Потребно време за читање: 3 минути

168. Најближните

Можам многу, надолж и нашир да пишувам за мојата друшка, мојата животна сопатничка Гордана и за нашиот син единец Горан. Но, знам дека и таа и тој не го сакаат тоа зашто сметаат дека ова мое дело, без оглед на веродостојноста во него, е сепак дело на книжевник и обичен смртник, а не само на обичен смртник. Притоа, не ни помислуваат да расправаат со мене за неговата жанровска припадност. Го почитуваат и прифаќаат мојот став дека станува збор за специфична проза, најблиску до роман.

Да, мојата друшка и нашиот син не сакаат да бидат во ова мое дело, но јас морам да потенцирам за нив и за мене со нив некои нешта што ги сметам за особено важни во една биографија со белешки.

Мојата љубов и мојот брак со Гордана уште од почетокот беа и се стамени, хармонични, темелени на согласност, споделување, меѓусебна почит и во голема мера идентични погледи на животот. Тој, пак, го живеевме и фала му на Бога сè уште го живееме рационално, со голема секидневна егзистенцијална борба, со многу саможртви, со свест и разграничување на минливите и дребнавите нешта од вредностите и квалитетот на животот. Скромно и задоволно.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Љубовта ни почна во рана младост, на границата помеѓу крајот на тинејџерството и почетокот на зрелоста; млади ја крунисавме со брак, јас на дваесет и четири, таа на дваесет и две години, и еве ни трае повеќе од пет децении.

Во овие години на старост, крај на седмата (таа) и почеток на осмата деценија (Јас), не престанува таа наша егзистенцијална и саможртвувачка борба. Со многу грижи, малку спокојства и спомагања од блиски.

Најважно од сè што сакам да го нагласам и најмногу го почитувам: мојата друшка била и е пожртвувана сопруга, жена и мајка. Подеднакво на мојата новинарска и книжевна кариера. Растргната на сите страни, посветена еднакво на мене, семејството, одгледувањето, воспитувањето, созревањето и егзистенцијата на Горан и неговото семејство, на моето „ослободување“ од какви било секидневни домашни обврски и сопствените професионални обврски (веќе пензиониран службеник на железничко-транспортно претпријатие). Оние што ја познаваа(т) со право констатираат како „критика“ кон мене: „да не ти е Гордана, ти не би постигнал колку што си постигнал“.

Специфичен е нејзиниот однос спрема моето книжевно творештво. На шега често вели: „Многу од тоа што си го напишал е благодарение на мене, а многу е и од мене“.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Навистина е специфичен. Како воопшто да не е заинтересирана, а секогаш ми била (во последно време веќе не) прв и најголем критичар. Дури и „без зборови“. Од нејзиното реагирање и расположение знаев дали вреди, што не вреди во создадено дело. И само еднаш во текот на создавањето!

Најконкретно: само благодарение на неа моето поетско тело-поетската инсталација „Momentum“ виде светлина. Имено, таа буквално ја спаси од уништување! Долго ја создавав, седум-осум години се измачував со неа, „стасав“ до нејзината дванаесетта верзија и во незадоволство, лутина, всушност чувство на пораз решив да ја уништам-да ја искинам или изгорам. Таа не го дозволи тоа, успеа „некако“ да ме убеди дека „тоа е тоа“, нема потреба уште да работам на неа. Ме убеди и се убедив дека е сосем во право. Ја објавив во книжен формат (во 1981.) со извонредно позитивна критичка препорака за печатење од Миодраг Друговац. По објавата тоа мое дело го предизвика вниманието на некои видни критичари, а дури сега, по повеќе од четири децении го сметаат за „мошне важно и оригинално“ не само за моето творештво, туку и за современата македонска поезија.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

За нашиот син единец Горан би требало да пишувам посебно, во посебно поглавје на ова дело. Но добро, сега само ова:

Се гордеам со него оти е изградена личност, со многу знаење, опитност и инвентивност, со широки погледи на светот и критички однос спрема стварноста. Јас и мојата друшка постојано се обидуваме нему и на неговото семејство (сопруга и двајца веќе тинејџери) да му помагаме колку-толку. Секако, пред сè да му ја олесниме секидневната борба за стабилен и задоволителен животен стандард. Лично жалам што неговиот интелектуален-мислечки и творечки потенцијал не може целосно да дојде до израз и да биде соодветно искористен и валоризиран.

(Ова еднакво се однесува и на неговата сопруга (снаата Соња). Како и многу други на нивни средни години, кога се на „кулминативната точка“ на кариерата; и тие како машински инженери, со специфична, многу потребна и перспективна насока-индустриски менаџмент, досега не добиле никаква шанса односно можност да се докажат. Се на работни места сосем несоодветни на нивното формално образование.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here