Необични, а важни еколошки предупредувања и одлуки

0
34

Можеби првпат читате дека на мобилните телефони, без кои веќе не можеме никаде, и дома и надвор, има повеќе бактерии отколку на штиците на ВЦ школките! Решение? Па, чистете ги што е можно почесто или, поедноставно, заштитете ги-заштитете се со…футрола.

Можеби ова е причината што повеќето од нас помалку јадеме здрава храна: повеќе пиеме пиво одошто вино!

Можеби ви е неприфатливо да го третираме за важен еден од минорните проблеми кај нас, како што е фрлањето гуми за џвакање на улица, па да бараме власта да организира кампања против. Ама на едни од европскине-Ирците токму таква кампања им се наметнала „сама по себе“.

На мобилните телефони можат да се најдат повеќе бактерии отколку на штиците на ВЦ школките, на ѓоновите од чевлите или на рачките на  вратите, предупредуваат британските научници.

Микробиолозите појаснуваат дека мобилните телефони претставуваат идеално место за размножување на микробите кои можат да се најдат на кожата на лицето, благодарение на топлината што ја произведуваат и фактот што сопствениците постојано ги префрлуваат во рацете, се наведува на интернет-страницата на Скај њуз.

Мобилните телефони и бактериите:

Мобилните телефони може да имаат илјадници микроби по квадратен сантиметар, а меѓу бактериите кои можат да се најдат спаѓа и стафилококус ауреус, која може да предизвика создавање на чиреви и мозолчиња, но и смртоносно воспаление на градите и менингитис.

Професорот по микробиологија Џоана Веран од Универзитетот во Манчестер наведува дека мобилните телефони се носат по џебовите, се преместуваат во рацете и се држат во близина на лицето, па така доаѓаат во допир со повеќе делови од телото отколку што е случај со штицата на ВЦ школките.

Компаниите што произведуваат мобилни телефони ги потсетуваат купувачите дека би требало почесто да ги чистат своите телефони со антибактериски крпчиња.

Еколошки здравата храна им е „поблиска“ на оние што пијат вино отколку на обожавателите на пиво:

Лицата кои консумираат вино јадат поздрава храна од оние кои повеќе го сакаат пивото, покажаа резултатите од едно истражување на данските научници. Обожавателите на вино купуваат повеќе овошје, зеленчук, немасно сирење и маслиново масло од оние кои консумираат пиво и јадат готови јадења, шеќер, сувомеснати производи, јагнешко месо и путер или маргарин.

„Истражувањето покажа дека луѓето кои купуваат вино јадат поздрави производи од оние кои купуваат пиво“, вели професор Мортен Гронбек од Националниот иститут за јавно здравје во Копенхаген. Според него, иако со истражувањето биле опфатени само данските потрошувачи, испитувањата во САД и Франција дале слични резултати.

Тој укажа дека повеќето од обожавателите на вино се образовани, здрави и витки.

Кампања против фрлање гуми за џвакање на улица:

Ирската Влада, во напорите да го реши проблемот со фрлањето на гуми за џвакање на тротоарите и улиците во сите големи градови во земјата, покрена кампања во која од граѓаните се бара да прекинат со таа навика или во спротивно ќе мора да платат казна од 125 евра.

Во рамките на кампањата ќе бидат поставени големи билборди на кои ќе им биде упатена благодарност на граѓаните што својата гума за џвакање ја фрлаат во канта за отпад.

Пол Кели, директор на групата задолжена за кампањата, објасни дека проектот е фокусиран на причината на проблемот, а не на неговите симптоми.

Единствено со менувањето на однесувањето на луѓето можеме да ги исчистиме улиците, истакна Кели.

 

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion