ЛАВОТ ВО ПРИКАЗНИТЕ
Лавот го среќаваме во голем број македонски народни творби (посебно во приказните за животни и во басните). Некои наши фолклористи имаат пишувано за појавата на лавот во македонскиот фолклор, но никој досега нема направено обид да даде одговор на прашањето: од каде е лавот толку присутен во македонските народни приказни, кога знаеме дека ова животно не живее во Македонија?
Сосема е јасно дека во фолклорот на еден народ се среќаваат исклучиво оние животни кои живеат (или живееле) во татковината на тој народ.
Така, на пример, во индиските приказни за животни и басни, најчести животни (покрај оние што живеат во целиот свет) се: лешинарот, змискиот цар, мајмунот, папагалот, тигарот, слонот и други. Во бурманските, често се среќаваат: крокодилот, слонот, тигарот, мајмунот и кондорот. Во корејските најчесто животно е тигарот. Во јапонските се среќава мајмунот, па дури и медузата. Во приказните за животни и басни на северноамериканските Индијанци, најчесто застапени животни се: белата сова, ѕвечарката, пантерот, куната, колибрито, црната мечка, бизонот, којотот и други (според: повеќетомната едиција на приказни од разни народи, Белград 1961-1963 г.).
Во македонските народни приказни за животни и басни, најчесто се среќаваат: мечката, волкот, лавот, лисицата, зајакот, магарето и други животни кои живеат во Македонија. Но, за разлика од нив, не постои ниту една македонска народна приказна во која се споменуваат, на пример: поларната мечка, пингвинот, јужноамериканската лама, австралискиот кенгур, сите видови мајмуни, индиската кобра итн.
Па, од каде тогаш лавот во македонските народни приказни?
Доколку појавата на лавот временски ја лоцираме исклучиво на т.н. „словенски период” се поставува прашањето: кому од нашите средовековни предци (кои речиси немале никаков допир со лавот), му текнало да создава приказни за животно што мнозинството од нашиот тогашен народ го немале видено никогаш во животот? Одговорот на ова прашање мислам дека не мора да биде така сложен.
Имено, малку е познато дека лавовите сепак живееле во Македонија, но тоа било во времето на античка Македонија (а секако и пред тоа). Потврда за ова имаме кај Херодот, кој сосема јасно пишува дека во Македонија во античко време живееле лавови. Историчарот Џ. Елис, пишувајќи за значењето на ловот на дивеч во античко-македонската економија, го споменува ова сведоштво на Херодот. Притоа читаме:
„Дивеч (во Македонија, з. м.) имало во изобилство. Херодот спомнува елени, диви свињи, диви кози и мечки, како и леопарди, рисови, лавови и пантери. Не е неприродно тоа што ловот бил значајна гранка на македонската економија и за нејзината младина важна вештина во здобивањето со машкост“.
Значи, еве го одговорот на прашањето од каде толкавата присутност на лавот во македонските народни приказни. Лавовите и навистина живееле во нашата татковина, но тоа било во времето на античка Македонија.
Индиректен доказ дека лавови живееле во Македонија имаме и кај Плутарх. Плутарх (глава 2, цит. дело) го опишува сонот на Филип Втори што го имал неколку денови пред да се роди неговиот славен син Александар. Овде читаме:
„Извесно време по свадбата и Филип се видел на сон себеси како втиснува печат на утробата од жена си, а на тој печат, му се сторило дека бил втиснат лик на лав. Еден ликиски пророк му рекол дека тоа значи оти ќе добие син кој ќе има лавовска моќ“.
Секако дека Филип знаел што е тоа лав, за да можел да го сонува истиот. А, тоа го знаел токму поради тоа што лавот тогаш бил мошне присутно диво животно во Македонија. Гледано од сегашен аспект, нам денес ни изгледа тешко сфатлива состојбата со непознавањето на флората и фауната од страна на припадниците на античкиот свет. Денес, преку средствата за масовна комуникација секој во својот дом може да се запознае со целокупната флора и фауна на целиот свет, но во минатото воопшто не било така. Тогаш луѓето ја познавале исклучиво онаа флора и фауна, која била присутна само во нивното поднебје. Секое ново сознание било примано како голема сензација. Така, на пример мошне интересен е случајот кога Македонците на чело со Александар Македонски престојувале во Индија. Откако стекнале сојузници меѓу Индијците, Македонците направиле експедиција, која со бродови се упатила по течението на реката Инд, се до Индискиот Океан.
Притоа е опишана нивната прва средба со китовите. Кога го виделе првиот кит, Македонците многу се исплашиле, но Индијците останале рамнодушни и им објасниле на Македонците дека тоа е само обично морско животно. Ова го спомнав за да сфатиме дека ниту еден жител на антиката не можел да ги споменува, да ги опишува (а секако ни да ги сонува) оние животни кои никогаш во животот ги немал видено. Значи, средбата со животни кои не живееле во Македонија можела да се оствари само преку патувања во далечните земји. А, бидејќи патувањата тогаш биле ретки и исклучително бавни и сложени, Македонците (но и другите антички народи) имале многу ретки прилики да се среќаваат со други животни. Ова значи дека тие можеле да ги опишуваат (а и да ги сонуваат) претежно оние животни кои живееле во Македонија. Токму таков бил и случајот со сонот на Филип Втори.
ЛАВОТ ВО АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА
Инаку, лавот го има и на поголем број античко-македонски монети и тоа претставен во форма на: глава на лав, лав со отворена челуст, лав во скок, лав во анфас, лав во профил, кожа од лав и други, и тоа уште од времето на Александар Први (498-452) па наваму.
Сепак, конечна потврда дека лавовите живееле во Македонија (но и во други европски земји) ќе приложиме и од стручната зоолошка енциклопедија, под наслов: „Цицачи (Илустрирана енциклопедија на животинското царство)“ од американскиот автор Иван Т. Сандерсон (објавена во превод во Љубљана, 1967 година), каде на стр. 161, во насловот за лавот (Пантхера лео), пишува:
„На почетокот на познатиот историски период лавовите ја населувале источна Европа, на север Романија, а можеби и Италија…Тие денес се ретки или сосема истребени во северна Африка, а исчезнаа и од Европа“.
Значи токму присутноста на лавот во античка Македонија го инспирирала античко-македонскиот народен творец да го овековечи преку приказни. Овие приказни подоцна се пренесувале од колено на колено и стигнале се до денешниве генерации, иако лавовите одамна ги нема во Македонија. Се разбира дека за време на сложениот процес на усно пренесување на овие творби низ генерациите, апсорбирани се и одредени измени во согласност со „временските станици“ на ова усно „патување“. Така, на пример, во некои приказни лавот со текот на времето го примил турското име „арслан“ и слично, но во суштина лавот останал до денес во македонската народна приказна.
Нема основа евентуалното толкување дека лавот сме го „позајмиле“ од фолклорот на другите народи, зашто во тој случај се поставува прашањето: зошто нема македонски народни приказни и басни за илјадници други животински видови, кои не живеат во Македонија? Доколку нашиот народен творец „позајмувал“ животни од поднебјата на туѓите народи, зошто тогаш нема македонски народни приказни или басни и за кенгурот, за жирафата или за анакондата?
Познатиот македонски проучувач на македонските приказни за животни и басни д-р Томе Саздов, во својата книга „Преглед на македонската народна проза“ (Култура, Скопје, 1981) на страница 33 е дециден во тврдењето дека во македонските народни приказни (конкретно во басните) се среќаваат исклучиво оние животни кои живеат во Македонија. Овде читаме:
„Во македонските народни приказни за животни и басни како јунаци најчесто се јавуваат: лисицата, мечката, волкот, зајакот, змијата, песот, арсланот (лавот, з.м.) и глушецот. Покрај нив се застапени и: мечката, јазовецот, магарето, петелот и врапчето, како и ликовите на другите животни и птици“.
Од горенаведениот список на животни, кои се најзастапени во македонските народни творби, јасно гледаме дека сите наведени животни (освен лавот) и денес живеат во Македонија. Па, од каде тогаш и лавот во овој список доколку приказните за него и навистина потекнуваат од средовековниот т.н. „словенски период“? Нема основа да се претпостави дека лавот тогаш бил донесуван во Македонија, бидејќи добро знаеме дека тој е диво животно, кое и денес може да се види само во зоолошките градини во оние земји, каде што не живее во природа.
Зоолошки градини во Македонија немало, што значи дека мнозинството од нашите предци од средновековниот т.н. „словенски период“ едноставно, немале речиси никаква можност ни да го видат ова животно, а камоли да создаваат народни творби за него. Па сепак, лавот е едно од најприсутните животни во нашите народни приказни. Поаѓајќи од фактот што лавот живеел во времето на античка Македонија, ни останува единствено толкувањето дека приказните за лавот имаат директно потекло од фолклорот на античките Македонци, бидејќи токму тие живееле заедно со лавовите во нашата земја. Без разлика на модификациите, што настанале низ вековите, како резултат на нивното усно пренесување, нема сомнение дека овие приказни во основа се создадени токму од античките Македонци.
ЛОВЕЊЕ НА ЛАВОТ
Можеби најстара македонска приказна за лавот е онаа за лавот и глушецот запишана од Кузман Шапкарев (бр. 140). Во неа, како што е познато, лавот фатил глушец и сакал да го изеде. Глушецот почнал да го моли да не го јаде, оти можеби еден ден ќе му се најде на помош. Лавот се насмеал, но сепак го пуштил. По извесно време лавот бил фатен во мрежа, од каде не можел да се ослободи. Тогаш дошол глушецот, ја изгризал мрежата и го ослободил лавот. Така му се оддолжил за тоа што не го изел. Д-р Томе Саздов пишува дека варијанта на оваа приказна била запишана на папирус уште во стариот Египет, па можно е античките Македонци да го примиле овој мотив во времето кога Египет бил составен дел од Македонската империја.
Но, нема никакви дилеми дека оваа приказна до нас стигнала од античките Македонци. Доказ за ова е и мрежата во која бил фатен лавот. Имено, во античка Македонија крупниот и опасен дивеч главно се ловел со мрежи. Доказ за ова имаме повторно во цитираната книга на Џ. Елис. Опишувајќи ја важноста за ловот на македонскиот човек, Елис го споменува и начинот на кој се ловеле крупните ѕверки. Овде читаме:
„Човекот, колку и да бил од висок род, додека не успеал да ја застрела првата дива свиња без помош на мрежа, бил должен, како што се вели, да седи на маса, наместо да се меша со оние кои се докажале како мажи“.
Она што не интересира од овој извадок е токму спомнувањето на мрежата како основно средство за лов на опасните ѕверки (дивата свиња, лавот и сл.) во античка Македонија. Тоа е токму онаа мрежа во која и лавот од приказната бил фатен, па побарал помош од глушецот. Мрежата за лов, спомната во горенаведената басна, е уште еден силен доказ за нејзиното античко-македонско временско лоцирање.
Неколку приказни за лавот има запишано и Марко Цепенков, кој својата запишувачка работа ја започнал некаде околу 1856-1857 година. Во книгата: „Цепенков – Светот на приказните” (приредена од Кирил Пенушлиски, Мисла, Скопје, 1982 год.) ги среќаваме приказните во кои лавот има главна улога: „Арсланот, мачорот и мачорчето”, „Арсланот и чоекот” и „Арсланот што му и пренесе магарињата на дрваро преку река”.
Но, лавот од античка Македонија не се задржал само во денешните македонски приказни. Овде секако е и хералдиката. Лавот го има на македонските грбови уште од 16. век, а истиот подоцна се задржал и како симбол на македонските ослободителни движења. Лавот бил присутен на знамињата на Разловечкото и на Илинденското востание, па дури го имало како симбол и во НОБ. Лавот е прикажан и на многу орнаменти во нашите цркви и други објекти (куќи и сл.), што мислам дека е доволно познато (и присутно) во нашата јавност.
(Преземено од: http://my.opera.com/makedonskiotnaroden genij/)