Потребно време за читање: 4 минути

Мислата на големиот Хорхе Луис Борхес „Староста е еден вид самотија“ би можеле да ја „продолжиме“ со сознанието дека токму во староста како самотија времето минува побрзо, поболно и побесцелно. А со потврдата дека самотијата во староста е штетна „оди“ и фактот дека осамените стареат побрзо.

Повикувајќи се на ефектот на субјективното доживување на времето, некои научници тврдат дека на човек чиј животен век е 80 години штом ќе наполни 20 години животот му е наполу готов. Науката тоа го смета за логично: кога имаме 20 години една година претставува дури 5% од сиот наш живот, но кога имаме 80 една година е само 1,7% од животот.

Истражувањата на тема субјективен проток на времето покажуваат дека мозокот минатото време го брои низ сеќавање. Така, 7 дена на годишен одмор се чинат многу подолг период одошто седмица помината на работа. Тоа е наедно и втора причина зошто времето ни лета сѐ побрзо како што ни одминуваат годините. Имено, сѐ повеќе денови проживуваме еднакво, во рутина, а ги паметиме само кратките периоди на „одминување“ од рутината.

Психолозите нудат „спасоносно решение“-експериментите потврдија дека субјективното доживување на времето забавува кога во себе внесуваме нови информации, нови знаења, нови искуства. Научниците тврдат дека решението лежи во тоа луѓето да се обидат животите да ги исполнат со што повеќе промени, занимливости, патувања, и колку е можно повеќе разбивање на рутината.

Психологот Стивен Тејлор, кој долго го проучувал субјективниот проток на времето, наведува дека луѓето кои патуваат на „авантуристички“ места тврдат дека годишните одмори им се чинеле подолги одошто на луѓето кои лежеле на плажа секој ден.

А научници тврдат дека староста започнува веќе во 40-тата година, кај некои луѓе и порано. Едни сметаат дека таа започнува со запирање на растот на организмот, а други дека тоа се случува со стареењето на кожата или со „попуштањето“ на внатрешните органи.

Прочитај и за ... >>  Сексот, здравјето и...

Меѓутоа, француски стручњаци веруваат дека почетокот на стареењето започнува со снижување на когнитивните функции на мозокот. Тие тврдат дека тоа не се случува дури во 60-тата година на старост, како што се мислеше порано, туку во 40-45-тата година. Кај некои дури и порано!

Во повеќето случаи развојот на деменција е фиксиран на 60 години живот, но процесите кои доведуваат до пројавување на болеста во тоа старосно доба започнуваат веќе во 40-тата. На оваа возраст мозочните ќелии почнуваат неминовно да умираат, а когнитивните функции и меморијата се сѐ послаби.

Во овој конктест го приведуваме и доказот зошто жените живеат подолго. Имено, истражувачи од Универзитетот Монаш во Австралија и Ланкастер во Велика Британија дошле до одговор на прашањето зошто жените живеат 5 до 6 години подолго од мажите. Тие своето истражување го базирале на експериментирање со овошни мушички. Се фокусирале на мутациите на митохондријалната ДНК.

Митохондриите се ќелиски организми кои постојат во речиси сите живи суштества. Тие ја претвораат храната во енергија што го придвижува телото. Исклучиво ги пренесуваат мајките, никогаш татковците.

Еден од истражувачите, Демијан Доулинг од Универзитетот Монаш, изјави дека резултатите укажуваат на бројни мутации на митохондријалната ДНК кои влијаат врз тоа колку долго машките мушички живеат и со која брзина стареат:

„Од друга страна, интересно е тоа дека тие исти мутации немаат никакво влијание врз стареењето на женските мушички“, додаде тој.

Том Кирквуд, професор од универзитетот Њукастл, истакна дека резултатите говорат нешто важно за митохондриите и за разликите помеѓу машките и женските мушички:

Прочитај и за ... >>  Заблуди за сексот

„Митохондријата е секако мошне важен фактор кој влијае врз стареењето на бројни видови, но во никој случај не мислам дека овие резултати во целост ни откриваат зошто жените живеат подолго од мажите. Постојат многу други фактори кои мораме да ги земеме предвид, како што се животниот стил, социјалните и други, а од сето тоа најважен е фактот дека мажите и жените имаат различни хормони“.

Истражувајќи го стареењето, научници дошле и до заклучок дека осаменоста може сериозно да го намали животниот век. Во две публикувани научни студии е опишано дека истражувачите од Универзитетот во Калифорнија 6 години посматрале група од 600 лица постари од 60 години.

Утврдиле дека кај оние што се чувствуваат осамено можноста од умирање во текот на студијата била двојно поголема.

Друго истражување укажува на тоа дека луѓето со голем ризик за развивање на срцеви болести почесто умираат од оваа болест доколку живеат сами. Научниците веруваат дека проценката на нивото на осаменоста може да им помогне на лекарите да им укажат на пациентите кои се наоѓаат во ризичната група.

Општествената болка предизвикана од осаменост создава промени во телото кои го имитираат процесот на старење и го зголемуваат ризикиот од срцеви заболувања. Кај луѓето кои стареат нивние кардиоваскуларни функции се намалуваат, а се чини дека осаменоста го забрзува тој процес.

Научниците испитале 182 мажи на старост од 18 до 30 и 65 до 80 години. Тие морале да одржат говор и да направат некои ментални експерименти во лабораторија. Измерен им е крвниот притисок пред, за време и по експериментот. Морале и да пополнат прашалник за своите друштвени врски.

Како што било и очекувано, постарите луѓе имале поголем крвен притисок и поголем кардиоваскуларен стрес одошто помладите лица. Оние што за себе сметале дека се осамени имале многу поголеми исчитани вредности. Ефектот бил уште поизразен кај постарите лица, што ги довдедува до уште поголем ризик.

Прочитај и за ... >>  Мудроста и староста

„Најзначајен резултат што го добивме е дека осамените момчиња имаа речиси исти резултати како старците кои сметаат дека не се осамени“, потенцира Ентони Онг, професор на Корнел.

Иако некои поранешни истражувања веќе ја пронајдоа врската помеѓу осаменоста и кардиоваскуларниот стрес, ова е првпат во исто истражување да можат да се споредат резултатите.

Што се однесува, пак, на штетноста на самотијата во староста, истражувањата спроведени во текот на последните неколку децении покажаа дека 10% постари луѓе често или секогаш се чувствуваат осамено. Процентот на население што се чувствува изолирано и е во опасност од осаменост е значително поголем:

-12% постари луѓе се чувствуваат заробени во сопствениот дом;
-6% постари луѓе ги напуштаат своите куќи еднаш неделно или помалку;
-17% постари луѓе се во контакт со семејството, пријателите и соседите помалку од еднаш неделно, а 11% се во контакт помалку од еднаш месечно;
-повеќе од половината (51%) од сите лица во доба од 75 и повеќе години живеат сами во Велика Британија;
-36% луѓе во доба од 65 и повеќе години во Велика Британија се чувствуваат надвор од допирот со темпото на модерниот живот, а 9% велат дека се чувствуваат отсечени од општеството;
-половина од сите постари луѓе (околу 5 милиони) велат дека телевизијата е нивно главно друштво.

„Campaign To End Loneliness“, организација во Велика Британија, предупредува на негативните влијанија на самотијата, особеном во староста, и ги поттикнува дружењата на постарите лица.

(Користени информации од повеќе новински агенци)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here