Празникот Божик

0
53
Рожденството Христово Божик
Рожденството Христово Божик

Божик е празник во спомен на Исусовото раѓање во Витлеем, што се слави на 25-ти декември односно на 7-ми јануари (освен кај Ерменците). Празникот на овој датум, доведен во врска со датумот на зимскиот солстициј, го востанови царот Аврелиј во 3-от век по Христа. До 336-та година празникот станува христијански, бидејќи се поврзува со Христос, “Сонцето на праведноста”, и претставува почеток на литургиската година во Рим. Летописецот од 354-та година со овој датум го почнува својот попис на прославувањата на мачениците. Пред тоа, источната црква го прославувала раѓањето на 6-ти јануари, често заедно со прославата на Исусовото крштевање. Ерменската црква се уште го прославува на овој датум, како единствен празник, раѓањето и крштевањето на Исус.

Разликите во датумот на прославувањето на Божик, но и на другите верски празници, доаѓаат од догматските несогласувања помеѓу црквите и различните системи на мерење на времето.
Во Ерусалим во 5-от век само раѓањето било прославувано на 6-ти јаунари, но од тоа време декемвриската прослава била прифатена насекаде на Исток.

Математичарите укажуваат дека, ако се продолжи примената и на Јулијанскиот и на Грегоријанскиот календар, дел од православците Божик во 2101-ва година наместо на 7-ми ќе го слават на 8-ми јануари, затоа што Јулијанскиот доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години. Кај Грегоријанскиот тоа се случува по 3.300 години. Примената на Грегоријанскиот календар во православните христијански цркви почна во првите децении на 20-от век, и тоа на инсистирање на вселенскиот патријарх Јоаким. Меѓутоа, дел од калуѓерите на Света Гора, Ерусалимската патријаршија, Руската, Српската и Македонската православна црква, и натаму го користат Јулијанскиот календар, за разлика од Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската, кои го имаат прифатено Грегоријанскиот.

Што се однесува на Јулијанскиот календар, тој датира од 46-тата година пр.н.е., кога римскиот император Јулиј Цезар го ангажирал александрискиот астроном и математичар Сосиген да изработи нов, попрецизен. Тогаш во Рим се воведува календар базиран на египетскиот, со 365 дена поделени во 12 месеци, а наречен Јулијански според Јулиј Цезар. Во него секоја четврта година е престапна, а 366-от ден се додавал во февруари, кој бил последен месец во годината. Со него почетокот на новата година, кој дотогаш бил во март, е префрлен на 1-ви јануари. Овој календар е прифатен во 325-та година од н.е., на првиот Вселенски собор на тогаш единствената Христијанска црква во Никеја, а на кој учествувал и претставник на градот Скупи, во тоа време голем регионален културен центар, врз чии ѕидини е изградено Скопје.

Реклама

Многу подоцна е утврдено дека според Јулијанскиот календар годината е подолга за 11 минути и 14 секунди од природната соларна година, со што на секои 128 години се создава разлика од 1 ден. Во 16-от век таа достигнала 10 дена, што предизвикало проблеми во одредувањето на Велигден, најголемиот христијански празник што секогаш се врзува за пролетната рамноденица и првата недела по првата полна Месечина. Тоа била причината во 1582-ра година папата Гргур 13-ти да изврши ревизија на Јулијанскиот календар.

Според новиот, Грегоријански календар, годините се бројат од раѓањето на Исус Христос. Со була на папата Гргур 13-ти, денот по 4-ти октомври не се сметал како 5-ти, туку како 15-ти октомври, и така е анулирана разликата од 10 дена. Надмината е и разликата со природната година, со тоа што секоја четврта година не е престапна, односно последните години од вековите што не се делливи со 400 без остаток. На пример, 1900-та за разлика од 2000-та не е престапна бидејќи не е деллива со 400.

Инаку, претпоставката околу датумот на Исусовото раѓање потекнува од Клемент Александриски (тој го предлагал 20-ти мај), но вистинскиот датум останал непознат. Во Рим тој датум паѓал во времето на периодот на веселба која започнувала со сатурналиите на 17-ти декември, а таа иста веселба ја карактеризирала христијанската прослава. Нерјзината популарност во Рим се огледала во тамошното служење на три миси, од кои последната востановена, “Полноќна миса”, се покажала особено популарна во западната црква.

Англиските пуританци се обиделе да го укинат прославувањето на Божик со еден акт на парламентот од 1664-та година, но овој празник повторно станал популарен по воведувањето на Репубиката, и тоа се задржало се до денешен ден.