Потребно време за читање: 2 минути

39. Она што нема алтернатива-нема перспектива

Што се подразбира под алтернатива?

Станува збор за можност на избор помеѓу две нешта, определување за една од две одлуки или, пак, тежок избор на една од две можности. Она што е најважно во што било, во работата, нашето секојдневно дејствување и создавање е дека алтернативата е секогаш наспоредна со перспективата. Некаде „помеѓу“ секогаш се „наоѓа“ компромисот. Него го нема ако ја нема алтернативата, а без алтернатива нема перспектива…

Да, освен смртта. Таа е безалтернативна, наедно бесперспективна. Но, сепак…Нејзина алтернатива е животот? Не, затоа што помеѓу нив не е можен компромис. Тоа не е, ниту може да биде живуркањето или боледувањето. Алтернатива на смртта е творештвото, односно делото сосе неговото траење во времето.

Има проблем со алтернативата наспоредна со перспективата кога нешто мора, а не треба. Проблемот е што „мора“ никако и во никој случај не го содржи компромисот. Него го содржи „може“. Тоа едновремено значи дека не ја доведува во прашање перспективата бидејќи таа, пак, претпоставува „ама не мора“.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОБЛЕМАТИЗИРАЊЕ И ПРОМИСЛУВАЊЕ, 25

Она што нема алтернатива-нема перспектива. Моево тврдење не е некоја голема мудрост, туку само „сублимат“ на мои скромни знаења, „специјално“ на книжевноста и филозофијата, како и на големото животно и работно искуство.

Накусо за „немањето алтернатива“ за Македонија:

Алтернативата, поточно перспективата на Македонија е не интеграција во сегашнава ЕУ, ваква каква што, туку во онаа во каква што во голема мера не е ни самата. Мислам на унапредување и трансформирање на ЕУ во „вистински“ модерна унија. Тоа е веќе согледано од нејзините главни „чинители“, па едновремено се подготвуваат и преземаат низа „чекори“. Некои дури радикални. Без нив ѝ се заканува дури „растурање“, да биде уште еден пропаднат „унијатски“ проект како неколку други во минатото.  

Македонија има алтернатива додека практично е во „изолација“. Што инаку е сосема погрешно заплашување на народот. Изолацијата едноставно не е можна во „рамките“ на сеопштата глобализација.

Алтернативата е:

До добивањето датум за преговори за членство во ЕУ, значи во „меѓувреме“ да ги искористи сите можни согледани и сèуште несогледани проблеми,целосно да се мобилизира за нивно надминување и со конкретни проекти, акции итн. да обезбеди „најдобра“ перспектива: достигнување, па и надминување на ЕУ стандардите, познати како „Копенхашки критериуми“.

Прочитај и за ... >>  ЗА СЛОБОДНО ПРОБЛЕМАТИЗИРАЊЕ И ПРОМИСЛУВАЊЕ, 31