За оревот и неговите лековити својства

Потребно време за читање: 2 минути

Оревот води потекло од Персија (Иран). Според производството, во светот е на 11-тото место и е најзначајна јадреста овошка. Според вкупното производство на ореви, Европа ги надминува останатите континенти, а САД се најголемиот производител на ореви на светот.

Оревот е јадровит плод чие јадро има пријатен вкус и е мошне хранливо. Плодот е обвиткан со лушпа што пука и го ослободува дури во втората половина на септември. Може да се чува долго.

Плодот на оревот односно јадрото содржи: масло 55-67%, вода 3,4%, белковини 18-25%, пепел 7%, шеќер 13-16%. Витамин Ц најмногу содржат младите недозреани ореви (плодови)- околу 1.700 мг аскорбинска киселина, но со созревањето содржината се намалува. Сувото јадро содржи 30 мг витамин Ц, потоа 0,03-0,05 мг витамин Б1, како и нешто помалку витамини А, Б2, ПП и други. Енергетската вредност на јадрото на оревот изнесува околу 2.600 џули.

Лековитоста на оревот е мошне голема. Се користи против грчеви во желудникот и цревните болести, против реума, катар на желудникот и цревата, воспаление на очите, хроничен екцем, загадени рани, потење на нозете, за јакнење на косата, јакнење на организмот, хемороиди, воспаление на тенкото црево, за смирување, против потење идр. Во терапијата се користат листот, млада лушпа од плод, зелен и зрел плод, јадро, младо гранче.

Неколку рецепти

За јакнење на организмот:

Млади оревчиња со големина на лешник (околу 40 парчиња) се ставаат во 1 кг мед, како “слатко” за послужување. По 40 дена стоење се зема по еден плод со мед 3 пати дневно. Посебно се препорачува за малокрвни (анемични) и за послаби и бледи деца;

Против реума:

10 лажици оревов лист се прелева со 1 литар нерафинирано маслиново масло и се држи на топло 30 до 35 дена, со повремено маткање (2 до 3 пати дневно). Со вака подготвеното масло се мачкаат болните места;

Против шеќерна болест и жолтица:

5 лажици исушено и иситнето оревово лисје се ставаат во 1 литар бело вино, се остава да стои 24 часа, а потоа се процедува и се пие по една чашка наутро на гладно срце и навечер пред спиење;

Против анемија (малокрвност):

а) 3 лажици иситнето оревово лисје и зелени млади оревчиња се ставаат во 1 литар лута ракија, се затвора и се чува на топло 20 дена, со често маткање, а потоа се процедува и се пие по една чашка пред јадење (појадок, ручек и вечера);

б) Млади зелени оревчиња (2 чаши по 200 грама) се ставаат во 1,5 кг мед, се затвора теглата и се чува на топло 20 дена, со често маткање, а потоа се зема по една лажица пред јадење (појадок, ручек, вечера);

Против проширени вени:

Добро да се измијат свежи лисја од орев, да се просушат и да се намачкаат со мед, а потоа да се свиткаат на проширените вени и да се зацврстат со завој.

Leave the first comment