Скоро

Потребно време за читање: < 1 минута

Ќе се најдат на еден пат
Стари и уште млади
Здрави и уште болни
Држејќи се цврсто за раце
Збиени пред догледна цел
Макар прва до последна
Скоро да не може никој
Да ги подели
Камо ли да ги раздели.

Па ќе тргнат скоро
Можеби веднаш
Можеби на изгрејсонце
Со исправени глави
Со кренати погледи
Непоколебливи
Ни скорашна смрт
Да не може да ги сопре.

Стари и уште млади
Здрави и уште болни
Така сè додека скоро
Не се случи на светот
Што мора да се случи
За напред ли
Или бесцелно во место.

Кој случајно кој намерно
Да се загледа во нив
Скоро ќе забележи
Дека нема предводник
Ни пред нив ни во нив
Како да не им треба
И како да знаат сами
Како се оди на еден пат
До догледна цел.

Јас сум скоро убеден
Дека се тие од народ
Кој предолго бил
На своја толку запустена
Толку испостена земја
Што најсетне не можел
Ни трага да остави.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 21