ДУМА, ОПИТ, УКА 22

Потребно време за читање: 2 минути

22. Глад

Македонски народни пословици

Гладен од Бадник до Божик.

Гладна кокошка просо сонвит.

Гладен петел на бунишче не пое.

Гладна мечка оро не играт.

Гладот е најголема сила.

Гладот е најголема неола.

Глад се не трпи.

Гладен `рт и дивјачки јајт.

Гладниот `рт и кочани јајт.

Гладен волк постред село ојт.

Гладен коњ матна вода не гледа.

Гладен ќе заминеш през девет села, а гол ни през едно.

Гладен чоек суи кори гриза.

Гладна врана зајаци не носи.

Гладна кокошка куга се најаде излази на вр`о секој да а види.

Сита мечка стопан не припознаа.

Гладни очи не спијат.

Гладот очи нема.

Гладни очи не спијат.

Гладно куче кога се најаде не знае шчо прави.

Пословици од народите на светот

Галеб што седи-гладува, а оној што лета- се наситува. (Норвешка)

Гладна болва високо скока. (Летонска)

Во сиромашна куќа и Бог е гладен. (Корејска)

Гладта не гледа ништо освен леб. (Бугарска)

Ако некој ти каже дека гладта е подобра од ситоста, не му верувај. (Африканска)

Сита мачка глувци лови, а гладна низ куќа краде. (Босанска)

Луѓето гладуваат зашто оние надредените премногу јадат и даночното жито го собираат повеќе отколку што имаат право. Ете, затоа луѓето се гладни. (Кинеска)

Лебот на сиромавиот е посладок од лебот на богаташот, зашто гладта му дава слаткост. (Индиска)

Гладниот пес не се плаши од прат. (Јапонска)

Гладната мечка не сака да игра. (Турска)

Гладта е најдобар готвач. (Српска)

Гладта очи нема. (Српска)

Гладниот пес и на стопанот лае. (Српска)

Гладниот не го теши, туку нахрани го. (Српска)

Рекле,издумале

Гладта е слугинка на генијот.
Марк Твен

Тешко е да се биде паметен кога стомакот е празен.
Џорџ Елиот

Тешко е да се советува човек со празен стомак.
Махатма Ганди

На човек со празен желудник храната му е бог.
Вергилиј

Нека гладта повеќе не биде проклетство на работата, туку казна на безделникот.
Роза Луксембург

Ако е гладен непријателот твој, нахрани го со леб, и ако е жеден, напои го со вода.
Папа Јован Павле II

Гладта е најдобар готвач.
Ксенофон

Животот е гозба, а сепак најголем дел од наивците и натаму умираат од глад.
Аунтиј Маме

На оној што умира од глад не му треба наука, туку храна.
Тома Аквински

Стомакот е неумолив деспот и заповедник.
Тин Ујевиќ

Сè додека човечката популација расте геометриски, а прехранбените извори аритметички, човекот на земјата ќе биде гладен.
Томас Малтус

Секого можеш да го лажеш, но стомакот никогаш.
Сенека

Гладта е најдобар зачин на јадењето.
Мигел де Сервантес

Во светот на изобилството, искоренувањето на гладта ни е на дофат на рацете. Неуспехот во постигнувањето на таа цел сите нас би требало да не исполни со срам.
Кофи Анан

Најголем политички факт на светот е стомакот. Тоа е машина која придвижува сè.
Франо Супило

Сиромаштијата, гладта и болеста, ете што на луѓето им пружа нивната работа. Сè е против нас-ние издишуваме цел свој живот од ден на ден на работа, секогаш во нечистотија, во измама, а со нашата пот се сладат и прејадуваат други, и нè држат како пци на синџир, во незнаење-ништо не знаеме и во страв сме-од сешто се плашиме! Нашиот живот-ноќ, мрачна ноќ!
Максим Горки

Повеќе има глад во светот за љубов и почитување, одошто за леб.
Мајка Тереза

Leave the first comment