Ветерниците би можеле да го спасат светот

0
34

Решението на сѐ поакутниот проблем на пронаоѓање на тн. чиста енергија би можело да се најде во ветрот. Студијата објавена во „Списание за геофизички истражувања“ заклучува дека силата на ветрот може да ги задоволи сите наши потреби од енергија. Ако би искористиле само една петина од таа сила, би можеле да ги замениме сите останати извори на енергија, вклучувајќи ги струјата и горивото за возила и греење.

Научниците на Станфордскиот универзитет во Калифорнија, автори на таа студија, ги анализирале брзината на ветрот и температурата на 8.000 метеорлошки станици во периодот од 1998. до 2002. година. Тие податоци потоа се искористени за да се направат мапи на кои се гледа каде брзината на ветрот е доволно голема за да може да се искористи за производство на евтина енергија.

Брзината на ветрот е поголема во крајбрежните области, а се утврдило дека Северна Америка и Антарктикот се најдобри локации за искористување на неговата погонска сила. Останатите подрачја со добри „ветровни ресурси“ се северна Европа, особено околу Северното море, самиот југ на Јужна Америка и Тасманија.

Иако силата на ветрот денес е недоволно искористена, нејзиното учество во глобалното производство на енергија постојано расте. На тој план предничи Германија, со 37% од светските капацитети, а потоа следат САД и Шпанија со по 16%.

Европа е посебно заинтересирана за зауздување на силата на ветрот пред се поради загадувањето на животната средина, предизвикано од емисијата на јаглен двооксид, и поради рестрикциите што ги наметнуваат ЕУ и протоколот од Кјото.

Така, британската Влада го олеснила добивањето дозвола за изградба на постројки кои произведуваат енергија од ветер. Меѓутоа, противниците на подигање на турбини тврдат дека тие го огрдуваат идиличниот селски пејзаж и ги загрозуваат птиците кои, наводно, масовно страдаат од острите елиси што се вртат со големи брзини. Освен тоа, тие укажуваат на големите трошоци на поврзување на турбините, кои често се наоѓаат во зафрлени краишта, со главните енергетски постројки.

Ако се покаже дека заклучокот на научниците од Стенфорд е точен, нема да биде тешко да се пронајде погодна локација за изградба на турбини, кои ќе бидат прифатливи за сите.

Напомнувам,  наведената студија е од „постар“ период (2005.), така што во меѓувреме заклучокот од неа е речиси потврден, а „ветровните капацитети“ за добивање на енергија во светот се зголемени и се зголемуваат со мошне силен интензитет.

Укажувам на нешто  што би можело да биде мошне брзо ефектуирано во мали земји како што е Република Македонија: индивидуална изградба на мини ветерници. Такви веќе се произведуваат во светот. Бидејќи брзо се враќаат вложените не многу големи средства за нивна набавка и поставување, со одредени стимулации (кредити, даночни олеснувања и сл.) би можеле да се увезат, да станат достапни и да „никнуваат“ како печурки по дожд.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion