Одамна е потврдено дека листата на професиите односно занимањата не е статична, туку се надополнува со нови во зависност од темпото на напредокот на технологијата и развојот на бизнисот. Денес во светот мошне брзо, речиси секојдневно се отвораат нови курсеви на факултетите. Во последно време и кај нас, при што предничат приватните.
Следејќи ги светските трендови, порталот MSN направи листа на нови професии кои во изминатите години речиси и не постоеја, а ќе се бараат сѐ повеќе. Притоа треба да се има предвид разликата помеѓу професијата и вештината:
1. Нови медиуми
Интернет како медиум денес во светот е еден од најбрзо растечките подрачја на новинарството. Студентите и сите оние желни за знаење го комбинираат традиционалното новинарство со додатно посетување на курсеви насочени на дизајнот и менаџментот на дигиталните медиуми.
Некои програми, во зависност од тоа за кој факултет станува збор, се насочени на компјутерските вештини и дизајнот на online медиумите, а други, пак, ги интегрираат комуникациските и дигиталните вештини.
2. Биотехнологија
Биотехнологијата ги комбинира биологијата и технолгијата за да се дојде до иновативни, напредни решенија на подрачјето на агрономијата, науката за храната и со тоа се поврзано во медицината. Тоа е интердисциплинарно подрачје кое обично опфаќа и деловни курсеви.
Биотехнолошките студии најчесто бараат магистериум кој е се побаран зашто ова подрачје станува се поинтересно и „поинспиративно“.
3. Органско земјоделство
Првпат во системот на образованието програма за органска агрикултура во САД се појавила во Вашингтон во 2006-та година. Потребата од знаење на тоа подрачје расте од ден на ден. Големите корпорации се исклучително заинтригирани да ја задоволат растечката потреба од органска храна и бараат работници кои го познаваат системот на органско земјоделство.
Иако овие студии не се сѐ уште распространети, сѐ повеќе се на број образовните институции во развиениот свет кои го разгледуваат воведувањето на ваквите програми. Ќе просперираат сите оние што ќе умеат да донесуваат решенија кои водат кон заштита на природата.
4. Е-бизнис/е-маркетинг
Ова подрачје се концентрира на купување, продажба и маркетинг на предмети на Интернет, а исто така може да вклучи и комуникација со потрошувачите, вработените, како и со деловните партнери. Барањата на работници на ова подрачје во многу земји растат побрзо од просекот.
Курсот за е-маркетинг е мошне чест на високите деловни школи.
5. Одбрана
Некогашната „Народна одбрана“, која се учеше на факултетите, поради ширењето на тероризмот поприми нови размери во светот. Америка набрзо по 11-ти септември 2001-та воведе курс по одбрана. Тој вклучува се-од психологија до опоравување по катастрофа, правен систем на земјата, како и ракување со убиствени материи. Постојат и посебни интензивни програми во траење од година ипол, по кои е можно да се добие диплома од народна одбрана и безбедност.
Како курс, ова подрачје е се позастапено на општествените факултети, од кои само во 2007-ма во САД дојдоа дури 85-мина студенти што ја завршиле оваа програма.
6. Дизајн на компјутерски игри
Оваа форма на дизајн не постоеше пред една деценија. Денес само во САД постојат повеќе од 150 курсеви насочени на дизајнот на компјутерски игри. Некои од нив се насочени на програмирање на игри, а други повеќе се занимаваат со визуелен дизајн.
7. Форензичко сметководство
Контроверзните околности што се случуваат поради се почестите корпоративни скандали во светот (финансиска и економска криза) го свртеа вниманието на растечкиот сектор на форензичко сметководство. Се разбира дека и порано постоеја такви занимања, но тоа е растечко подрачје на сметководството и се бараат нови начини на примена.
Форензичките сметководители се како детективи за „парични прашања“. Тие ги истражуваат сомнителните парични трансакции. Мораат да имаат широки знаења за работењето покрај сметководствените вештини. За повеќето кариери на ова подрачје треба да се има барем висока школа, а е баран и магистериум.
8. Интеракција човек-компјутер (Human computer interaction)
Human computer interaction (HCI) е насочен на пронаоѓање на начини како да се подобрат човечките искуства и работната практика со технологијата. Луѓето кои се специјализирани за овие работи истражуваат како технологијата влијае врз поединецот и организацијата.
Овие занимања постојат уште од 60-тите години на минатиот век, но се се побарани и посложени. Најчесто курсевите се воведуваат на информатичките факултети.
На интернетските новинари им се смешка растечка понуда на работни места.
9. Екологија и општество
Доаѓајќи пред ѕидот на очевидните промени на климата и разни други последици што ги предизвика човечкиот фактор со несовесното однесување, светот сега мора да се бори за зачувување на околината. Предметите екологија и околина се занимаваат со интеракција на луѓето и нивното природно опкружување.
Студентите на овие курсеви теориите од општествените науки ги применуваат на прашањата на законитостите на околината и, се разбира, на нејзината заштита. Се бараат се повисоки степени на образование на ова подрачје.
10. Нанотехнологија
Развојот на технологијата овозможува поголема контрола над материјата во минијатурни размери. Подрачјето на нанотехнологијата работи со системи на молекуларно ниво и може да се примени во разни дисциплини кои ги вклучуваат физиката, инженерингот и хемијата.
За разликата помеѓу вештината и професијата:
Под вештина се подразбира способност добро да се изведе одредена задача. Професијата, пак, претставува одредена работа што ја изведува вработено лице и притоа користи одредена комбинација на вештини за да придонесе во изработката на некое добро или услуга.
Некои вештини се корисни само во една професија (или за лична употреба), па дури можат да бидат неопходенм услов за занимавање со дадена професија. Тие се нарекуваат специфични професионални вештини и се резултат на специфично-професионална обука. Други, пак, како на пример способност да се пишува проза, се користат во повеќе професи, иако во одделни занимања имаат примат (журналистика). Лицата коии се уште не развиле силна преференција за одредена професија или не се сигурни во својата перспектива, можат да имаат повеќе корисности доколку инвестираат во вештини што имаат поширока примена.