Потребно време за читање: < 1 минута

30. Без престан

Може без престан? Тој докажува дека може. Докажува повеќе од половина век живот. Не, не деноноќно, тоа е неприродно и невозможно. Се подразбира дека се мисли на секојдневно и сето време до и по нужното за одмор, сосе вообичаените жизнени активности. Сеедно дали во ден или ноќ часови, минути, секунди, мигови.

Најпрво прашање: што тој без престан? Прави, доправа, прееправа нешто? Работи, доработува, преработува нешто? Нешто создава, досоздава, пресоздава? И мисли и открива и разбира и учи? Многу од сето тоа, наеднаш неколку нешта или од сè понешто. Но, има ли нешто попрво од сè без престан? Има!

Тој без престан игра со зборови. Со постојни, знајни, но и со незнајни. И со излитени? Со нив придружено, небрежно, неизоставно. Најмногу со нови, свои и од други. Игра и не игра, а најчесто како божем да игра. И тој тоа го нарекува игра само зашто сè уште не нашол друг збор-постојан, знаен, излитен. Ниту, пак, досега успеал да создаде нов. Тоа за него воопшто не е игра!

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 26

Од ниедно доба на изминатата ноќ и близу до крајот на денов без престан игра со два збора за докажување на својата таена љубов од сите времиња, како од стварниот, така и од заумниот свет. Откога во ниедно доба на изминатата ноќ заклучи дека не е можно само со еден. Ниту со зборот безвремена, ниту со зборот беспросторна.

Најблиски му се зборовите убост и изгор. Но тие, според него, сосем не ја докажуваат таената љубов. Сè поблизу е до од него создадени нови, на кои потоа ќе им даде значење. Притоа таа да остане што е.