LATENTIA HRONICUS-Однапред и одзади, научно-политичка сатиралија за читање и слушање

Потребно време за читање: 6 минути

8. Осма епизода

Амбиент:

Визбена сала за состаноци на Советот на кулата.

Лица со гласови:

Трпе Трајчевски, Д-р Крале Марковски и Црвенко Државнички.

Трпе Трајчевски (по ѕвон на воловско ѕвоноп):

Пред почетокот на оваа епизода од, веќе можеме со задоволство да констатираме, од ден на ден сè попопуларнава сатиралија, нејзиниот автор, Д-р Крале Марковски, ќе настапи со неколку научни тези, но и со конкретни аргументи и факти од животно-судбински карактер. Наедно и мошне значајни за лична и колективна европеизација.

Д-р Крале Марковски:

Да, во оваа епизода на мојава научно-политичка сатиралија ќе презентирам еден од клучните моменти на евро-атлантската интеграција на Македон, како претставник на Кулата вавилонско-промакедонска, и на Европа како стара дама која во брачни води стапува одвреме-навреме, па може со сигурност да се тврди дека на тој план е мошне успешна.

Потоа, во кратки црти, преку устата на првиот од еднаквите во Советот, претседавачот Црвенко Државнички кој, патем речено, веројатно веќе сами забележавте, е мошне зборлест односно вокабуларен, ќе ви ја опишам глобалномислечката и локалнодејствувачката свадба на Македон и Европа. Таа беше организирана според европско-балкански норми и стандарди, а од компетентни меѓународни евро-атлантски експерти е оценета како уште еден успешен чекор во севкупниот напредок на сожителството и меѓуетничките мнозинско-немнозински односи, релации и корелации.

Се разбира, како и секој научен труд, и овој мој не може без рекапитулација и ребаланс, овојпат конкретно на свадбата. И тоа пред првите брачни бури, молњи и сончеви периоди, а што ги направија непосредните учесници во неа, непосредно пред првата брачна ноќ.

(Краток аплауз)

Трпе Трајчевски:

Почитувани наши слушателки и слушатели, судејќи според најавите на авторот на научно-политичкава сатиралија која ја следите во монолошко-дијалошка односно играно-документарна форма, елаборациите во неа стануваат и допрва ќе станат сè позначајни и поубедливи, а со оглед на аргументите и фактите кои се презентираат преку устите на главните и епизодните личности. Ве поканувам заедно со целосно внимание да слушаме активно, што значи со напор, за да запомниме што повеќе од она што следи.

(ѕвон на воловско ѕвоно)

Црвенко Државнички:

Добар ден, почитувани советници. На почетокот од денешнава седница најпрво сакам да истакнам дека глобалномислечката и локалнодејствувачката свадба на Македон и Европа беше организирана според европско-балкански норми и стандарди, а според информациите што ги имав на увид од меѓународниот фактор е оценета како уште еден успешен чекор во севкупниот напредок на сожителството и меѓуетничките односно мнозинско-немнозинските односи, релации и корелации. Тоа ми прави големо задоволство. Сигурен сум и на сите пратеници односно сожители на Кулата вавилонско-протомакедонска, а особено на евро-атлантските фактори, бидејќи тие се живо заинтересирани Кулата да успее да влезе во унијата и алијансата однапред и одзади. По овој успех, јас лично сè повеќе верувам дека тоа нема да биде многу тешко и ќе се случи брзо.

Меѓутоа, треба да се има предвид и искуството од претходната социјалистичко-самоуправна унија и алијанса која, без оглед што зачудувачки лесно но сосема оправдано поради познатите последици од националистичко-либерално-демократски карактер ја растурија некои деструктивни, дезинтегрирачки сили, служи за примерно поведение и угледно дејание. За кај некој да не се појави некоја забуна или небулоза, ова ќе го објаснам со неколку просто-проширени реченици.

Имено, според добрите евро-балкански свадбени обичаи, Македон и Европа, откако си ги проверија меѓусебните разбирања и толеранции, подготвеноста за конструктивен континуиран брачен и вонбрачен дијалог при решавањето на посложените проблеми, од типот на ставање во подносливи рамки на криминогено-корупционерските полит-олигархиски елементи и групации, независното судење и слично, решија конечно да се забрачат. Да не се детализирам, се работи за модерно забрачување, со сите балканско-европски традиционални елементи. Можам да истакнам дека од тој аспект беше и мошне интересна, особено во инкорпорирањето на традиционализмот во модернизмот.

Меѓутоа, морам посебно да се задржам на суштината на глобалномислечката и локалнодејствувачката содржина на свадбата како таква.

Првата значи дека и двајцата забрачени се свесни за улогата и значењето на бракот и семејството во однос на наталитетот. Како што е добро познато, речиси во сите земји влезени во Европа однапред и одзади, народите и малцинствата стареат, а тоа нема никаква врска со фактот што тие, за разлика од ние во Кулава, сè уште не се модернизирале односно не се трансформирале во мнозинска и немнозински заедници. Затоа брачното интегрирање го третираат како можна перспектива, освен натурализацијата, имиграцијата, емиграцијата, одливот односно приливот на млади мозоци и слично на тоа. Можна поради тоа што, особено од осамостојувањето односно стекнувањето на зависната независност на нашава Кула, се забележува делумна сличност на процесот на стареењето, пред сè на мнозинската заедница. Но, сè уште не дошла на дневен ред за расправање и решавање. Не е сигурна и од причина што, како што е познато од историјата на малите големи цивилизациии, нивното исчезнување се случило, меѓу другото или пред сè токму поради таквиот неконтролиран и на краток и долг рок нерешаван проблем.

(Удар на гонг)

Втората содржина-локалнодејствувачката, е обратно пропорционална. Тоа значи дека бракот има смисла и функција на локално обезбедување на човечки ресурси за натамошен развој на глобализацијата. Се разбира, во првата фаза главна улога ќе има Македон, како проверен капацитет, а Европа ќе ја преземе иницијативата по завршувањето на благосостојбата или благосостојбите, според природниот ред на нештата и развојот на унијатството и алијанството.

Што се однесува на локализмот, можам да речам дека тој би можел да се спореди со развојот на локалната самоуправа. На пример, таа се труди да се дистанцира односно осамостои од централната власт, а оваа, пак, тоа го дозволува колку да не се рече дека е против таквото територијално организирање на една држава.

Да се конктретизирам: Македон смета дека сè што ќе се изроди од Европа, односно од бракот со неа, треба да се вгради во организацијата на соживотот и мултиетничноста на мнозинската и немнозинските заедници. И тоа без никаков критериум. Од проста причина што е тоа веќе проверено и експертски оценето. Европа, пак, искусна, проверена дама, воопшто не размислува дали критериумите се на ниво или се можеби престроги, а особено кога се работи за децентрализацијата на централната власт во корелација со глобализацијата на светот. Во тие рамки, решавањето односно евентуалното прекројување на регионот, потесно на Балканот е најтесно во Кулава вавилонско-протомакедонска. Треба да нагласам дека и пред забрачувањето таа-децентрализацијата беше, веќе е во поодмината фаза, па централната власт единствено има можност да интервенира надвор од локалните територии, поточно во недефинираните. Каков што е, на пример, главниот град. На пример, таа токму деновиве најави дека ќе гради уште една Кула, близначка на нашата, која ќе биде во предност оти најверојатно уште темелите ќе ѝ бидат европски, значи уште пред да почне да никнува и да се извишува високо кон небото.

(Удар на гонг)

Инаку, што се однесува на свадбата како таква, мислам дека таа во последно време, за жал, станува највеселиот и најтажниот свечен чин за нашиот скорешен и нескорешен селски граѓанин. За неа тој е во состојба да даде сè од себе. Дури и срамот ќе им го подари на зетот и невестата, доколку тие без срам ја прескокнале првата брачна ноќ. Најчесто извикува: „Еднаш се прави свадба во животот“. Се случува да направи и две и три свадби, но тоа се вонредни ситуации и околности.

Денешните свадби малку личат на поранешните. Личат во пеењето и играњето на собраните домашни и гости. Неретко се случува домашните да бидат гости, а гостите да се чувствуваат како домашни. Различна им е и радоста на младоженецот и младоженката. Тој може да биде повесел од таа, но и обратно. Сè зависи од тоа кој каква позиција има намера да заземе во бракот.

За разлика од порано, родителите, младоженецот и младоженката можат да бидат ептен весели и среќни, ама можат да бидат и сериозно весели. Сè зависи од тоа што се случувало помеѓу младите во подготвителниот период.

Голема е разликата помеѓу сегашните и поранешните свадби во однос на цената. Се разбира, сегашните имаат многу повисока. Родителите, сосема логично, настојуваат уште на стартот добро да ги ситуираат идните брачни дами и господа, да не почнуваат од нож и вилушка како што почнале тие, ами најмалку со автомобил. А зошто да не може? Голема работа еден автомобил! Исто така и станбениот проблем им се решава уште на стартот. Или се решава на тој начин што младоженецот станува домазет, а младоженката домаќерка (овој термин доаѓа од народниот измеќарка), или се случува обратното-младоженецот да биде домаќин, а младоженката домаснаа.

Во последно време забележувам чуден тренд: младите сè поретко сакаат да прават свадби. Кога не би сакале старите, и младите не би сакале! Тие повеќе сакаат да се забрачат во матичното, набрзина да им се прочита првата брачна лекција, која одамна ја проучиле во сите детали, да се прекрстат в црква, па да му ја летнат на медена месечина.

А таа-месечината се посетува сè почесто. Медената месечина и порано си беше актуелна но, колку што ми е мене познато, на неа се одеше по првата непреспиена брачна ноќ. Сега, напротив, се тргнува од првото попладне, оти таа ноќ тие, младоженците, одамна ја минале недоспани.

Мислам дека свадбите како такви полека ја губат својата перспектива. Модерниот брак е нешто сосема друго од порано. Прво е послободен, потоа порамноправен, а пред сè и над сè полабилен. Склучувањето на бракот, пак, не трпи многу-многу церемонии. Денешните модерни младоженци и младоженки се сè помалку церемонијални. Или можеби се лажам? Не верувам.

Ете, засега толку од мене.

(Краток аплауз, гаснење на светлата и празнење на салата.)

Leave the first comment