Стареењето и времето

Потребно време за читање: 4 минути

Сѐ уште не постои чудотворен лек што би можел да ја спречи појавата на физичките симптоми на стареењето и да го продолжи човечкиот живот. Прашање е дали некогаш ќе се пронајде.

Меѓутоа, постојат многу безопасни природни методи со кои можат да се намалат некои од тегобите поврзани со стареењето и да се остане во што е можно подобро здравје и расположение, за да можеме да уживаме до максимум во природниот животен век.

Стручњаците одамна констатирале дека стареењето е поврзано со сѐ побавната делба на ќелиите, со механичкото трошење на организмот, со постојаното намалување на бројот на мозочни ќелии, со генетските оштетувања поради разни фактори на опкружувањето и создавањето на слободни радикали како штетен исход од оксидацијата. Овие нестабилни молекули на кислородот настануваат во текот на нормалниот процес на производство на енергија во ќелиите, но нивниот број се зголемува поради причини како што се пушењето, нездравата исхрана и анксиозноста. Нивното дејство врз организмот во текот на стареењето подразбира губење на еластичноста на кожата, на крвните садови и тетивите, како и прогресивно слабеење на функциите на одделни органи и зглобови. Ако уште во младоста и средните години ги поставите темелите на доброто здравје, многу е поверојатно дека ќе го задржите и во постарите години.

Што се препорачува?

Физичка и ментална активност

Можеби нема да можете да ја спречите појавата на седите влакна или губењето на младешката мазна кожа, но можете да направите многу за да ги избегнете опуштениот стомак, менталната несреденост, слабеењето на видот, вкочанетите зглобови и многу други можни тегоби што ги донесуваат годините. Исто така, можете да се сочувате или барем делумно да спречите болести поврзани со староста, како што се Алцхајмеровата болест, артериосклерозата, артритисот и остеопорозата.

Важно е да ја сочувате физичката и менталната активност. Најдобар начин тоа да се постигне е да го сочувате интересирањето за она што порано ве интересирало и да останете друштвено активни, да негувате блиски односи со други луѓе, редовно да вежбате, здраво да се храните и да не пушите.

Важно е и кожата што повеќе да ја изложувате на дневна светлина поради создавање на доволно количество витамин Д, кој ќе им помогне на коските да ја задржат цврстината. Но, сепак бидете претпазливи и избегнувајте претерано изложување на ултравиолетови зраци во време кога се најсилни (помеѓу 10 и 15 часот).

Дружењето го продолжува животот

Негувањето добри односи со семејството и пријателите го подобрува и продолжува животот. Веројатно затоа што го ублажува стресот, го крева нивото на природните биохемиски соединенија кои го поттикнуваат пријатното чувство и пружаат додатни причини за живот. Дури и држењето на домашно милениче го продолжува животот поради намалувањето на стресот и снижувањето на крвниот притисок.

Пливање, аеробик, јога…

Погрижете се 5 дена неделно да имате барем половина час умерено интензивни вежби. Од тоа ќе се чувствувате посреќни, менталните способности ќе ви се зголемат, а здравствената состојба на срцето, белите дробови, кожата и очите и другите органи ќе се поправи. Посоветувајте се со лекарот ако не сте сигурни кој вид физички активности ќе ви бидат најзгодни, особено ако имате некои здравствени проблеми. Омилени форми на вежби на постари лица се пливањето или помалку напорниот аеробик. Вежбите со оптоварување на тежина како што се одењето, тенисот и танцот, помагаат во ублажувањето на остеопорозата. Јогата и таичи ја подобруваат еластичноста на организмот, а повеќето вежби до одредена мера ги јакнат и мускулите. Се покажа дека редовното занимавање со јога намалува разни видови болки кај постарите лица.

Правилна исхрана

Лицата што се хранат правилно и не патат од дебелина стареат побавно и во помала мера заболуваат од разни болести. Лошата исхрана-особено кога ја придружува недостиг на вежбање-може да доведе до таложење на сало на стомакот. Оваа форма на дебелеење носи зголемен ризик од дијабетес и артериосклероза, што може да го намали квалитетот на животот и да го скрати очекуваниот животен век.

Колку сте постари, системот за варење работи сѐ побавно, па ви е потребна квалитетна исхрана, со помалку рафинирани и масни продукти, а повеќе оние што се богати со антиоксиданти (бета-каротен, витамини Ц и Е, селен и цинк) и растителни пигменти (како што се флавоноидите).

Избегнувајте поголеми количества алкохол. Ако пиете алкохол, чаша вино на ден ќе ви го поттикне апетитот и ќе ја намали опасноста од срцеви заболувања.

Правилна нега на кожата

Забавете го стареењето на кожата со следните мери:

-заштитете се од претерано изложување на сонце;
-спречете сувост и набрчкување на кожата со секојдневна примена на овлажувач со заштитен фактор од најмалку 15;
-секојдневно нанесувајте на лицето помало количество масен антиоксидант. Направете го сами така што во лажица бадемово масло ќе додадете една капка гераниумово или масло од мајчина душица.

Масажа и ароматепарија

Поради општата корист што ја донесува масажата, помеѓу кои се подобрен крвоток и опуштање на мускулите, ова е одличен начин на одржување на здравјето, но и лечење од лошо варење, артритис и болки поврзани со стареењето. Замолете го пријателот или партнерот повремено да ве масира. Масажата ќе биде покорисна ако во лосион додадете етерични масла. Изберете ги според целта што сакате да ја постигнете.

За опуштање помешајте по две капки гераниумово, лавандино и сандалово масло, како и една капка масло иланг иланг, со две лажички непарфимиран лосион или масло од сончоглед или бадем.

За ревитализација помешајте по две капки масло од црвена жалфија, клека и рузмарин, со две лажички лосион или масло како што е наведено погоре. Предупредување за жените: избегнувајте ја оваа мешавина ако сте бремени.

Лековити билки

Лук: за да го зајакнете имунитетот и да ја подобрите циркулацијата, воведете во исхраната чешне лук или капсула лук.

Гинко: за подобрување на менталните функции (посебно паметењето) и циркулацијата, пијте секој ден по шолја чај од оваа билка.

Зелен чај: дејствува како антиоксидант и ја разредува крвта; испијте секој ден барем по една шолја од овој чај.

Женшен: за да спречите губење на либидото или општа слабост, секојдневно земајте малку измелен корен од женшен, како чај или во форма на таблета.

Ако поради стареењето се чувствувате потиштено или забележувате симптоми на некоја болест кај која природното лечење не помага, обратете му се на вашиот лекар.

Вклучување во жестока расправа, читање на книги и весници, решавање на крстозбори и играње шах или бриџ помагаат во спречување на одумирање на мозочните синапси.

Луѓето кои имаат редови полови односи живеат подолго, можеби поради емотивната блискост и физичката активност што ја дава сексот, ослободувањето од стрес благодарение на допирот и на зголемувањето на нивото на хормони кои се лачат во моментот на оргазмот, што ги шири крвните садови.

Како додаток на исхраната користете витамин Б12 и антиоксиданти како што се селенот, бета-каротенот и витамините Ц и Е.

Трудете се да ја задржите физичката и духовната активност. Луѓето кои уживаат во пријателство и имаат различни интересирања остануваат подолго во добра форма.

Leave the first comment