Потребно време за читање: 7 минути

Таа е предизвик, ја негира, ја ништожува рамнодушноста во нејзината пројава, изнудува восхит и одбрани зборови, радост и занес. Таа привлекува срамежливи и срамни погледи, страст во немост.

Големиот Шекспир, како и сите големи и мали луѓе во минатото и сегашноста, запрел, се задумал пред нејзината убавина и напишал:

„Таа е убава и поради тоа што не привлекува. Таа е жена токму за да се освои“.

Што ја сочинува убавината на жената? Ве задоволува ли мислата на прочуената Коко Шанел:

„Годините не се важни. Жената може да биде прекрасна во дваесеттата, шармантна во четириесеттата и неодолива во остатокот од животот.“?

Некои познавачи на убавото односно естетското се обиделе да направат „вивисекција“ (како да е можно женската убавина да се „престори“ во тело кое може да се отвори)-на изгледот, внатрешната убавина (нејзината душа), мајчинството и борбеноста, и дошле до интересни, но не баш нови и оригинални сознанија:

До 20. век убавината на жената не претрпувала позначајни, подрастични промени. Непоколеблив бил ставот дека главен е природниот изглед на лицето и телото.

Меѓутоа, како и сѐ друго во животот, се разбира и самиот живот, и таа почнува да се валоризира и ревалоризира, критикува и критизира. Филмот, телевизијата и модата поставуваат високи стандарди на изгледот и директно ги менуваат не само нејзините-личните желби и соништа, туку и на мажите. Најсилна, најфронтална во тоа се покажала и докажала (се покажува и докажува денес) козметиката.

Што се однесува на облекувањето, почнува процесот на постапно „јавно“ соблекување-долгите здолништа се заменети со куси, а кога е во прашање хармонијата на телото „елегантната пополнетост“ ја заменува слабоста (до степен на физичко „самонепрепознавање“).

На крајот од 20. и на почетокот од 21. век на сцена стапува медицината, поточно една нејзина гранка-пластичната хирургија. Најнапред поради личната несигурност или приоритети, а потоа дури и од чист каприц жената навистина, „конкретно“ го менува своето тело. Во тоа најмногу припомогна-припомага силиконот.

А природната убавина? Што стана, што станува со неа? Таа се повлече во „внатрешноста“ на личноста. Којзнае, можеби отсекогаш и била таму.

Големата глумица Софија Лорен истапи во одбрана токму на неа:

„Убавината е она чувство однатре кое се рефлектира во вашите очи. Тоа не е нешто физичко“.

Но и многу други мислечки луѓе пред неа и по неа. На пример Цицерон:

„Цртите на душата се поубави од цртите на телото“.

Или германскиот драмски писател Фридрих Хебел:

„Убавината е длабочина на површината“.

Многумина ќе се согласат дека зборовите на поетот се најсилни. На големиот Рабиндранат Тагоре:

„О убавино, барај го својот лик во љубовта, а не во огледалото што ти ласка“.

Се разбира, и кај жената како кај сѐ убаво, кај убавината воопшто, вредностите на нејзината внатрешна убавина (или душа) се одамна познати но, за жал, во нашево време се помалку ценети (како вредноста воопшто): нежност, топлина, љубезност, морал, сочувство…

Мајчинството се смета за посебен вид на убавина која ги содржи енергијата, вниманието, одговорноста, несебичноста, одрекнувањето и трудот, а со кои жената како мајка придонесува за иднината на потомството, на човештвото. Се разбира, воопшто не е лесно да се биде мајка, поради што многу „модерни“ жени денес дури и се одрекнуваат од тоа вистинско и најдлабоко, најблагородно, најсветло потврдување на жената како жена (иако „модерноста“ нема врска со мајчинството, како што со неа нема апсолутно никаква врска еманципацијата односно сексуалната слобода и меѓуполовата рамноправност). Не треба да се трошат зборови за убавината на мајката. Едноставно, таа е невозможно да се добие, да се достигне на каков било начин бидејќи е убавина сама по себе.

Прочитај и за ... >>  Вредности- смисла на животот

Што се однесува на нејзината борбеност, постојаната борба во и со животот, мора да се признае дека е двојно потешка од онаа на мажот. Имено, таа е соочена и со приватни и со професионални обврски, некогаш напоредно а неретко и едновремено, со докажувањето како „добра сопруга“, со одгледувањето на деца. Во нашево време е се поголем бројот на оние кои дури и во брак не признаваат брачни обврски (па и кога е сексот во прашање), сексуалната „слобода“ ја оправдуваат со „право на приватност” („Што? Немаш швалер? Па ти воопшто не си „ин“, тотално си „аут“! Глупава гуска си ако мислиш дека твојот нема швалерка.“), а сопружничката рамноправност ја „туркаат“ сѐ додека сопругот не стане „тутуле бале“. Можно е да се веќе многубројни, но не и сѐ повеќе на број, ама тоа не може да трае долго.

Враќањето кон вредностите, традиционалните, најнапред семејните, се случува најмногу во кризни периоди. Проработуваат свеста и совеста за нив. Впрочем, борбеноста, енергичноста, упорноста и издржливоста (типични одлики на модерна жена и мајка), а не некакво „ин“ или „аут“, доведоа до подобрување на стасуот на понежниот пол во општеството, до рамноправност (иако во многу земји се уште на незадоволително ниво), почитување, признание.

Ја прифаќате изреката „Зад секој успешен маж стои успешна жена“?

Интересна зависност на убавината на жената од храната:

Наместо препарати за хидрирана кожа, се препорачува неопходната течност во организмот. Кожата на лицето и телото ќе бидат затегнати доколку секојдневно се пијат околу 2 литра незасладена течност, најдобро вода и растителни чаеви.

Во исхраната треба да бидат застапени свежи продукти, а да се избегнуваат чоколадо, пржена храна, кафе, алкохол, цигари и премногу сол. Дозволени се мали количества на мед или некој природен засладувач- малтекс, доколку не можете без шеќер.

Продукти кои се потребни за кожата, а наедно се и сојузници против стареење: морков, зелка, салата, зелен лиснат зеленчук, пивски квасец, морски алги во помали количества, пченични ‘ркулци, костеливо овошје, интегрални житарици, соја, кафеав ориз, сливи, мало количество на грозје, ленено масло, тиквино, сусамово и маслиново масло, домати, лук и риба. И, се разбира, млеко и млечни производи.

Сите наведени ги содржат оние нутриенси што се наши сојузници во борбата против стареењето и болестите. Ги содржат витамините на Е, А, Д, Б групите, витаминот Ц и омега киселините. Исто така и минерални компоненти, како што се селенот, магнезиумот, железото, калциумот, калиумот…

Прочитај и за ... >>  Идеална жена

Откритие:

Група истражувачи од универзитетот во Хелсинки, предводена од професорот Маркус Јокел, во една студија, чии делови пренесе британскиот весник „Дејли мејл“, истакнува дека убавите жени раѓаат повеќе деца од оние помалку привлечните и оти помеѓу тие деца има најмногу девојчиња кои, благодарение на генетската комбинаторика, „се убави на мама“. Велат дека убавината по природен пат се пренесува од мајките на ќерките, па женската убавина се шири од генерација на генерација.

Меѓутоа, тоа не е случај и со мажите, кои остануваат „грди“ како и нивните пештерски претци зашто за нив напросто не важат истите правила на еволуцијата.

Истражувачите со години посматрале 1.244 жени и 997-мина мажи, мерејќи ја нивната репродуктивна моќ. Се установило дека атрактивните жени раѓаат во просек 16% повеќе деца и оти имаат 36% повеќе шанси да родат женски деца.

Ќерките „го следат примерот на мајките“, а тоа доведува до создавање на „синџир на убавината“, во кој таа не само што се пренесува од мајките на ќерките, туку и се шири постепено, елиминирајќи ја грдотијата.

Убавината е физичка особина што се наследува, тврди Сатиши Каназара, психолог-еволуционист од Економскиот факултет во Лондон. Тој вели дека во едно истражување покажал оти во просек убавите жени се побројни од убавите мажи. Просечниот маж и натаму ќе биде „грдичок“, додека жените ќе бидат се поубави и поубави.

А со споредбено истражување, научници во Канада и Велика Британија дошле до по малку, за мажите, поразително, но и предупредувачко откритие: убавите жени речиси ги оневозможуваат мажите да предвидат што, со нив во партнерство, би ги чекало во иднина!

Психолози од канадскиот „МекМастерс Универзитет“ и британскиот Универзитет „Лидс“ конечно добиле потврда за нешто што жените одамна го наслутувале- биолозите веќе подолго време знаат дека животните инстинктивно повеќе сакаат „награда веднаш и на самото место“, макар да е и скромна, отколку ветувачка, поголема во неизвесна иднина. Овој процес, познат како „занемарување на иднината“, се наоѓа и кај човекот и претставува основа за многу економски модели.

Ресурсите за поединецот имаат вредност која со време се менува. Така на пример, готовина во пари веднаш повеќе вреди отколку што истата сума би вредела во иднина. Но, поголем износ на пари кој можеби се смешка во иднина би требало да се почека- ако се поведеме по тн. „рационално расудување“.

Сепак, некои луѓе, како што се зависниците од дроги, најчесто покажуваат ирационално расудување. На пример, секогаш ќе се согласат да земат мало количество на дрога веднаш отколку да почекаат поголемо во иднина.

Биолозите Марго Вилсон и Мартин Дејли, истражувачи од канадскиот „МекМастерс Универзитет“ во Хамилтон, одлучиле да го истражат механизмот на ирационалното однесување и да утврдат дали тој важи и за сексуалното однесување и расположение. Студентите, кога им се покажувани фотографии на убави жени, биле поподготвени да се определат за краткорочна економска добивка, отколку да почекаат подобра и повредна награда во иднина.

Прочитај и за ... >>  Единствена награда за книжевни бизарности

Меѓутоа, во текот на истражувањето на студентите и студентките на истиот универзитет им се покажани фотографии на лица од спротивниот пол со различна убавина од еротскиот веб сајт „Hot or Not“. Тогаш 209-мина од нив добиле шанса да освојат награда. Требало или да прифатат чек на вредност од 15 до 35 долари датирани за наредниот ден или чек на износ од 50 до 75 долари со некој датум во иднина.

Истражувачите утврдиле дека студентите на кои им се покажувани фотографии на просечно згодни жени покажале подготвеност да ја почекаат наградата извесно време. Тоа покажува дека донеле рационална одлука. Но кога им се покажани фотографии на исклучително убави жени, тие ја занемариле поголемата награда во иднина на ирационален начин-се определиле за помалиот износ на пари следниот ден, занемарувајќи ја можноста од побогата награда во иднина.

Студентките, пак, донеле подеднакво рационални одлуки било да им се покажувани фотографии на мажи со просечна или со исклучителна убавина.

„Ние се уште не сме начисто дали и кави психолошки механизми ги условиле нашите резултати. Но поставивме хипотеза дека посматрањето на фотографии на убави жени на некој начин предизвикало благо возбудување, со што е активиран невролошкиот механизам поврзан со можната шанса за сексуална врска“, смета Марго Вилсон.

Томазо Пизари, еволуционен биолог од британскиот Универзитет „Лидс“, понудил поинакво можно објаснение:

„Ако постојат шанси да се „обработи“ исклучително атрактивна партнерка, на мажот му се исплати да ризикува повеќе отколку да е збор за можна партнерка со просечна атрактивност“.

Тој за списанието „Њу саентис“ изјавил:

„Ако е овде збор за одговор на избор на сексуална партнерка, тогаш можете да очекувате мажите кои не се доволно атрактивни да преземат и поголем ризик. Но ако е збор за повеќе потенцијални атрактивни партнерки, тогаш не се исплаќа да се ризикува. Конечно, ако сте помалку атрактивни, со само неколку потенцијални партнерки, тогаш се исплаќа да се ризикува“.

Сте чуле ли за 10-те најсексипилни жени во светската историја? Знаете кои се тие?

Многупати досега е потврдено дека женската убавина отсекогаш била и е најмоќното оружје со кое паметните жени се служеле вешто за да ги постигнат своите цели. Списанието „Селектор њуз“ направи рејтинг на најсексипилните жени кои оставиле траги во минатото на светот. Се раководеле не само од убавината на жените, туку и од нивното влијание врз текот на светската историја и умовите на современиците. Сите дами што се избрани се неразделен дел од светската култура. Поради „чистота на експериментот“ ги исклучиле маникир-дамите кои заработиле име на забавувачкото поле.

Избраните жени не ги есапеле вулгарните вкусови на публиката, ниту, пак, зависеле од општественото признание, но од аспект на сексипилот со нив не може никој да се мери.

(Користени повеќе прилози објавени на Интернет)

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here