Потребно време за читање: 2 минути

38. Подмачкување

Посочувам на нешто што е conditio sine qua non (услов без кој не се може) за сиот развиен, модерен свет:

-се подмачкува процес на работа и самото работење (тоа се вика организација и раководење односно менаџмент);
мора секогаш да биде подмачкан „сервисот на граѓаните“, без оглед кои се моментните „сервисери“ (ако некој не знае што во една држава е сервис на граѓаните, нека научи под итно);
-беспрекорно мора да функционира „моторот“ на квалитетот на животот кој ја потврдува смислата на егзистенцијата.

Она што го знаат возачите на моторни возила (сите, без исклучок), и не само тие (на пример, и „совозачите“):

Ако само еден дел од моторот не е подмачкан, веројатно ќе „зариба“ само тој дел и некој до него, но сигурно ќе го попречи нормалното работење, а може и да го запре. Притоа е многу важно да не се гледа, да не се забележува подмачкувањето. Како сè друго, претераното ниеден мотор не го поднесува, па вишокот го исфрла, се замастува и се гуши.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОБЛЕМАТИЗИРАЊЕ И ПРОМИСЛУВАЊЕ, 6

Власта подмачкува(ше)?

Да, ама не моторот, туку ги подмалкуваше „моторџиите“. Затоа е сè толку „зарибано“. Очигледно само нов подмачкан мотор може да нè „разработи“. Се разбира, без подмачканите.

Ете, тоа е суштината на сите наши проблеми денес.

Ај за миг да ги оставиме на мира „моторџиите“ и да се обидеме барем малку да се „утешиме“: не им вреди колку и како се подмачкани, ако наскоро се случи моторите да „зарибаат“. (Многу од нив се веќе „старо железо“.)

Што? Не е јасно кои се „моторите“, а кој „моторџиите“? Кој тоа подмачкува „погрешно“? Како е можно да не е јасно? На пример, зарем треба да потсетувам на бившата социјалистичко-самоуправна работничка класа?

Ќе посочев на една друга класа која во развиениот свет е најмоќна, вистинска моторна сила, „моторот на развојот“, ама не вреди затоа што кај нас и по повеќе од три децении криминална транзиција ја нема. Мислам на средната.