, знам дека тој е сам. Моето семејство има над 150-мина мажи. Мислам дека не би се дрзнал такво нешто да проба“.
Преку ваквите закани од Претседателот Тачи вели дека се отвораат и сомневањата околу авионската несреќа на Трајковски и атентатот врз Глигоров. Најави целосно расветлување на случајот.
Наредниот ден (14.03.) реагираше кабинетот на Црвенковски со став дека тој одбива да полемизира со Тачи, односно не сака да се спушти на неговото ниво:
„Претседателот на Република Македонија ниту досега дозволил, ниту отсега ќе дозволи да биде вовлечен во полемики или давање коментари по повод провокациите, навредите и конструкциите искажани во изјавите на Мендух Тачи“.
Меѓутоа, Тачи не отстапува од тврдењето дека добил закани од шефот на државата. Дури е конкретен: ги добил на средбата што во петокот ја имал Црвенковски со првите луѓе на УБК и Агенцијата за разузнавање. Коментира дека тие се oдговор на неговото обраќање пред две недели во Собранието кога тој, меѓу другото, го нарече „претседателот командант Коки“:
„Јас сум транспарентен политичар, транспарентно зборувам, зборувам само за политика. Стварно мислам дека тој е луд и нема да му поднесам кривична пријава. Или е во ситуација на халуцинации од кокаин и виски. Стварно мислам така. Ако ова го сфати за навреда, мислам дека нема право затоа што цела држава знае дека човекот ни седи под седативи, под кокаин и под виски и не го сметам за нормален“.
Потврда на заканите даде и заменик министерот на МВР, Рефет Елмази: дека во неделата, во хотелот „Стоун Бриџ“, се сретнал со првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов:
„Лично го прашав дали постои таква закана. Тој потврди да, на таа средба. И тој се чудеше од таквата реакција на Бранко Црвенковски“.
Беше прашано и Јавното обвинителство дали и како ќе реагира. Одговорот е: навредата на јавните личности и институции е декриминализирана според постоечките законски прописи. Двете страни може да се тужат приватно.
Но, ниту едниот, ниту другиот не најавуваат такво нешто. Засега ни МВР нема намера да реагира.
Два дена по изјавите на Тачи, пред јавноста се огласи и Претседателот со став дека во иднина нема намера да полемизира со него:
„Ние припаѓаме на различни културолошки нивоа, на два различни света и играме во две различни лиги. Со други зборови, на секое прашање што е поврзано со некоја од изјавите на Мендух Тачи ќе немам коментар“.
Очекувано, Тачи не мирува. Ќе бара институционално да се расчисти дилемата за наводните закани. Тој нема да го пријави случајот во МВР, ниту ќе покрене приватна тужба против Претседателот, но ќе го искористи своето право да покрене иницијатива до собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање, од која ќе бара да се повикаат на распит првите луѓе на овие две разузнавачки институции. Можноста за такво нешто, според претседателот на оваа комисија Есад Рахиќ, е речиси никаквa. Нема правнa основa според којa би ги повикалa на сослушување Мијалков и Наумов. Тачи вели дека во понеделник сепак ќе достави барање до Комисијата.
Очекувано или не, сеедно, СДСМ застана цврсто во одбрана на претседателот Црвенковски. Побара од премиерот Груевски исто така да се огради од неодамнешните изјави на Тачи.
Нема информации дали вчера Мендух Тачи го доставил своето барање.
Во меѓувреме, некои од „фабричките новинари“ се обидоа на случајот да му дадат меѓународна димензија. Пренесоа загриженост односно незадоволство на некои од амбасадорите во Македонија (што е и „нормално“), а особено („фабричкиот“ момент) поради „затемнетата слика на земјава која се проектира сè почесто“. Притоа, „најблаго“ ги оценуваат како несериозни изјавите на Тачи, но имаат тежина поради коалиционото партнерство (на неговата партија ДПА) со Владата. И „нормално“, тоа го поврзуваат со „акцентирањето“ на меѓународната заедница на потребата државниот врв да се фокусира на реформите, да функционира политичкиот дијалог токму во име на тие реформи. Не се заборава и на „годината кога Владата на Груевски очекува најава за членство во НАТО и извештај од ЕУ кој би антиципирал датум за преговори со Унијата“.
Од „фабрички новинар“ не треба да се очекува објаснување каква врска има наводна лична закана, макар и од претседател на држава, упатена до јавна- политичка личност, особено ако била предизвикана од провокации, навреди и конструкции.
Дали случајот ќе се забошоти, со „заеднички ангажман“, ќе се направи сè за што побрзо да се заборави односно извесно време да се памети само како една непријатна „епизода“?
Не би требало. Пред сè поради дигнитетот и рејтингот и на Претседателот на државата, но и на политичар односно потпретседател на партија- коалиционен партнер во власта-Владата.
5. Што е нашето во моето и твоето?
Кога во еден момент се поставува вакво прашање, нешто во редот и уредувањето не е в ред. А бидејќи кај нас од „една страна“ подолго време тоа се третира како најважно, најактуелно, најмобилизирачко, очигледно е дека многу нешта не се в ред.
Има уште нешто во овој контекст: вакво прашање (насловот) е прво и последно кога воопшто нема ред и уредување, па треба да се постави (ред) и воспостави (уредување, поредок, односи-помеѓу нација и нациопналности, мнозинска и немнозински заедници, брачно-другарски, искрени сексуални и секакви други), што ќе овозможи стабилизација на севкупните состојби, јасна визија и перспектива.
Има и трето во истиов контекст: ваквите и слични прашања се мошне валидни, сакам да речам дури единствени кога обратно-некои, нечии или некакви, какви-такви редови и уредувања треба да се растурат по секоја цена за со нивниот „позитивен“ придонес да не се влијае на други.
Што е наше во моето и твоето?
На ова прашање во ова наше сè уште неуредено, па и нестабилизирано општество мошне тешко е да се одговори, особено од перспективна гледна точка. Всушност, засега не може да се одговори. Од едноставна причина: прашањево не се однесува на некои категории, вредности и традиции од минатото и сегашноста, од трајните до бескрајните, како што се слобода, демократија, граѓански права, „о писменех“, култура и творештво, процеси и дела, туку на почеток од кој допрва треба да се почне. Звучи апсурдно и затоа што не постои таков почеток (со наше во моето и твоето).
Прашањево сè повеќе добива на значење во рамките на „рамковната рамка“. Некој со право ќе го постави како попрво следново прашање: зарем досега, во блиското и подалечното односно далечното минато, а особено во сегашноста има(ше) нешто наше во нешто мое и твое? Зашто, според логиката на нештата, сè мое и твое не може да биде наше. Во спротивно, не би било мое и твое.
Акцентот го ставам на „имаме“ бидејќи, и покрај нечии тврдења и надевања, не сме баш блиску до „имавме“.
Нешто се прави во рамки ако од моето и твоето правиме и направиме нешто наше. Бидејќи немам право да интервенирам во она што ни се поставува како приоритет во „рамка“ од други поставена, што значи морање, ќе се обидам да одговорам на прашањево како што е поставено.
Во моето и твоето засега сè уште нема ништо наше, освен она што е „рецидив“ на минатото; кое, пак, негативно влијае на сегашноста. Немаме ништо наше, освен она што мораме да го надминеме, да го урнисаме зашто треба, како што ни препорачуваат, да го заборавиме минатото и да гледаме само во иднината, ама нема проблем да го најдеме, направиме, создадеме откако ќе го утврдиме моето и твоето рамноправни. Притоа занемарувајќи ги, на пример, мнозинско-немнозинските релации и корелации. Нормално, во тоа утврдување може да се случи мое да стане многу од твоето, ама тоа нема врска бидејќи ќе се „поправи“ откако ќе видиме што може и дали може нешто да биде наше.
Да завршам:
Некои, особено од „меѓународната заедница“ велат дека е дојдено време да си го поставиме поставеново прашање:
Што е наше во моето и твоето?
Јас тврдам дека има уште многу за мое и твое што треба да премине во нешто наше. Затоа што кога станува збор за мое и твое не важи она: „Дај му прст, ќе ти побара рака“. Важи следново: „Сè дури некој дава, има кој да зема“.