СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

41. Нашава ведрост

Нашава ведрост
не е помеѓу
радоста и тагата,
грижата и безгрижноста,
бедата и богатството,
јадоста и достојноста,
нежноста и грубоста;
ниту помеѓу
надежта и рамнодушноста.

Нашава ведрост
била, е и треба да биде
помеѓу мојата и твојата
животворност,
во нашите срца
и нашите души
доблесни, непорекливи.

Нашава ведрост
не е единствена
само во зборови
стари, знајни,
нови, незнајни,
што се вгнездуваат
во песна
од нас сè уште неиспеана,
сè уште непостојна;
не е единствена
ниту на лица стварни
и заумни
во слика со божилак
обземени.

Нашава ведрост
секако ќе живее
додека сме јас и ти
живи
од еден до друг крај
на запустена земја;

која не дозволуваме
никому
за смрт да ја скамени,
потомци наши
неродени да обезгласи.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.