Потребно време за читање: < 1 минута

46. Неделиво

Жена во бело и жена во црно
заедно во знак на рожба
која заминала негде далеку,
како исчезната, како мртва,
без трага на свест за живот
во своја сегашност.

Две жени заедно во знак
на рожба со која ќе бидат
додека се живи.

47. Штит

Си сковав железен штит
со зрачесто сонце
и сина розета во средината;
не за да ми ги брани
лицето, телото, срцето,
туку со него да ја докажувам
мојата доблест
од древно до сегашно време.

48. Пек

Голем пек од рано утро
до ниедно доба бессоно
никако да мине,
никако да го надминам
со рамновесие
на светлина и мрачнина,
на надеж со извесност.

49. Сила за сила

Собрала сила за сила
на свет во кој
сечија духовност
е зачаурена,
што да не може никој
да навлезе,
да ја протолкува
за да стане негова,
а материјалноста
ја ништи смислата
на личната доблест.

Прочитај и за ... >>  СВЕТОВИ, поезија/припеви, 71-75

50. Желание

Кога би биле заедно
во миг на блесок
на небо, па на земја,
секако би откриле
наше ново постоење
како корен и плод
на спокојна слобода.