Барок

Потребно време за читање: 4 минути

Дали барокот е само стил од минатото кој одамна си го (до)кажал своето? Дали во некои основни елементи не продолжил до денес, не продолжува и во нашево време? Зарем е толку декадентен, та треба да се ништожи и карикира сѐ што оставил како цивилизациски дострел, како што се прави кај нас, а особено ако се (на)прави обид за постомодернистичко преземање на она што е израз на творечкиот гениј или доблест, како што е во светот-и со барокот и со романтизмот и со сите други „изми“ од далечното и блиското културно минато.

Овие и вакви прашања ги наметнуваат само припрости и неуки-необразовани луѓе, пред сѐ оние што не научиле во животот и стварноста да ги препознаваат вредното и естетското.

А доволно е да се знае основното-енциклопедиското:

Барокот е стил во ликовните уметности, архитектурата, книжевноста и музиката кој завладеал со Европа на почетокот од 17. век. Со називот barocco се сакало на почетокот да се означи нешто што е помалку вредно во однос на едноставните ренесансни естетски канони. Тој се доведува во врска со португалскиот збор barroco (бисер со помала вредност и со неправилен облик, што го создава болна школка). Најнапред означувал секој претеран уметнички израз, а потоа стилска епоха која ја наследила ренесансата, а се развила во рококо и траела до појавата на класицизмот пред Француската револуција (1789).

Барокот настанува во Рим, кој бил средиште на сакралното сликарство и архитектурата, но набрзо станува општо уметничко движење во сите европски земји со различни системи, од апсолутистичката монархија (јакнење на противреформацијата) до протестантските граѓански општества. Посебен процут доживува во неколку силни центри (Гермаија, Чешка, Австрија, Италија, Швајцарија), каде што се создадени специфични стилски варијанти.

Препознавање на барокот во ликовните уметности и архитектурата:

Во настојувањето да се поврзат архитектурата, вајарството и сликарството настануваат градби со разиграни предни страни и богато украсени во внатрешноста. Помпезниот начин на градење и украсување на дворците и палатите го форсираат владетелите и аристократијата, а црквата го применува истовремено со противреформацијата. Заедно со стремежот за јаки ефекти, архитектурата остварува и нови просторни решенија. Во скулптурата доаѓа до израз натуралситичкото сфаќање во моделирањето на човечкото тело, кое се прикажува во смели ставови и разиграни движења. Свртувањето во натурализмот е карактеристично и за сликарството. Во сакралните композиции преовладува патосот, а во митолошките теми актот. Со примена на перспективата се доловува илузија на длабоки простори (тавански фрески). Колористичките ефекти се постигнуваат со јарки бои и остро спротивставување на светлината и сенката. Пејзажот и мртвата природа стануваат самостојни сликарски теми, а во графиката бакрописот доаѓа до совршенство.

Стремежот за декоративност е доминантна во сите производи на уметничкото творештво, но и во куќните елементи (мебел), таписеријата и гипсот.

Архитектурата во барокот е крајно динаимизирана. Во црковното градителство се стреми кон што поголеми ефекти, се остваруваат нови просторни решенија од кои главно преовладува централниот тип на план на земјиште нагласен со купола. Предните страни се вознемирени и богати со ниши, столбови, волути, а препознатливи елементи се кругот (елипса), конкавноста-конвексноста (влдабено, испапчено) и општа разиграност на масите.

Во кралските резиденции и палати преовладува строгата симетрија на градбите и паркови (на пример Версај). Во градовите дрвените куќи се заменуваат со ѕидани, а градските и селските цркви се градат во барокни форми.

Барокниот град се темели на воената логика и е остварен во радијален план, обично осмоаголник со широки авении (Champs Elysees во Париз-моќ на богатите во кочии). Градот се шири околу четвртести или кружни плоштади опкружени со повеќекатници со неуредни заднини.

Плоштадите се главен елемент на барокниот урбанизам. Тие се главно затворени, со елиптичен план, динамизиран простор, организиран со помош на вертикални акценти (столбови, обелиск, фонтани). Најпознат е секако Плоштадот на Свети Петар на Бернини, од 1657. година. Тоа е кружен плоштад со четиристрана колонада од страна и отворен со улица наспроти фасадата на Св. Петар. Од обете страни на обелискот во центарот на плоштадот се наоѓаат две фонтани. Колонадата од столбови има двојна функција: го омеѓува плоштадот, а наедно сепак го остава пристапен. Постигната е рамнотежа на затвореност и отвореност на просторот.

Во книжевноста барокот се појавува пред крајот на 16. век, најнапред во Шпанија (estilo culto, гонгоризам), потоа во Италија (маринизам), Англија (еуфуизам), Франција (precieuses), а најпосле во Гермаија (тн. Schlesische Dichterschule). Се губи со појавата на рационализмот во 18. век.

Битни специфики се универзализмот, спротивставувањето на граѓанскиот систем на вредности на дворската култура и стремежот за друг свет наместо ренесансната животна радост. Во поетскиот израз се чувствува напнатост помеѓу античката форма и христијанската содржина, а во средиштето се чувствува мислата за минливоста на се што е земно. Се негуваат сонетот и епиграмот, со антитезата како омилено стилско средство. Севкупната метафоричка апаратура служи за да се прикаже надземното во земното. Врв се книжевните дела на Калдерон и Лопе де Вега во Шпанија, а негови елементи се наоѓаат и во делата на француските класицисти (Корнеј, Расин), во италијанскиот маринизам и кај германските новолатинисти (Балд, Грифиус).

Се издаваат многу поетики и се основаат академии за одржување на чистотата на јазикот и придржување на правилата за книжевните родови и видови. Под влијание на античките примери се создаваат многу епови, но без поголем успех. Од драмските дела најзначајна е езуитската драма која изобилува со проповеди од христијанскиот стоицизам и алегории за другиот свет, и која во себе настојува да ги обедини сите уметности, па така ја подготвува почвата за развој на европската опера.

Барокот во музиката опфаќа период приближно од 1600. до 1740. година. Како стилска најава и премин доаѓа порано, па се зема како рана фаза на барокот времето помеѓу 1570. и 1630., среден или висок барок околу 1530-1580 и доцен барок околу 1680-1740. година.

Наспроти ренесансниот повеќегласен (полифоничен) начин на компонирање, во барокот се развива монодијата, т.е. едногласјето со акордичка придружба, како последица на новите изразито индивидуалистички сфаќања. Таа акордичка придружба се остварува во форма на тн. генералбас, хармониски темел на секоја барокна композиција (според него музичкиот барок понекогаш се нарекува и период на генералбасот). Новиот однос спрема музиката се искажува во стремежот да се создаде музички израз кој би ги одразувал субјективните чувства и кој слушателите би ги возбудил (тн. stile concitato). Поради тоа во барокната монодија музиката се обликува според афективната содржина и смисла на текстот. Се создаваат сосема нови музички форми: арија и рецитатив, опера, ораториум и кантата.

Во инструменталната музика се изградуваат форми засновани на начелата на концертантниот стил, т.е. за барокот карактеристичното контрастирање на звучни маси: Concerto Grosso и солистички концерт (Concerto). Се развиваат и барокните типови sonata da chiesa и sonata da camera, во солистички и камерен состав (најчесто тн. трио- соната). Истовремено и натаму живеат наследените контрапунктски форми и техники, но пресадени во нови форми на солистичка инструментална музика (за оргули, чембало)- рицерцар,токата и фуга.

Најзначајни се италијанските барокни композитори, а помеѓу нив Монтеверди, Фрескобалди, Корели, Албинони, А. И Д. Скарлати, Перголези, Антонио Вивалди. Од другите попознати: Ј. Пахелбел, , Г.Ф. Телеман, Г.Ф. Хендл, Ј.С. Бах.

Leave the first comment