Потребно време за читање: 2 минути

Станува збор за големи востанија на робовите за слобода.

Спротиставените робовладетелски друштва во Рим во вториот и првиот век пр.н.е. дошле до израз и во востанијата на робовите, од кои некои се претвориле во вистински војни.

Првата робовска војна, водена од 136. до 132. година пр.н.е., се развила од востанието на поседите на сицилијанскиот латифундист Дамофил. На чело на востанието, кое се проширило на цела Сицилија, бил робот Еун. Прогласувајќи го Еун за крал и разбивајќи неколку римски одреди, востаничката војска зазела низа поважни градови; средиштето им било градот Ена. Во текот на војната на робовите им приоѓале и некои слоеви на слободното население. Дури по интервенцијата на конзуларната војска и по долготрајна опсада е разбиена прегладнетата робовска војска и е уништена првата робовска држава.

Втората робовска војна (од 104. до 100. година пр.н.е.) се развила исто така од востание на Сицилија. Повод бил поништувањето на одлуката на Сенатот според која робовите, незаконски лишени од слобода, требало да бидат ослободени од ропството. Востаниците под водство на Трифон и Атенион ослободиле голем дел од Сицилија, ги опсадиле градовите Моргантина и Либлеј, и ја прогласиле втората сицилијанска робовска држава, со седиште во Триокала. Обидите на Римјаните да ја разбијат нивната војска завршиле со неуспех во 103. и 102. година пр.н.е. Дури во 100. година пр.н.е. римските легии успеале да го победат Атенион, да ја заземат Триокала и да ја урнат втората робовска држава.

Прочитај и за ... >>  Македонските ора

Третата робовска војна (Спартаковото востание) е водена од 73. до 71. година пр.н.е. Од гладијаторската школа во Капуа избегале на Везув 74-ца робови. Ги предводел Трачанецот Спартак и со него двајца Келти, Крикс и Еномај. Набрзо на востаниците им се придружиле други робови и некои слободни селани. Обидот на одредите на римската војска да ги блокира и разбие востаниците завршил со пораз.

Првиот успех на Спартак му донел оружје и нови борци, кои постојано му приоѓале. Меѓутоа, од Рим на востаниците во Кампанија тргнал преторот Публиј Варфиниј со две легии. Спартак најнапред ги поразил неговите легати, а потоа и него. Цела јужна Италија, освен утврдените градови, паднала во рацете на востаниците. Робовите масовно им приоѓале на своите ослободители, па Спартаковата војска пораснала на околу 60.000 луѓе.

Водачите на востанието се поделиле во однос на начинот на натамошното водење на војната; Спартак имал намера да ги поведе робовите на север на Италија и преку Алпите да стигне во татковината, а Крикс бил за тоа да останат во Италија и да тргнат на Рим. Крикс во Апулија, кај планината Гарган, во 72-та година пр.н.е. доживеал пораз во кој настрадал и тој.

Прочитај и за ... >>  Кодот на Пелазгите

Спартак на север на Италија постигнал низа успеси, но поради тешкотиите во совладувањето на алпскиот масив наеднаш тргнал назад. Во Рим завладеал страв. Заповедништвото над римската војска го презел преторот Марко Крас. Во судирот однел победа над Спартак, кој се движел кон Сицилија. Спартак потоа сепак успеал да ја пробие 50 километри долгата утврдена линија, со која Крас сакал да го затвори на југот на Италија, и се упатил кон Бриндизи во намера да се префрли во Грција. Меѓутоа, Каник и Каст, заповедници на робовската војска, одбиле да го прифатат тој план и се отцепиле од Спартак; нивните одреди ги победил Крас.

До решавачкиот судир помеѓу Спартак и Римјаните дошло во Луканија, во 71. година пр.н.е. Спартак загинал, неговата војска се распрснала. Со сурова пресметка со победените востаници (распнати се на крст околу 6.000 робови) е завршена третата робовска војна, која тешко ги разниша темелите на Римското Царство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here