Leaf Maple Tree Charlie Chaplin Fall People
Потребно време за читање: 2 минути

Ги заборавивте ли обичните луѓе? Дали сте вие (сѐ уште) такви? Какви?

Може да сте ги заборавиле, попрво да сте се издвоиле од нив, да сте станале дел од елитата, џет сетот, ама тие се насекаде околу вас.

Се разбира, ви пречат, би ги згазиле-прегазиле во чекорењето кон целта со чекори од седум милји: да стасате или, ако веќе сте стасале, да останете во високите кругови. Ама одвреме-наврме, сосема случајно ќе ви дојде потребата од некој од нив, па ете проблем: сте го изгубиле контактот, сте заборавиле како обично со обичните луѓе.

Дали сте вие (сѐ уште) такви-обични луѓе? Какви?

Во што е обичноста со која ги препознаваме, со која се препознавате како таков/ таква- обичен/ обична?

Обични луѓе: едноставни, простосрдечни, без маски на лицата, искрени, „наивни“ (во наводници оти, докажано е, воопшто не се такви; напротив, неретко намерно ни се прикажуваат како такви). Веруваат во луѓето, знаат и имаат животно искуство-умеат, мислат дека, сепак, оние што ги знаат и познаваат не се „расипале“ како другите до таа степен да станале „нелуѓе“.

Прочитај и за ... >>  Заблуди за сексот

Обичните луѓе се мудри и достоинствени. Она што не го знаат се трудат да го научат, а не се преправаат дека го знаат. Не умеат да лажат (нивните секојдневни, „ситни“ лаги се дел од итроштината-снаоѓањето), не умеат да им напакостат на други, на крадбата не ни помислуваат.

Обичните луѓе со задоволство дозволуваат да бидат употребени (тие сметаат само дека помагаат без пресметана вратка во иднина, оти „треба да си помагаме, луѓе сме“, „никој без никого не може“). Но, кога ќе осознаат дека се злоупотребени (поради искреноста и „наивноста“ обично доцна, ако не и предоцна), тешко на оние што ги злоупотребиле. Не, нема да им се одмаздат, туку едноставно ќе ги отфрлат од себеси (и со презир), никогаш повеќе да не ги сретнат на својот пат.

Обичните луѓе немаат маски на лицата, ама ги ставаат кога треба, кога некој ќе ги загрози нивната слобода, слободоумието, надежта, вербата и верувањето. Ги ставаат за да се одбранат од таквиот не-пријател.

Прочитај и за ... >>  Правила за исполнет живот

Обичните луѓе се материјално сиромашни? Да, ама само материјално. И за другите, не за себеси. Она што го имаат им е секогаш доволно, „фала му на Бога“. Поради таквиот став во животот никогаш нема да станат богати или, ако им се случи тоа, лесно (може) ќе им се случи да го изгубат дури сето богатство, а за тоа ич да не му се „секираат“ („Како дошло, така ошло“).

Всушност, тие се многу побогати од материјално богатите: во духот, здравјето, уката и поуката, живеачката.

Дали знаете дека обичните луѓе секогаш живеат, никогаш не живуркаат?

Сѐ помалку обични луѓе помеѓу нас, пред нас и зад нас? Да, поради „капиталистичкото раслојување“. Сѐ повеќе помеѓу нас, пред нас и зад нас од оние што таквите ги сметаат за глупави, неспособни, „маса за месење“-експлоатација, гласачко тело кое, кога ќе дојде време, ќе треба да се „обработи“.

Сѐ повеќе помеѓу нас, пред нас и зад нас припадници на елити, полит-бизнис кругови, партиски врхушки, мафија, бизнис олигархија, македонски џет-сет (оти нема врска со светскиот според „нивото“).

Прочитај и за ... >>  Кој знае повеќе?

Да не заборавам:

Обичните луѓе биле, се и (за)секогаш ќе останат само…луѓе.

Кои сте и какви сте вие?

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here