9. Души
Монолог
Жива душа неугаслива. Во човек жив, по живот човеков. Како чувствување, како присутност, како постојаност, сетне како паметење. Таа не збори и не молчи, таа сведочи за нејзино живо време и остава своја трага по секое поминато, изминато, совладано, неизвесно, зломислено премреже.
Не, ова не е поезија за душата. Ниту како восклик, ниту како восхит по нејзино откривање, догледување или согледување. Ова е само збор за неа без зборови во него, откако една душа во две веќе нема никаков поттик за ново раѓање, за нова суштина на љубов. Ова е само мој збор за неа, без зборови во него, откако се успокои меѓу спомени. А зошто не е поезија? Просто затоа што ниту таа сама, ниту јас без неа, ниту ние заедно можеме да создадеме свет стварен и заумен само за нас, во кој мртви тела и предмети без кои тие не можат да заживеат играат безгрижно на земја и на небо. Едновремено и да летаат во простор меѓу земјата и небото пред изгрев и по залез на сонце.
Во овој мој збор за живата душа неугаслива прв проблем е нејзиниот опстанок во материјалниот свет. Не дали е тој можен, можеби е веќе доведен во прашање, или е последна цел на минливоста прифатена како неминовност, туку не е ли веќе нарушена рамнотежата меѓу него и духовниот, а како скорашен целосен пораз на човечкото во човекот. И тоа во најголема мера рамнодушно прифаќање, недавање никаков отпор, ни личен ни колективен, сè до уништување на животворноста без никаква трага.
Јас немам одговор, но имам сознание дека во светот, особено во индустриски развиениот, поточно во консумеристичкиот капитализам подолго време се случува процес на духовно разнебитување. Сè поголемо и подлабоко духовно осиромашување кое е директно поврзано со идентитетското во најширока смисла.
Јас немам одговор, но имам сознание дека две души во една, сплотени, изминуваат многу подолг пат, сеедно со цел или без неа, одошто една самотна. Притоа, ретко се случува патувањето да го завршат заедно, со еден последен здив. Но, тие и одделни, разделени егзистираат извесно време заедно во душевниот свет, споделувајќи секакви преживеалици. Луѓето одамна го прифатиле убедувањето дека таа заеничка животворност се огледува во тивко и постојано пламенче на восочна свеќа, а кое не гасне до нејзината последна капка.
Немам некакво сомнение дека душите и телата имаат свое заедничко време.
Ѝ дадов душа на една грамадна карпа откината од стара планина и надвисната над бистра река. Извишена толу што да може од која било далечина да ја види секој што има душа. Спокоен сум оти знам дека ќе биде со мене до последен здив или додека не се случи некој ветар да го угасне нашето постојано пламенче.
Дијалог
Прва душа:
-Ти си моја душа.
Втора душа:
-И ти моја.
Прва душа:
-Во душата си ми.
Втора душа:
-И ти во мојата.
Прва душа:
-Душо моја, со тебе јас во бескрај, без почеток и крај…Траење…Ни миг без тебе…И овде и негде и сегде заедно.
Втора душа:
-Ние две души, и со разбранети и со спокојни чувства…Нема никаква врска разликувањето на нашите внатрешни од надворешниот свет, нели? Особено кога ги имаме предвид разликите и раздалеченостите меѓу материјалното и духовното од една, а од друга страна нивната испреплетеност. Во таа смисла инсистирам на енергијата која ги врзува душата и телото.
Прва душа:
-Да, ама ние како две души меѓу вредностите на животот…Знаеш, оној што не нè прифаќа вакви оти не ни ги разбира длабочините и нашите пространства, најчесто инсистира на разликувањето на душата од духот. Пред сè кога станува збор за творечката димензија на човековото битисување…А нашите души и нашите тела во непорочна љубов.
Втора душа:
-Несомнено….Беспримерна.
Прва душа:
-Како постоење меѓу стварен и заумен свет. Не ту во едниот, ту во другиот, туку секогаш меѓу…Во нашите дела и нашите души и нашите тела.