146. Прослава
Мирно
и достоинствено
седнале
околу празна трпеза
неколку раце
без глави и нозе;
удираат со прстите
во тактот на маршот
што го свират
ветришта
низ темни облаци
и длабоки корени
во пуста земја.
Пустата земја
околу нив
полека се собира
како оган со години
во нивните срца;
а ни збор
да прозборат,
а ни молк
да премолчат.
Не ќе да седат
по умор
мирно
и достоинстено
околу празна трпеза,
туку оти немаат
ништо да си речат
од минати времиња;
ја чекаат смртта
да им ги угасне
раните,
да им ја пресуши
крвта.
Не можам меѓу нив
со мојата песна
за птици
и соништа,
за цветни ливади
и спокој,
за игри
и стари спомени,
за надежи
и нежни допири
во ноќ со ѕвезди,
со полна месечина.