Од „црната книга“ на спортот: допинг

0
4

Користењето на недозволени средства (допинг) е поврзано со напредокот на модерната медицина и фармакологија, но е од многу одамна. Имено, пред 2.700 години старите Грци на своите древни Олимписки игри користеле одредени видови на габи за да ги подобрат своите перформанси, а Ацтеките за истата цел консумирале човечко срце.

Од поновата историја на одделни спортови:

Пред крајот на 19. век европски велосипедисти земале хероин, кокаин и шеќерни таблети натопени со етер. Освојувачот на олимпискиот маратон во 1904. година Том Хикс земал стрихнин и бренди во текот на трката. На Олимписките игри во Рим во 1960. година данскиот велосипедист Кнут Јенсен почина за време на трката поради земање на амфетамини, а слична судбина имаше и познатиот британски велосипедист Томи Симпсон за време на трката „Тур д Франс“ во 1967.

Загрижувачка ситуација денес: допингот се повеќе го користат и рекреативците и младите спортисти. Шокантни се податоците за САД и Канада, од повеќе различни студии: речиси 5% спортисти на возраст до 14 години користат андрогени анаболички стероиди, најпознати препарати што се користат за допинг, а 15% почнале да ги земаат пред 10-тата година. Меѓутоа, треба да се имаат предвид и други средства со различни ефекти, како што се хуманиот хормон на растот и еритропоетин, амфетамините и креатинот-моментно најмногу „во мода“.

Суштинско е дека веќе долго во спортот не е важно само да се учествува, туку е потребно и да се победува. „Логичкиот“ ред: победата донесува слава, а славата значи пари, па спортистите земаат допинг дури и по цена на сопственото здравје. Црниот пазар, пак, заработува милијарди долари од продажба на овие препарати. Тоа значи дека е илузорно во некое „блиско-далечно“ време да се очекува допингот да исчезне.

Дефиницијата на допингот на Меѓународниот олимписки комитет гласи:

„Под допинг се подразбира користење, земање и давање на странски супстанции или поголеми количества на супстанции на човечкиот организам кои тој нормално ги содржи, со цел на вештачки начин да се стимулираат, односно се зголемуваат натпреварувачките способности на спортистите, што е во спротивност со спортската етика како и со физичкиот и менталниот интегритет на спортистите“.

Стручњаците најмногу ги загрижуваат се почестите смртни случаи поврзани со спортот и во него. Повеќето од нив, ненадејни, на возраст помеѓу 30 и 35 години се последица на органски промени на срцето кои можат да се утврдат со обдукција. Најчесто доаѓа до хипертрофична кардиомиопатија и аномалии на коронарните крвни жили. Кај спортистите над 35 години како причина за прерана смрт најчесто се смета атеросклерозата, веројатно со аритмии во завршна фаза.

ДДР на ОИ во Сеул 1988. година освоија повеќе медали од САД и СССР. Нивните пливачки на Европското првенство 1993. година освоија злато и сребро во сите дисциплини, освен во штафета каде што немаа право на втор состав. Во периодот 1974.-1987. година на 6 ервропски првенства источногерманските пливачки освоија 83 медали, а остатокот на Европа само 5! Слично беше и на ОИ 1967., 1980. и 1988. година- ДДР пливачките освоија 32 златни медала, а остатокот само 10. По падот на Берлинскиот ѕид почнале да паѓаат и резултатите на источногерманските пливачки: во Барцелона 1992. година само едно злато, а во Атланта ниедно. Но, со преминот на источногермански тренери и стручњаци во Кина, во оваа земја мошне брзо се развија пливањето и атлетиката. Пак се јави пристапот: „Сите сме чисти додека не не фатат“. Кинезите почнаа да поставуваат стандарди за остатокот на светот во атлетика, Кинезинките во кревање на тегови, пливачките беа во подем се до Атланта…

Постои песимистичка теорија според која никој во врвниот спорт не е чист, само се методите различни. Не мамеле само ДДР, Кинезите и Русите. Мамел и остатокот на светот. Денес најмногу мамат спортистите на развиените земји кои тоа можат финансиски да си го дозволат.

Смртта на големата спортистка Фло Јо во 39-тата година („се задушила во сон при епилептичен напад“) ниту Американците не ги остави рамнодушни. Флоренс Грифит беше извонредна атлетичарка која своите најдобри резултати ги оствари во 30-тата: сензационален светски рекорд-10.49 на 100 м, иако ветерот дуваше вертикално 4.5 км/ч во Сеул 21.34 на 200 м, по што се повлече.

Еден поразувачки резултат од спроведена анкета помеѓу 190-мина учесници на Олимпијадата во Лос Анџелес: на прашањето дали би употребиле допинг кога би знаеле дека во тој случај би освоиле златен или сребрен медал на Олимписки игри, но со тоа и би рескирале да умрат за 5 години, 76% спортисти дале позитивен одговор.

Проблемот на допингот е мошне сложен и, освен од здравствен, спортски и морален аспект, мора да се посматра и од технички, научени и правен.

Има и друга, можеби „поцрна“ односно поопасна страница од оние за допингот во „црната книга“ на спортот: се почесто е тешко да се откријат средствата кои се користат за допинг, а им припаѓаат на фармаколошки различни групи на лекови.

Клучно е сознанието дека во борбата против допингот превенцијата е многу подобра од контролата, санкциите и казните.

Мала азбука на допингот:

1. Забранети видови на лекови

стимуланси
Опфаќаат различни типови на лековити супстанции кои го зголемуваат раположението и го намалуваат уморот, па можат да ги зголемат натпреварувачкото соперништво и натпреварувачките способности. Нивната употреба може да доведе до губење на способноста за расудување, што за последица може да има ранување во некои спортови. Некои спортисти умреле дури и при користење на тн. нормални дози со максимално физичко оптоварување.
Неофицијалните податоци говорат дека амфетамините станале составен дел на спортските соблекувални уште од 60-тите години на минатиот век. Основна причина за тоа е фактот дека го засилуваат метаболизмот и трошењето на мастите, ја зголемуваат будноста и отпорноста на умор, но и ги јакнат мускулите, анаеробните капацитети, како и максималната сила и издржливоста на спортистот. Најчесто користени препарати од групата на амфетамини се ефедринот и псевдоефедринот;

наркотици 
Морфиумот и други супстанции од оваа група се мошне силни аналгетици и главно се применуваат во случај на голема болка. Овие лекови имаат сериозни нуспојави, како што е депресија на дишењето, а често и појава на силна физичка и психичка зависност;

анаболици
Нуспојавите од користење на анаболните андрогени стероиди (клостебол, станозолол, надролон, оксандролон, метандиенон, тестостерон и сродни супстанции) се оштетување на црниот дроб, кожата, срцево- жилен и еднокрин систем, а може да дојде и до туморски раст и настанување на психички промени. Вообичаени симптоми во случај на подолга употреба на стероиди или пократка употреба на големи дози се грчење на мускулите, агресивност, главоболка, малаксаност, крвавење од носот, осип и алергиски реакции, болни брадавици, гинекомастија (зголемување на ткиво на дојка кај мажи), пореметување на работата на штитната жлезда, рак на црниот дроб, пореметување на работата на органите за варење.

На светските игри во Москва во 1956. година американскиот лекар Џон Зиглер првпат ги видел тогашните советски спортисти како користа тестостерон. Тоа е машки полов хормон кој нормално се произведува во човечкиот организам и е одговорен за развој на машките полни карактеристики, како и за формирањето на мускулната маса. За да им помогне на своите спортисти, да бидат рамноправни со советските, Зиглер развил анаболичен стероид под името Dianabol како алтернатива са тестостерон. Тој цел живот потоа се каел поради својата постапка, зашто набрзо му станало јасно дека создал чудовиште.

Основниот учинок на високите (супрафизиолошките) дози на анаболички стероиди е зголемување на немасната телесна маса, како и големините и силите на мускулите. Овој учинок е особено видлив кај спортистките кои со користење на стероиди ја зголемуваат мускулната маса и го намалуваат процентот на масно ткиво;

бета 2 агонисти
Обично станува збор за препарати за лечење на спастичен бронхитис и астма. Дозволени се само салбуматол и тербуталин, и тоа само преку инхалација. Пред натпреварот лекарот мора да ги извести медицинските лица за нивната примена. Изборот на лек за лечење на астма и други болести на дишниот систем е најчест проблем поради тоа што некои пропишани лекови се најчесто истовремено мошне моќни стимуланси;

диуретици
Се користат во тераписки цели за отстранување на вишок на течност од масното ткиво во одредени патолошки состојби, како и во лечење на висок крвен притисок;

пептидни и гликопротеински хормони и аналози
а) Хоризонски гонадотропин (HCG). Неговата примена доведува до зголемување на создавање на сопствени (ендогени) андрогени стероиди и последично до ист ефект како и примената на тестостерони и анаболици однадвор;

б) Кортикотропин (ACTH). Се злоупотребува за зголемување на нивото на сопствените кортикостероиди, првенствено за постигнување на еуфоричен ефект на кортикостероидите;
в) 
Хормон на растот (HHR) и сите фактори кои доведуваат до опуштање на хормоните на растот. Мошне е тешко да се докажат веќе неколку дена по примената. Злоупотребата на хормоните на растот во спортот не е етична и е опасна, зашто можат да се појават нуспојави како кардиомиопатија, зголемување на крвниот притисок, шеќерна болест и зголемување на стопала, дланки, нос, уши…(акромегалија).

Хуманиот хормон на растот е протеин кој нормално се создава во човечкото тело, а го излачува предниот резен од жлездата хипофиза што се наоѓа во мозокот. Според принципот на дејствување на анаболички хормон, тој го поттикнува формирањето и растот на телесната маса. Лицата кои немаат доволно HHR се ниски, а кај оние што го имаат премногу предизвикува тн. гигантизам, односно лицата стануваат преголеми. Поради фактот дека употребата на HHR во овие цели е илегална, достапен е само мал број на студии кои ни даваат податоци за реалните ефекти на овој хормон. Се чини дека тој доведува до зголемување на немасна телесна тежина, но не и на мускулна маса, па поради тоа се уште нема докази дека неговата употреба доведува до подобрување на перформансите на спортистите;

еритропоетин (EPO)
Тоа е природен хормон кој се создава во бубрегот и го регулира создавањето на еритроцити. Постои и синтетички
 EPO кој доведува до слични промени како и крвниот допинг. Нормално се произведува во бубрезите, а неговата улога во организмот е да ја зголемува концентрацијата на хемоглобинот кој се наоѓа во еритроцитите и е одговорен за врзување и пренос на кислород. Кај спортистите се користи вештачки, тн. рекомбинантен EPO, а е особено популарен помеѓу велосипедистите и другите аеробни спортисти.

Вештачкото зголемување на хематокрити може да има моше опасни последици за спортистите. На пример, во 1987. година, непосредно откако EPO влезе во уптореба во Европа, 5-мина холандски велосипедисти умреле под неразјаснети околности. Исто така, во периодот помеѓу 1997. и 2000. умреле уште 18-мина велосипедисти од последици од мозочен удар, срцев инфаркт и белодробна емболија. Поради тоа Меѓународниот олимписки одбор мошне строго ја забрани употребата на овој препарат.

Иако креатинот не е илегален препарат, веќе се продава како додаток на исхраната, неговата популарност и раширеност на употреба ја наметнува потребата да му се обрне посебно внимание. Иако е откриен во 1932. година, првпат спортистите почнале да го користат на Олимписките игри во Барцелона во 1992. година. Оттогаш стана мошне популарен помеѓу анаеробните спортисти, а одредени студии на преваленција покажуваат дека речиси 45% од спортистите на американските високи училишта користат креатин.

Тоа е материја што нормално ја наоѓаме во човечкиот организам, а примарно ја создаваат црниот дроб, панкреасот и бубрезите. Околу 95% така создадениот креатин е складиран во мускулите. Надворешни извори на креатин се свежата риба и месото. Улогата на креатинот е да придонесува за брзата ресинтеза на молекулата под името аденозин трифосфат (ATP) во текот на краткотрајната анаеробна активност. Токму тој механизам создава теоретска база за примена на додатни количества на креатин. Тој е особено популарен помеѓу кревачите на тегови, спринтерите, пливачите и сл. на нив.

Забранети методи

крвен допинг
Подразбира примена на крв, еритроцити и други крвни деривати врз спортистот. Подразбира и аутотрансфузија (земање на крв збогатена со кислород во смисла на подигање на енергетското ниво на телото на спортистот). Денес главно се земаат синтетички хормони на еритропоетин кој ги зголемува бројот и масата на еритроцитите, со што се зголемува и внесот на кислород во телото. Последица може да биде и моментна смрт проади зголемена вискозност на крвта;

фамацевтска, хемиска и физикална манипулација
Подразбира употреба на средства и методи кои ја менуваат или можат да ја менуваат вредноста или составот на урината кои се користат во котнролата на допингот. Манипулацијата вклучува катетеризација, замена на примероци на урина, одложување на екскрацијата, т.е. излачување на одделни супстанции на пробенецид (Indocid- антиревматик) или на слични средства, како и примена на епитестостерон. Веќе и самиот ваков случај подлежи на санкции, без оглед на тоа дали успеал или не.

Видови на лекови со одредени ограничувања

-алкохол;
-марихуана;
-локални анестетици;
-кортикостероиди,
-бета блокатори

Има една единствена порака за спортистите, рекреативците и младите спортисти:

Допингот никому не му простил.

(Користени повеќе прилози на Интернет)

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion