За брачната среќа

0
152

Колку чини една година брачен живот? Несфатливо, апсурдно, неприфатливо прашање? Каква цена на бракот? Зарем љубовта има цена?

Неколку европски економисти пресметале дека бракот чини 100.000 долари годишно!

Појава забележана и за загриженост: луѓето сѐ почесто го одложуваат запливувањето во брачните води. Со други зборови, сѐ е поголем бројот на возрасни кои уживаат во самотен живот, а тоа е резултат и на се поголем број на разводи.

Забележано е дека во последните децении бракот стана избор, а не неопходност. Утешува сознанието дека е задржана човечката потреба за размножување и идејата дека пронаоѓањето на сродна душа може да го направи животот поубав. Тоа го потврдуваат и студиите кои докажаа дека луѓето во бракот заработуваат повеќе и живеат подолго отколку самците.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести дури открил дека брачните партнери поретко пушат, пијат помалку и имаат далеку помалку главоболки и психички проблеми отоколку луѓето кои не се во стабилна врска.

Меѓутоа, ако чекате бракот да ви донесе среќа, можеби стоите на мошне несигурна почва. Зашто добриот избор на партнер е работа на среќата.

Огромен број на бракови завршува со развод. А психолозите, пак, истакнуваат дека бракот е главен извор на срерќа за поединци. Ширум светот луѓето го посочиле бракот како главен фактор на убавината на животот, поважен и од кариерата, општеството или парите.

Студијата која опфатила 24.000 германски парови го следела нивното чувство на среќа во текот на 15 години. Утврдено е дека сопружниците почувствувале пад на ентузијазмот и еланот веднаш по медениот месец. Потоа нивото на среќата постепено се враќало на предбрачната состојба.

Психолозите сметаат дека луѓето се наклонети на одреден опфат на среќа во зависност од генетиката, личноста и животните околности. Исто така, посреќните луѓе се обично друштвени, што имплицира дека имаат поголеми шанси да запознаат некого што ќе им одговара за брак.

Очекувањата од брачниот живот исто така играат голема улога во чувствувањето на среќата. Студијата што ја претставиле истражувачите од Флорида ја истакнала врската помеѓу процесот кој луѓето ги доведува пред олтарот и очекувањата за тоа како бракот ќе влијае врз нивниот живот.

Ако партнерите имаат високи очекувања, она што дотогаш го вложиле во врската мора да биде барем приближно рамноправно. Во спротивно, остануваат разочарани.

Како што покажале истражувањата, бракот навистина донесува среќа. Но за тоа е потребно нешто повеќе од согласност пред Бога и законот. Бракот не раѓа задоволство со никаква магија, туку со напорна работа и посветеност на партнерот.

А што е тајната на среќниот брак?

Како што покажа едно истражување, здодевноста е еден од главните „убијци“ на брачната среќа. Тоа опфатило 200 семејства пред развод и нивните адвокати.

Американската новинарка Ирис Краснов има посебен рецепт за решавање на тој проблем: самостојни активности и летувања.

Цела деценија оваа жена еднаш годишно заминувала на одмор без мажот. Кога синовите и биле млади, работела како советник во приватна компанија во друга земја, додека нејзиниот маж се грижел за семејството. Иако некогаш минувале и по седум недели разделени, нивниот брак станувал сѐ посилен.

До рецептот за брачна среќа дошла испитувајќи 200 жени кои биле омажени и дознала дека умерената дистанца е вистинското решение за здодевноста.

„Не можете да бидете среќни во бракот, ако не сте среќни надвор од него“, смета Ирис.

Една од најголемите заблуди за врската е вербата дека вашиот партнер е единствениот извор на среќа.

„Ниедно лице не може да ве направи среќна. Тоа е само ваше чувство. Кога живеете со некого, ќе бидете среќни само ако издвоите време да се откривате себе си и да бидете повремено сосема независни од партнерот“, смета таа.

За Краснова тоа значи дека сопругата нема да ја гледа барем неколку недели. За некои од жените што ги интервјуирала „бегството“ подразбирало патувања со пријателки или пронаоѓање на интересно хоби, што им дале можност да ја задржат индивидуалноста иако имаат семејство.

„Клучот е вие и вашиот маж да имате издвоени авантури, а не издвоени животи“, смета таа.

Ирис го ограничила времето што го минува без сопругот на три до четири недели годишно и научила да се чувствува пријатно, дури и кога тој не е тука.

Некои парови одат и чекор натаму, така што повремено живеат во различни куќи. Имено, дистанцата од партнерот ви дава одредена доза на самодоверба.

Студијата објавена во журналот „Семејни односи“ открила дека жените чии мажи се рибари или камионџии почесто ја преземаат улогата на „глава“ на куќата, зашто поради долгите отсуства на сопругот на тоа се принудени. Тие ги научуваат мајсторски куќните работи и вршат задачи на кои инаку им се посветувал нивниот маж, а за возврат добиваат повеќе самодоверба. Меѓутоа, не веруваат сите дека меѓусебната зависност е лоша.

Американски научници откриле дека паровите минуваат помалку време заедно од кога било, а премногу независност и самостојност може идејата за развод да ја направат поприфатлива.

Бидејќи ниедна крајност не донесува добро, можеби резултатот на брачната среќа е во „издвоеното заедништво“.

Ако со партнерот делите сѐ, но оставате минимум приватност, можеби брачниот живот ќе ви биде многу поинтересен.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion