СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

28. Достојание

Да препознаваш нечие достојание
секогаш кога постоењето човечко
е на залез на сонце пред мрачина,
значи дека си постојан во време
на мисла и збор што пробиваат
секакви и сечии страданија.

Стамено е и чекори напред
со крената глава,
а во догледна далечина
како пред него да има за него
единствени простор и време
кои го довикуваат да побрза,
да им дојде,
да им го облагороди траењето
од почеток до крај,
од семе, корен, стебло, цвет,
сѐ до плод за животворна игра.

Достојанието во човек
кој со векови живее,
разбирајќи се себеси
како дојден на светов
за заедно со природата
да ја брани својата природност,
нема да угасне ни по гаснењето
на огнот во неговата крв.

Затоа што секогаш пред него
има простор и време
единствено негови.

Leave the first comment