Животните и земјотресите

Потребно време за читање: 5 минути

За предвидувањето на животните на земјотреси постојат бројни сведоштва. Во општи правила на нивно однесување пред тие да се случат се бегање на пердувести животни од езеро, кои во него повеќе не сакаат да се вратат, бегање на кокошки од кокошарник, прерано кукуригање на петли, бегање на домашни животни од куќи и штали, како и искокнување на риби од вода.

Најново научно сознание е дека и жабите предвидуваат земјотреси.

Некои сведоштва:

Во Фурланија пред голем земјотрес дивите животни, како срните, ја напуштиле шумата и се приближиле до селата. Јапонско и кинеско предание тврдат дека жабите бегаат од од своите живеалишта пред земјотрес, што е и докажано при негово случување во Ашкабада, во тогашниот СССР, во 1970. година. Кинеската мудрост, но и земјотресот во Баварија во 1910. година, потврдуваат дека притоа пчелите ги напуштаат своите кошници. Пред земјотресот во Лисабон во 1755. година од разни дупки почнале да излегуваат црви, со што е уште еднаш потврдено народното верување од Јапонија. Јапонците, пак, кои поради земјотресните карактеристики на своите острови веројатно имаат најмногу такви народни мудрости, исто така сметаат дека враќањето на птиците преселници се пореметува под влијание на земјотрес, а и инсектите се собираат во роеви, што е потврдено со фурланскиот земјотрес во 1976. година.

Истражувачите на земјотреси за речиси секој поразурнувачки пронашле претходни предупредувања од животинскиот свет, а кои, за жал, останале сосема несфатени. Првите податоци за тоа се забележани уште во 373. година пр.н.е., 5 дена пред земјотресот кај грчкото место Хелис. Тогаш сите животни, дури и стаорците, змиите, ласиците и црвите избегале од градот. На 4. декември 1690. година завивањето на кучиња во корушкиот замок Трефен, во Австрија, им ги спасило животите на жителите на замокот кој бил целосно разурнат од земјотрес. Земјотресот во Неапол на 14. август 1851. го најавиле свињи! Речиси десет дена пред тој настан се каснувале една со друга. Пред самиот земјотрес се огласиле и магарињата со необично викање. Ноќта пред земјотресот во Скопје дошло до немир помеѓу животните во зоолошката градина. Неколку дена пред земјотресот во Хсингтаи во Кина змиите излегле на снег, што се повторило во 1975. година во Хаиченг, кога месец ипол пред земјотресот стаорци се појавувале во сурии. 20 минути пред тој земјотрес, со јачина од 7,3 степени според Меркалиевата скала, желка излегла од вода и почнала да испушта крикови!

Уште нешто посебно за овој феномен: и растенијата пред земјотрес се однесуваат неверојатно. Со недели пред земјотресот кој во декември 1971. го разурна Јангце, процутеле стеблинките на компир, потоа ајдучката трева и кинеската зелка. Шест недели пред земјотресот во Хајхенг процутеле стеблата на кајсии, иако била зима.

Најново откритие:

Американски стручњаци утврдиле дека краставите жаби можат да предвидат земјотрес и оти поради тоа во колонии го напуштаат градот или местото на кое тој му се заканува. Како доказ навеле дека речиси сите крастави жаби го напуштиле италијанското гратче Аквила три дена пред разурнувачкиот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтер, кој се случи минатата година (2009.). Меѓутоа, тие се уште не откриле како овие животни можат да претчувствуваат. Претпоставуваат дека нивното претчувство е поврзано со потресите во јоносферата, највисокиот електромагнетен слој на Земјината атмосфера, кој тие можат да го почувствуваат. Исто така сметаат и дека овие животни можат да ги детектираат првите сеизмички знаци, како што се испуштање на гасови и наелектризирани честички, што за нив претставува вид на правовремено предупредување.

Уште еднаш, освен жабите земјотрес можат да претчувствуваат рибните, змиите и глодачите, но нивниот сензибилитет не е толку истенчен како кај жабите, така што овие животни можат да предвидат земјотрес само неколку часа пред тој навистина да се случи. Од друга страна, мравките сосема го игнорираат земјотресот.

Докторката по биологија Рејчел Грант, од Опен универзитетот во Англија, која се земјотресот во Аквила се занимавала 29 дена, во текот на кои собирала податоци пред, во текот и по самата непогода, престојувала во местото Сан Руфино, кое од ова гратче е оддалечено околу 74 км. Притоа забележала дека десетина дена пред земјотресот жабите почнале да се однесуваат чудно, а 5 дена пред сеизмичкото пореметување местото го напуштиле 96% од нив.

„Нашето истражување е прво кое потврди и докажа дека краставите жаби навистина можат да предвидат сеизмички пореметувања на земјата кои можат да се случат. Моето мислење е дека тие побегнале во предели кои се наоѓаат на повисока надморска висина каде што е помал ризикот од паѓање на карпи, раздвојување на тлото и поплави“, изјавила Грант.

Како стручњаците ги објаснуваат ови необични животински особини, чие точно толкување би помогнало за правовремено откривање на земјотреси и така да се намали бројот на човечки жртви? Постојат неколку, но ниедно не е доволно сигурно за да го сметаме за вистинито.

Едно е нивниот слух, кој е често посовршен од човечкиот. На пример, докажано е дека животните можеле да претчувствуваат и големи одрони на снег или карпи, а британскиот зоолог Морис Бартон опишал како рибите искокнуваат од водата кога низ патот ќе мине тежок камион. Значи, животните реагираат на одредена фреквенција на вибрации. Потресот можат да го претчувствуваат ако го најавува некој звук кој луѓето не можат да го слушнат, иако спомнавме примери кога потресот го предвиделе животни со слух сличен на човековиот. Стручњаците тврдат дека хипотезата за слушното предвидување на потрес не е точна и оти на тој начин не можат да се објаснат очигледните прогностички својства на животните пред потресот.

Друг аспект на објаснување на овие загадочни појави е во електричните полиња, кои влијаат врз одредени чувства кај животните. Познато е дека низ човекот кој стои на Земјината површина минува електрична струја со јачина од 1014 ампери, што врз него дејствува негативно. Во високите планини или на море човекот доживува ефект на електрично празнење или тн. „Оган на Света Елма“, при што потпукнувајќи му се крева косата на главата. Можно е атмосферските електрични полиња да влијаат врз животните посилно отколку врз луѓето, што потоа предизвикува директни психички пореметувања. Кај луѓето тие психички пореметувања не се битни, зашто единствено придонесуваат за чувствителност на промена на времето, но кај животните електричните промени на полињата се изразуваат во селење на гнездата и барање на „чисто“ место без влијание на атмосферскиот електрицитет, што потврдиле и опити со мрзливци и пчели.

Истражувачите заклучиле дека електричната напнатост може да биде значајна за животинското претчувствување на потреси. Брзото менување на електричните полиња би значело и предзнак на потрес.

Стручњаците го изучувале и дејствувањето на магнетното поле врз животните. Имено, познато е дека бројни животни имаат магнетни сетила кои им служат при ориентацијата во просторот. Најпознати примери се секако гулабите писмоносци и птиците преселници, иако е докажано дека магнетското влијание дејствува и врз пчелите, термитите, бактериите, инсектите и рибите. Јасно е дека тие животни можат да ги воочат промените на магнетното поле до кои доаѓа пред потресот, но е тешко да се верува дека би ги разликувале од вообичаените атмосферски магнетни бури. Затоа се смета дека промената на магнетното поле, која кај животните предизвикува дезориентираност но не и страв, не е причина за предвидување на потрес.

Набљудувана е и употребата на сетилото на мирис кај животните, со кое тие би можеле да почувствуваат евентуален мирис на излегувачки земјини гасови кои најавуваат тектонски пореметувања. Сите животни, освен мајмуните и птиците, имаат подобро сетило за мирис од човекот и таквата претпоставка е сосема логична. Но, животните со такви гасови и инаку се среќаваат, особено оние кои копаат дупки в земја, и мирисот на гас не им е ништо необично. При потрес се избезумуваат дури и птиците песнопојки кои мириси воошшто не чувствуваат, и тоа се го оспорува тврдењето за сетилото за мирис како главен откривач на потрес.

Единствено долгобрановите електромагнетни зрачења од земјата можат да се сметаат за можни физички предзнаци на потреси. Така барем тврди Хелмут Трибуч, автор на книгата „Предзнаци на потрес“, во која ги нагласува експериментите на американската морнарица со електромагненото зрачење, со кои го промениле курсот на летот на птиците преселници.

Сепак, конечен заклучок за можната причина за оваа таинствена појава кај бројни животни се уште нема. Преостанува научнциите и натаму да се занимаваат со ова, знаејќи дека со испитување на овие животински способности можат пред се да им помогнат на луѓето.

Leave the first comment