СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Потребно време за читање: 2 минути

34. Срцевината

Срцевината на самотните сопатници е и коскена и коренска и стеблеста. Во буквална и во преносна смисла. Како сушност на постоењето сосе опстојувањето на човекот, на неговата природа наспоредно со природата. Не на какво било негово со нејзино постоење сосе опстојување, туку првин на здравјето, после на живеењето и создавањето, а најсетне на самосвесноста, самобитноста и докажаноста во менливо-минливиот свет.

Срцевината на самотните сопатници Бисера и Пламен, цврсто убедени дека се привремено разделени-таа во Монтреал, Канада, тој во Бирмингем, Англија, нивните деца Ѕвездана и Апостол и братучедата Славка дома (зашто денес далечините не значат ништо, во секое време за кусо време и лесно се надминуваат), е коскена како извор на крв, на жизненост, на сè неизбришливо напишано и запишано во неа. Од дамнина до денес и додека ќе бидат живи.

Срцевината им е коренска, а тоа значи длабоко во сопственото минато чие откривање, осознавање и докажување е предизвик еднаков на постоењето, на денешната лична и колективна меморија, но и на патриотизмот. Тоа го чувствуваат во себе сè повеќе, сè повпечатливо и сè посвесно. Им се чини најмногу токму откако се разделија за личен кариерен и животворен напредок. (И Бисера и Пламен самостојно и заедно во свои времиња се занимаваат со генеалошки истражувања; засега не продлабочено, засега најмногу предизвикувани од љубопитството, насочени пред сè на нивните семејни истории и потекла, на трагите-артефактите и записите; притоа, имајќи го предвид генерациското поврзување, семејните стебла, народот на кој му припаѓаат-македонскиот и земјата во која се вкоренети-Македонија.)

Стеблестата срцевина на Бисера и Пламен е сосем иста како срцевината на кое било дрво во природата, во нивната природа наспоредно со природата, во буквална и во преносна смисла. Тоа ним многупати им се докажало, им се докажува, си го докажале и си го докажуваат. Истоста најмногу ја согледуваат на пресечено дрво-на срцевината, сушноста, годовите и годините. Најмногу ја живеат сознавајќи ги сопствените семејни стебла и создавајќи го заедничкото.

Leave the first comment