Потребно време за читање: 2 минути

Многу влади во светот, па и некои во најразвиените земји, веќе ја скратија или размислуваат за скратување на работната недела (најчесто на 32 часа). Главна, но не и единствена цел е зачувување на работните места. Притоа, најголемата дилема е колку таквата мерка е-би била ефективна и прифатлива.

Формулата која веќе ја применуваат фирми во Словенија и Германија, а ја анализира Хрватска, е мошне едноставна: пократко работно време поради намалување на обемот на работата и нешто пониски плати со значителни заштеди.

Како добри страни на скратувањето се сметаат заштедите на работодавачите, вработените не добиваат отказ, а продуктивноста не паѓа. Лоши, пак, се можно намалување на платите, помал обем на производството и можност од злоупотреби.

А уште во веќе далечната 2002. година францускиот „Нувел опсерватер“ објави прилог за тенденцијата за редукција на работното време која продолжува и во овој 21. век, а која треба да се остварува со пролонгирање на пензискиот стаж!

Прочитај и за ... >>  Најлоши занимања на 21-от век

Текстот го пренесувам во целост. Насловот:

Флексибилна организација

Историјата не беше љубезна спрема Карл Маркс. Ќе го оправда ли тоа неговиот зет? Уште во 1880. година Пол Лафарг се бореше за работниците кои, според него, не требаше да работат повеќе од 3 часа дневно и гласно го прокламираше „правото на комоција“. Во едно време кога децата ги туркаа вагонетките со јаглен по цели 12 часа на ден, тој се сметаше за визионер. Еден век подоцна, неговата порака стана актуелна. За жал, тричасовниот работен ден се уште не беше реалност, наспроти побарувањата на современата економија. Но не изгледа сосема апсурдно да се оствари еден ден.

Доволно е да се фрли поглед врз статистичките податоци за да се увериме во тоа. Во 1880. година просечната работна недела на Французите изнесуваше околу 70 часа. Во 2000. година легално стасавме до 35 часа. Ако оваа тенденција продолжи, со просечна годишна редукција, во 2100. година неделното работно време ќе изнесува 17,5 часа. или нешто повеќе од трите часа дневно што ги предвидуваше нашиот пријател Лафарг…

Прочитај и за ... >>  Играта

Се разбира, економската историја не се развива толку механички. И неминовниот пораст на бројот на пензионерите до 2040. година ризикува да им ја скуси можноста на вработените да одат толку често на плажа.

„Не е невозможно еден ден да оствариме 30, односно 20-часовна работна недела“, смета социологот Роберт Кастел.

Зошто? Бидејќи продуктивноста ќе продолжи да расте. Последниов век таа се помножи со дваесет благодарение на реализацијата на многу поефикасни производствени методи. Така што денес западњаците создаваат десет пати повеќе богатство со двојно помалку работа отколку во 1900. година. Благодарение на новата технологија, тенденцијата ќе се забрза. Заработувачката ќе се оствари со помалку работни часови.

Работниците и претпријатијата сакаат нова организација на работата, наспроти стариот модел од кој се инспирираше нашиот (единствен во светот) закон за 35-часовна работна недела.

„Денот и неделата не претставуваат повеќе добар пример. Отсега натаму ќе треба да се размислува врз индивидуална и врз годишна основа“, резимира економистот Жилбер Сет.

Прочитај и за ... >>  Политиката е (и) прагматика

Парцијално време, празнично отсуство, едукација, сабатна година…Вработените може да избираат да работат помалку или воопшто да не работат во одредени периоди од животот, за да можат да му се посветат на воспитувањето на децата, за да можат да го продолжат школувањето, да му се посветат на некој спорт, на некоја уметност…љубовна авантура.

Оваа флексибилна организација ќе овозможи безболно продолжување на активностите; ќе се работи помалку, но подолго, до 70 години, па и повеќе. За секого ваквата еволуција е вистинско откритие: оние кои имаат над 60 години подобро ќе се интегрираат во општеството (работата останува главна социјална врска), оние кои имаат од 25 до 55 години ќе имаат помалку пресија и, на тој начин, полесно ќе се финансира пензискиот систем.

Брзо кон утрешнината!
 

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here