Потребно време за читање: < 1 минута

39. Предците и потомците

Со нив сум секогаш
откога ми се јавуваат
на јаве
помеѓу животи
и исчезнувања
во дрвени, камени
и железни форми
на убост за восхит,
на нејзино
вековито траење.

Тие со мене секогаш
можат да споделат мигови
што оставиле траги
во свеста
помеѓу животи
и исчезнувања
на земја, на небо,
помеѓу семиња и плодови
во сите годишни доба,
во сите радости безмерни,
во сите таги непобедливи.

Предците и потомците
од дамнина незаборавна
до сегашнина непостојана,
со кои сум на јаве
како осамен скитач
низ земја пустелива,
ме предупредуваат
сѐ погласно, дури громовно,
дека, како сѐ друго
помеѓу
животи и исчезнувања,
убоста за восхит
во дрвени, во камени,
во железни форми
излеана,
сосе нејзиното траење
вековито,
не може да го одбрани
опстојот на крвта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here