Четири сценарија за иднината

0
16

Светските метеоролошки стручњаци изработија четири временски прогнози до крајот на 21. век, во зависност од количеството на емисии на штетни гасови во атмосферата.

Според анализата на глобалните климатски движења, што ја објави Светската метеоролошка организација, во однос на најтоплите години рекордна била 1998. и заедно со последната деценија на 20. век претставува најтопол период во последниот милениум.

Дел од воочената појава е последица на цикличните промени во ротацијата и еволуцијата на планетата Земја, но брзината на климатските промени што се на сцена во последните 50 години не може да се објасни само со овој феномен. Постои и тн. антропоген фактор, всушност познатиот феномен на „стаклена градина“, предизвикан пред сѐ од согорувањето на енергенси настанати од фосилни остатоци. Од нив ослободениот јаглен двооксид формира обвивка која, како обичната стаклена градина, ја пропушта сончевата енергија до Земјиното тло, но не допушта негово ладење со исфрлање на вишокот на топлина во вселената. Неволјите додатно се комплицираат со тоа што морињата и океаните, поради зголеменото загревање, поинтензивно ги празнат своите огромни резерви на јаглен диоксид.

И така во круг.

Топењето на поларниот леден покривач и глечерите не треба ни да се спомнува. Многу поблиски ни се некои други последици, исто така поврзани со наглите климатски промени. Метеоролошките експерти тврдат дека 90% од природните катастрофи, регистрирани во последните години, се од метеоролошко и хидролошко потекло. Бурите, поплавите, свлечиштата, сушите, па и земјотресите и вулканските активности, се толку присутни што ни најорганизираните држави немаат адекватен одговор на нив, кога е во прашање заштитата на човечките животи и материјалните добра. Статистички, овие појави се мошне присутни и во Европа, особено во нејзиниот југоисточен дел, регион на кој му припаѓа и Македонија.

Над 2.500 именувани научници и стручњаци секоја година подготвуваат научно-технички извештаи, методологии и упатства, како основа за спроведување на Рамковната конвенција на ОН и познатиот протокол од Кјото, за Меѓувладиниот панел за промена на климата-IPCC. Извештаите се разгледуваат секоја година на конференција на државите членки на Светската метеоролошка организација.

Поради следење и проучување на климатските промени, се наметнала потреба и од подолги временски прогнози, како на пример до крајот на веков. На нив веќе се работи, но со различни претпоставки. Целта е со научни методи да се дефинираат моделите кои ќе покажат колку можат да се забават или битно да се намалат несаканите последици, ако во одреден степен се намалат штетните емисии.

Формулирани се четири сценарија за развојот на светот и директната или индиректната поврзаност со климатските промени:

Сценариото А1 го претставува светот глобализиран, со либерализиран пазар и успешен економски развој. Разликата помеѓу богатите и сиромашните жени до крајот на 21, век исчезнува речиси во целост. Општеството е интернационализирано, а размената на идеи и технологии интензивна. Степенот на штедењ и посветеност на образованието е мошне висок, како и инвестициите и иновациите во образованието и техн ологијата и развојот на институциите на локално и интернационално ниво.

Сценариото А2 го покажува светот поделен на неколку економски региони. Разликата помеѓу индустријализираните и земјите во развој не се намалува, а протекот на трговијата, развојот на економијхата и технолошкиот напредок се значително побавни отколку во претходното сценарио.

Сценариото Б1 предвидува свет со високо ниво на еколошка и социјална свест. Владите, бизнисмените, медиумите и јавноста обрнуваат повеќе внимание на одржливиот развој, а технолошките промени во сето тоа имаат мошне важна улога. Нивото на економската активност е мошне високо, што ја забрзува интернационализацијата на општеството и ја намалува разликата помеѓу развиените и земјите во развој.

Сценариотп Б2 претставува свет во кој најголемо внимание се посветува на економскиот развој и социјалната еднаквост на луѓето на регионални и локални нивоа. И во овој случај еколошката свест е мошне важна, како и зачувувањето на природните ресурси, но на регионално ниво.

Сценаријата од А групата се потпираат во помала или поголема мера на трошење на фосилните горива, додека оние од Б групата се насочуваат на еколошките извори на енергија и подоброто искористување на природните ресурси. Сценаријата од групата 1 подразбираат глобално поврзано општество и економија, додека оние од групата 2 се повеќе посветени на регионалниот развој.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion