21. Дваесет и прва епизода
Амбиент:
Прв: природа ноќе, со ѕвезди и месечина.
Втор: стан во Кулата-живеалиште на Македон и Европа.
Лица со гласови:
Трпе Трајќевски, Д-р Крале Марковски, Македон, Европа
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Трпе Трајчевски:
И така, при крај сме на научно- политичката сатиралија на Доктор Кралевски. Бидејќи знам што има уште во неа, почнувам искрено да жалам дека се ближи крајот. Особено според мноштвото разновидни настани и случувања кои се во тек, се одвиваат со веќе неподнослива леснотија на брзината. Просто се плашам дека предвидениот крај во трудот, кој ниту мене авторот не сака да ми го открие веројатно затоа што е резултат на огромните напори на сожителите во Кулата вавилонско-протомакедонска за евро-атлантско интегрирање, може да излезе разочарувачки. Ако судам според последните дискусии, на претходните состаноци, а особено според она што го најави претседавачот како ново барање на меѓународниот фактор, сè мислам дека крајот ќе биде крајно разочарувачки. Но, како што вели библискиот народ македонски: трпеж-крпеж. Ако на крајот добиеме крпеж, сигурен сум дека веќе ќе нема трпеж.
Д-р Крале Марковски:
Мислам дека многу работи досега докажав. Ми останаа уште сосема малку аргументи и факти, мои научни сознанија и искуства потврдени и преку животни искуства раскажани и прекажани од сожителите на Кулата.
Точно, Г-не Трајчевски, правилно насетуваш. Последното ќе биде само по себе наметнато во однос на напорите на оваа локална заедница со сопствени сили, независно и самостојно да се интегрира во ЕУ и НАТО, во глобалното село на Меклуан кое во последно време некои негови големи обожувачи настојуваат да го прекрстат во глобална метропола.
Трпе Трајчевски:
Драги мои, јас како дотичен Трпе Трајчевски, според некои Трајче Трпески оти сметаа дека е тоа сеедно, сега ќе ве пренесам во еден малку необичен амбиент кога станува збор за оваа научно-политичка сатиралија. Се наоѓам на ридот кој е колективна сопственост односно им припаѓа на сите локални заедници во блиската околина под него, а се користи за физичка и духовна рекреација. Моментно сум ставен помеѓу брачните сопатеници Т.И и Б. М., инаку сожители на Кулата вавилонско-протомакедонска. Ме повикаа да ми раскажат нешто што им се случило пред некоја вечер.
(Еден гонг)
Трпе Трајчевски: Замислете, пред едно неизвесно време на нивните глави паднала летечка чинија! Чинија, па уште и летечка?! Летала, летала, слетала од негде, тие се убедени дека долетала од Марс, и паднала врз нивните глави.
Еве како автентично се случило тоа:
Пред да падне, чинијата светела на сите страни. Им ја осветлила, просто им ја вжештила сета природна и неприродна околина. Просто ги ослепила. Како од сон да ги разбудила.
Т.М. исплашено ја прашал Б.М.: „Што чудо е она, моја Б.?“
„Не знам, мој Т., ова чудо досега не сум го видела. Ми е страв. Од каде да падне токму врз нашите глави?“
„Не плаши се, моја Б., чинијава ми личи на нашине што ги летаме од мене до тебе, од тебе до мене, кога не ни се усогласени мислењата и ставовите. Од каде ли долета, мајката?“
„Гледај, гледај мој Т., ама што е она? Што излегува од чинијана?“
„Тоа е некој… Леле колку е зелен и млад… Леле… тргна кон нас… Ама што му е на зелениов? Да не паднал од Марс?… Леле…“
Неочекувано, „зелениот“ им се обратил: „Добро утро“.
Т.М. и Б.М. отпоздравиле: „До… до… добро…у… утро“, а забите им се треселе, како вилици да имаат во устите.
„Како сте?“, продолжил да прашува „зелениот“.
„А… арно… арно сме… Ништо не ни фали“, успеала да одговори Б.М.
„Ви фали… ви фали… Знам јас дека ви фали“.
Го гледале Т.М. и Б.М „зелениот“ и се чуделе:
„Зарем може да е толку зелен? Како може да тврди дека нешто ни фали? Кој е овој?… Леле што големи уши има, што голема уста, ама мали нозе… А на челото некаква антена!“
Т.М. и Б.М. веќе не знаеле за себе, до несвест биле исплашени:
„Јас паднав од Марс“, -им се обратил „зелениот“.
„Од Марс?…Падна?…Како тоа?“, полека се смирил Т.М. „Зелениот“ по малку му станал дури симпатичен.
„А зошто падна?“, се смирила и Б.М..
„Паднав за да ви го донесам она што ви фали“.
„А што ни фали?“, го прашал Т.М. зачудено.
„Ние, Марсовците евро-атлантски, точно знаеме што ви фали, па решивме да ви помогнеме. Додека не успеете сами да си се помагате“.
„Што ни фали?“, го прашала и Б.М. зачудено.
„Ви фалат кредити? Ви фалат. Не знаете да се организирате? Не знаете. Не работите? Не работите. Имате транзиција и приватизација која никако да ја завршите? Имате. Имате криминал и корупција? Имате. Имате полит-бизнис олигархија? Имате“.
„Чекај, чекај малку „зелен“ ниеден“, реагирал Т.М. и почнал да се лути. „Кој си ти да ни удираш критика? Да не е поарно кај вас, на Марс? Тикви поарно!“.
„Поарно е, поарно е, како не е. Од арно поарно. Нам ништо не ни фали. Дури имаме и за извоз. Знаеш зошто? Затоа што сме интегрирани и функционираме плурално со мала доза на консензуалност. Ама не лути се. Сè што имаме ние, решивме да го имате и вие“.
„Кој си бе ти, суртук низаеден? Си паднал од Марс, велиш евро-атлантски, па мислиш и ние ќе паднеме како тебе“, ја фатил бес Б.М. „Ништо нам не ни фали. Врати си се од кај што си дошол! Сврти си ја чинијата и летај!…Од тебе подарок не ни треба. Поздрави си ги браќата и сестрите, блиските роднини и далечните пријатели, и гледај си ја својата работа… Нам ни фалело нешто. Како да не!“, викала Б.М, а Т.М. одвај чекал да дојде до збор и да продолжи:
„Ништо не ни фали! Разбра? Ништо!…Ако сакаш да те кредитираме, ќе те кредитираме. Ако треба да се организираме, ќе се организираме. Ако сакаш да ти ја измиеме зелената боја, ќе ти ја измиеме. Само ти посакај… Кој не работи, бе? Ти да ни кажеш не работиме, суртук ниеден. Ти! Ние не сме како вас, Марсовците, што само летате и паѓате. Ние сме работлив народ, да знаеш…И што транзиција, приватизација, корупција, криминал? Што полит-бизнис олигархија? Голема работа!…А бре, суртук ниеден, зелен ниеден, па знеш ли ти колку ние пари имаме? И твојот Марс можеме да го купиме… Кога ќе направиме рамковен договор помеѓу мнозинската и најголемата од немнозинските заедници, ќе видиш ти што сме, какви сме и што ќе бидеме“.
„Зеленииот“ одвај успеал да се избори за збор:
„Чекајте, чекајте малку луѓе, не жестете се. Што се лутите?…Немојте да навредувате, не е културно. Да, имам големи уши, ама тие не примаат навреди…Ако не ви фали ништо, в ред, ќе си одам. Само, немојте после да ме барате…“
„Тебе да те бараме, зелен ниеден!? Да знаеш: што ни треба, сами ќе си направиме. Помош не бараме…Видовме многу аир од помошта досега…“, продолжил да вика Т.М..
„Зелениот“ се свртел, влегол во својата летечка чинија и летнал.
„Што чудо беше ова, моја Б.?“ прашал смирено Т.М..
„Не знам, Т. мој, ова чудо досега не сум го видела. Од каде да падне токму врз нашите глави?“
„Добро е, падна, ама и летна. Ништо лошо не ни направи“.
„Тој не ни направи, ама ти направи, Т. мој“, му се свртела Б.М. на Т.. „Стопати сум ти рекла, научи да се воздржиш кога треба…Зошто му се изнавика на зелениот? Што ти требаше?“
„Ама, моја Б., и ти му се изнавика“.
„Нормално и јас кога почна прво ти!… Убаво ни предложи да ни даде, да ни помогне… Добро, беше зелен и млад, ама зошто го избрка? Лошо ли ќе ни беше?… Е, Т. мој, Т. мој, и ти ми се правиш како да си паднал од Марс… Така ти треба, да знаеш… Ајде, оди сега барај ги внатрешните пријатели, твоите сопартијци и нивните бизнисмени. Трчај по нив и моли ги да ни помогнат, да ни се најдат…“
(Два гонга)
Трпе Трајчевски:
А сега пред вас пак ќе настапат Македон и Европа, и тоа во друг амбиент: на меѓукатот помеѓу претпоследниот и последниот кат. Пред некоја минута го слушав Македон како и се жали на Европа: „Ах, што не можам да викнам“.
(Три гонга)
Македон:
Колкупати во денот ми се случува да посакам да викнам колку што ме држи гласот… Се разбира, често од потреба, но почесто онака, без врска, колку да викнам. Ама немам каде!
Ако викнам на работа, колегите и колешките ќе помислат дека од нешто не сум задоволен, па можат после тие да ми подвикнат: „Што викаш пред нас? Оди кај шефот, па викни пред него, нему развикај му се. Што сме ти ние виновни?“
Сакам да викнам на некој состанок, ама и таму ме сечат: „Не мораш да викаш, колега. Успокој се и кажи си го мислењето. Ние ќе те ислушаме со посебно внимание. Ако имаш нешто против, доволно е да кренеш само два прста и ќе ти дадеме збор. Не кревај го гласот. И онака си доволно гласен“.
Немам каде, а имам голема потреба да викнам, Европо моја. Немаш поим колку ми е голема. Колку што ме држи гласот. И…
Еднаш ми дојде добро решение. Во Градското кино се прикажуваше „Тарзан“. Којзнае од каде го ископале сиромавиот. Слушам, уште викал во џунглата како и порано, во добрите стари времиња. Решив, ќе одам да го гледам, па кога ќе викне тој, јас со него. Додека трае филмот, вројатно ќе си го истрошам викањето…Не, не оди. Бев, видов, не победив! Само што станав од седалото кога викна Тарзан, зад мене слушнав глас: „Седи! Тишина! Не си проѕирен“, и ми ја пресече намерата. А и викањето на Тарзан си има стил.
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Македон (продолжува):
Каде да викнам барем еднаш? Само еднаш, не мора двапати. Само еднаш!
Ми текна да појдам во блиската шума рано насабајле, пред да тргнам на работа. Таму ќе се изнавикам, па на работа ќе ми биде полесно она: работа без пари, приватникот цеди ли цеди и сè друго во врска со тоа. Белки повеќе нема да ме мачи желбата за викање…
Не, не оди. Бев, видов, не победив! Блиската шума беше преполна со луѓе дојдени не да викаат, ами да подишат чист воздух. Како да викнам пред нив? Зошто?
Подишав заедно со нив и се вратив дома.
Им завидувам на оперските пеачи и пеачки. Па тие викаат по цели два-три часа, а публиката со задоволство ги слуша, им аплаудира. Ех, што не сум оперист!
Што можам? Не ме родила мајка ми таков, надарен во гласот, и тоа ми е…Маки мои, Европо моја, живи маки. Да немам каде да викнам!
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Македон (продолжува):
Разочаран сум, тажен. Ниту ми се јаде, ниту ми се пие. Губам апетит. Веројатно си забележала.
Европа:
Да, Македоне мој, сум забележала, како да не. И да знаеш, почнуваш да ме секираш. Од ден на ден сè повеќе.
Македон:
Никако не ме остава внатрешниот немир. Таа пуста желба да викнам колку што ме држи гласот…
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Најпосле, конечно, најдов решение: можам да викнам дома!
Ти, моја Европо, ќе ме разбереш, веќе знаеш колку е голема таа моја пуста желба. Ако сакаш слушај, ако не сакаш затни си ги ушите.
(Музички ефект–10 секунди)
Европа:
Ех, и ден-денес не знам што ти се случи.
Македон:
Не знам ни јас, не ми е јасно…Ги направивме сите потребни подготовки, а кога решив-сега ќе викнам…Ништо! Пробав еднаш, пробав двапати, трипати…Што е ова? Каде ми е гласот? Каде ми е силата?…Не оди. Дојдов, видов, не победив! …Се скршив, изгубив секаква смисла за живот, за ориентација. Да не беше ти, Европо…
Европа:
Знаеш што, Македоне мој? Јас знам зошто не успеа. Затоа што, благодарение на тоа што си брачно-вонбрачен со мене, во меѓувреме си се европеизирал. Нам во евро-атлантската интеграција никогаш не ни е до викање. Оти викањето, знаеш, е одраз на примитивизам.
(Повеќе гонга едноподруго кои полека се стишуваат за на крајот да завладее цвелосна тишина.)