76. Гнездо
Свила гнездо ластовица
под стреа на мој дом,
па го оставила празно.
Споделила со мене
дел од живот
или дел од смрт,
па полетала
дал на север дал на југ
со свое јато.
Можеби ќе долета пак
да се вгнезди во него,
да одмори
и нов пород да израсне
за одлетување.
77. Под камен
Под каменов
на кој долго одморам
слушам жива вода.
Можеби извор
не под него, а во него
пред бликнување.
Или тоа мене
само ми се присторува.
78. Сушно време
Предолго трае
сушново време
дојдено од нигде
колку кај мене,
толку во мене.
Дури и коренот
ми го исушува.
79. Празен град
Конечно празен град
на доглед,
како сите други исти
како него.
Умре последен живот
утрово
сосе свое минато,
па почна сам од себе
да се урива,
да се сотира,
да се престорува
во урнатини, во молк.
80. Пред огледало
Стои таа пред огледало
и никако да се препознае
каква што била вчера.
Не верува оти мигум
ѝ го прикажува
венеењето
на нејзината убавина.
Дека е среде криво,
решава да го искрши
на парампарчиња.