Потребно време за читање: 3 минути

40.

Сонцева крв и нејзиниот Александар III Македонски стојат на ридот над Гордион, точно на местото каде што Гордиј ја оставил својата запрега до еден столб, а Ѕеус ја врзал со дебела ортома во чуден, просто неверојатен јазол: со два краја доволно оддалечени еден од друг за да не можат да се дофатат едновремено со една рака и како едниот и другиот да немаат ниту почеток, ниту крај. Згора на сѐ, над запрегата постојано летал кралски орел кој се обидувал да застане на неа, а тоа му успеало откако Ѕеус ја врзал обзнанувајќи дека оној што ќе го разврзе јазолот ќе стане владетел на цела Азија.

Сонцева крв:

-Александар, љубов моја, легенда ли е дека со удар на меч ти си го разврзал јазолот, а Ѕеус бил многу задоволен? Или е вистина дека едноставно си ги фатил двата краја со обете раце, со леснотија си ги повлекол во спротивни правци и тој сам се разврзал?

Александар III Македонски:

-Сонцева, љубов моја, а ти што мислиш?

Сонцева:

-Па, колку што те познавам и жива и мртва, колку што се познаваме живи и мртви во нашите времиња дамнешни, вчерашни и денешни, а и колку што знам дека ќе се познаваме во нашата утрешнина, мислам дека јазолот си го разврзал едновремено на двата начина!

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Александар:

-Точно…Дали мислиш и на Бригите, кои откако преминале преку Дарданелите од за мене незнајни причини се нарекле Фриги, не ми е верно дека го сториле тоа како сојузници на Троја, но и на итрината и мудроста на која ме научи мојот учител Аристотел?

Сонцева го гледа нежно в очи, му се насмевнува и се припива до неговото мускулесто, напнато, мажествено тело. Во линоторакс од пресуван лен што му ги покриваат рамената, му го обвиваат телото и му ги покриваат препоните и горниот дел од бедрата. Сонцева крв облечена во широк фустан доземи од коприна и со долга костенлива коса.

Мира и Александар ги гледаат втренчено малите мраморни фигури на Сонцева и Александар III Македонски поставени на мало ритче една спроти друга. На средината од масичката во застаклената веранда на приземната Александрова куќа, наследена од татко му Филип и мајка му Олимпија.

Ги ислушаа нивните коментари за Гордиевиот јазол. Сега како повратени во нивната стварност:

-Александар, според мене важни се сите детали во легендата за јазолот, а еден од нив е и итрината односно мудроста од Аристотел.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

-Се согласувам, Мира. Но, јас би ја потенцирал доблеста на младиот Александар III Македонски при освојувањето на цела Азија. Која кулминирала токму со неговото разврзување.

-Кога велам дека се важни сите детали, мислам и на влегувањето на Гордиј, кралот на Фригија на Агората, како обичен селанец со волови и запрега; и на големиот кралски орел застанат на неговата запрега; неговата посета на светилиштето во Телмија фригиска и младата пророчица што му порачала да принесе жртва на Ѕеус; и обзнанието на локалниот пророк дека новиот крал на Фригија ќе дојде заедно со невеста на воловска запрега; и векот минат во исчекување некој да го разврзе Гордиевиот јазол…

Ѝ го одзема зборот Александар:

-Ја знаеш легендата: Александар III Македонски на 23 години стасал во Фригија, во 333. година пред Христа. Откако ги прашал Македонците и Фригите дали е важно на кој начин ќе се разврзе јазолот, а тие му одговориле дека не е, туку е единствено важно тој да се разврзе, го извадил мечот, со еден удар по средината го расекол на два дела и ја ослободил запрегата на Гордиј. Богот Ѕеус бил задоволен. Ноќта пуштил силна бура, со молњи и громови, што била порака до него дека му е отворен патот за освојување на Азија.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Секако ја знаеш и онаа за одврзувањето со обете раце: ги фатил двата краја на јазолот, ги повлекол во спротивни правци, левиот налево а десниот надесно, и тој се разврзал. Во тоа е секако итрината односно мудроста на Аристотел: боговите и Ѕеус лично одредиле Александар III Македонски да не биде само тиран, сатрап и покорувач на Азија, туку и обединител на тогашните народи на светот.

Мира го гледа замислено неколку мига, па со широка насмевка му вели:

-Сила сосе неизмерна храброст како доблест. Секако и мудроста со нив. Но што е со Сонцева и љубовта помеѓу неа и Александар, Александар мој?

Александар:

-Таа е жива во парчето лорандит што го видовме кај Македон и Ксантија, во розетата среде штитот на Александар. А нивната љубов е иста како Горидевиот јазол. Постојано ја врзуваат и разврзуваат заедно со меч, молњи, громови и срца. Најмногу со доблести.

Прегрнати ја напуштија стаклената веранда и отидоа во спалната да водат љубов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here