Археологот кого никој лично не го познава, ниту некој го запознал, секој ведар и сончев ден може да се сретне во древниот град Стоби, од античкиот период, на устието меѓу Црна Река и Вардар, во Македонија. Тој знае сè за него, во детали. Учествувал во некои откривања, ископувања. Ако некој го праша што-годе, најпрвин нагласува дека за него е тоа „безвремено жив“ град кој постојано ги открива знаците и гласовите на неговата безвременост. На сите страни, на сите прочуени архитектонски објекти, градби со јавна функција, приватни куќи, бањи, терми, театарот, делот од градските бедеми, улиците, форумот и главниот влез во градот. Какви се тие?
Најпрвин се еднакви. Знаците како длабоко врежани во камените ѕидови, во ѕидините, среде улиците, а гласовите распознатливи според силината и содржината.
Знаците:
Северната ранохристијанска тробродна базилика, со пространиот атриум, ексонартексот и нартексот, како и крстилницата со четирилисна писцина; наспроти неа Цивилната и малата бања со аподиториумот, базенот во апсидниот простор и двојната соба со три апсиди со хипокаусти; Централната базилика со тробродна диспозиција и синагогата пред тоа на тоа место; Епископската базилика, подигната на вештачка тераса, со атриум, нартекс и ексонартекс, со двојна апсида на источната страна во која е сместена крипта-во неа е најголемиот мозаик во Македонија; со геометриска и флорална декорација, молитви и монограм на Христос; Римскиот форум, карактеристичен за муниципиум, театарот од бел мермер за 7.638 посетители.
Гласовите:
Бронзените и мермерните статуи, релјефните претстави на мали камени икони, како и на монети на Аполон и Артемида, Асклепиј, Дионис, Немеза, Зевс, Тихе, Афродита, Хигија, Телесфор; Куќата на псалмите, јужно од Централната базилика со синагога, со апсидна просторија, ходници, сали со колонади, голем базен, колони на западниот дел на двориштето, сосе луксузните мозаици (особено мозаичниот под во големата апсидна хала со четири главни полиња).
Знаците и гласовите заедно:
Градската чешма на малиот плоштад, со три цевки за вода во три корита; Големата бања, со аподериум, големо претсобје, голема сала со хипокаусти со 6 мермерни базени и префурниум; Виа Аксиа-една од главните улици со правец исток-запад; Виа принципалис инфериор со правец север-југ; паралелна со неа куќата на Перистерија, со двор под отворено небо, со големи фонтани на западната страна, подни мозаици, фонтана од мермер; Виа Теодосија, улица поплочена со облутации и камени плочи, паралелна со Виа Аксиа; палатата на царот Теодосиј I која излегува на три улици, со сала опкружена со колони на северната и западната страна (на источната има базен со осум пиедестали од мермер, украсени со спирални канелури и откриени статуи).
Археологот ги знае сите знаци и ги препознава сите гласови во Стоби. Се радува и е горд поради тоа. Во своите искази неретко отворено ја докажува својата супериорност, особено кога е збор за нивната безвременост. Само еднаш му се случи самиот да не биде задоволен од одговор на прашање на посетител: како знаците и гласовите му ја откриваат својата безвременост? Дополнително: значи ли тоа дека Стоби е истовремено жив и вечен град?
Одговори неубедливо:
Зависи од тоа како се разбира безвременоста. Доколку се разбира како живост, дотолку повеќе како животворност, знаците се откриваат најмногу во нивната поврзаност, а гласовите се препознаваат најмногу според нивната раширеност и тоналитет. Доколку, пак, се толкува како продолжение на живот по смрт, тогаш знаците и гласовите се во хармонично единство. Меѓусебно се надополнуваат, но некогаш не се разликуваат. Тоа е највоочливо кај знаците и гласовите на мозаикот во Епископската базилика и Градската чешма на малиот плоштад. Тие се безвремени затоа што се и животворни и го продолжуваат животот по смртта. Од една страна со своите веќе откриени векови, а од друга со сè уште неоткриените или недоволно осознаените траги во иднината на човечката цивилизација.
Археологот најрадо чекори во кое било време на денот и ноќта низ улиците на Стоби, пред сите други Виа Аксија, вслушувајќи се во одекот на своите чекори.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 26