Потребно време за читање: 4 минути

Велики Петок во Календарот на МПЦ и во Православната енциклопедија.

Календар на МПЦ:

На Велики Петок Црквата ги спомнува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.)

За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.

На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим, којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколкумина луѓе.

Долгата традиција на спомнувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови.

Прочитај и за ... >>  Благослов при пиење вино и ракија на свадба

Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно „сеќавање на смртта“ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.

Православна енцилопедија:

Велики Петок (грч: Μεγάλη Παρασκευή) е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот.

Најпрво, Христос бил одведен пред првосвештеникот Кајафа, кој кратко Го испрашувал и Го затворил. Утредента, Тој бива испрашуван пред Синедрионот, највисокиот еврејски совет за верски прашања составен од 70 највидни членови, фарисеи, книжевници и садукеи. Таму бива распрашуван и осуден за хула, за што казната била смрт. Сепак, во тоа време само римскиот управител имал право да изрече смртна казна, при што тие Го упатуваат кај Понтиј Пилат. Пред него Христос е осуден дека велел дека Е цар јудејски; Пилат, гледајќи дека Христос Е предаден од зависти и злоба, се обидувал да Го спаси, и бидејќи од Галилеја, решава да Го испрати кај Ирод, кој управувал со таа покраина. Ирод Го исмева Исуса и повторно Го враќа кај Пилата, кој попушта пред разбеснетата и поткупена маса и Го предава на грубите војници кои Го исмејуваат, понижуваат со удари, бичуваат и Го облекуваат во црвена наметка ставајќи Му на главата круна од трње, а во рацете, место жезол – трска.

Но според обичајот, бидејќи Пасха, еден осуденик можел да биде ослободен по волја на народот. И повторно, заблудената и поткупена маса го избира злосторникот Варнава, наместо Синот Човечки. И додека Христос сведочи за Себе пред судот, светиот апостол Петар три пати се одрекнува од Него, а Јуда се беси, исполнувајќи го и последното пророштво за него.

Прочитај и за ... >>  Ако се пуштиш од некое високо место, во некое удолно и да не можиш да се качиш пак тамо, ќе ти куца работата и ќе падниш во сиромаштија

Исуса Го водат од затворот и од судот за да Го погубат. Пресудата бива извршена на губилиштето близу градот, на мала височинка наречена Голгота (череп). Евангелијата нагласуваат дека тука се исполнуваат уште два страшни псалма – псалмот 21 („Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“) и псалмот 68 („Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до душата моја.“). Тука се исполнуваат и најситни детали – војниците фрлаат ждрепка за Неговите алишта, Му нудат оцет и жолчка, присутните презриво нишаат со главите свои. Покрај првите зборoви на 21 псалм, евангелистите забележуваат уште неколку други нешта кои Христос ги изговорил умирајќи на Крстот:

-Се моли за Своите мачители: Оче, прости им, зашто не знаат што прават;
Му ветува на разбојникот распнат со Него: Навистина ти велам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот;
Погледнува кон Јована и ѝ вели на Својата мајка: „Жено, еве ти син,“ а потоа му вели на Јована: „Еве ти мајка“!;
Небото ги покажуваше знаците на последните времиња: темнина на пладне. Исус гласно извика: „Жеден сум.“;
-Околу три часа по распнувањето, односно 3 часот попладне, нашиот Господ умира на крстот. Повикува на висок глас: „Оче, во Твоите раце го предавам својот дух.“ (Лука 23,46 спореди Псалм 30,5). Свети Јован Богослов, пак, го споменува наклонувањето на главата и Неговите последни зборови: „Свршено е.“

Прочитај и за ... >>  Народно верување: Таласами

Богослужби

Богослужбите на Велики Петок почнуваат од вечерта на Велики Четврток, кога се исполнуваат светите и спасителни Страданија на Господ Исус Христос. На средината на храмот, пред постабеното Распетие приоѓаат свештенослужителите и ги читаат деловите на Страдалните Евангелија, дванаесет по број. Првото и најголемо е Јовановото, во кое Господ ни се открива како пат, вистина и живот и како драгоцен дар на Божјата љубов Кој ги соединува луѓето со Него, и еден со друг, меѓусебно. Ова евангелско читање завршува со Првосвештеничката молитва.

Читањето за Господовите страданија завршува со приказот на запечатувањето на гробот и поставувањето стража, според Евангелието по Матеј.

На Велики Петок, кога Спасителот бил распнат на Крстот, не се извршува божествена Литургија, а на часовите повторно се читаат евангелијата на Неговите страдања. Вечерната (изнесувањето на плаштеницата) е посветено на погребувањето на Спасителот и обично се извршува во средината на денот. Оваа служба по својата смисла како повеќе да припаѓа на Велика Сабота. Пред почетокот на средината на храмот се поставува гроб украсен со цвеќе, а на престолот се поставува плаштеницата на која е насликан Спасителот положен в гроб.

Прокименитеи алилуите се позајмени од пророчките псалми. По дополнителните песнопеења за Христовата смрт, додека се чита молитвата на св. Симеон Богопримец, свештеникот се облекува во полно одејание и ја кади плаштеницата на престолот. Потоа, на Оче наш, кога се пее тропарот, тој ја крева плаштеницата над глава, го обиколува престолот, излегува на средината на храмот, и ја поставува плаштаницата во импровизираниот гроб. Во некои цркви на вечерната се пее повечерие или таканаречено Оплакување на Пресвета Богородица.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here