ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

27. Два прста

Собрани млади и стари пред еден старец со ретка, а долга седа коса, очила на бабураст нос, долги бели мустаци и долга бела брада. Облечен во ветва црна облека (кошула, костум, палто) и црни длабоки чевли. Сите го слушаат во молк и максимално внимание:

-Народецу мој,

Има два прста што во последно време сè повеќе ги покажуваат и бизнисмени и политиканти и политичари и независни творци: показалецот и средниот на десната рака! Некои само показалецот, насочен кон нешто или некого, со испружена рака од лактот и во движење, а средниот нагоре со другите собрани во тупаница.

Откако забележав дека се покажуваат сè повеќе, јас многу време потрошив размислувајќи за нив, зошто е така, што ги предизвикува, и тоа причински и последично. И дојдов до непореклив заклучок: дека станува збор не за спонтана, туку секогаш за предизвикана реакција како отпор, рамнодушност, незадоволство односно лутина или предупредување кое често преминува во закана.

Да бидам конкретен:

Кога сопственикот на показалецот го движи истиот лево-десно, тоа значи лично несогласување или негирање. Побрзо е движењето при несогласување, а некогаш и ептен бавно при негирање. Кога го движи побрзо испружен горе-долу, тоа најчесто значи предупредување, како да се сака да се рече „Внимавај што правиш“, а кога го движи бавно значи закана, како да се сака да се рече „Ќе видиш ти“ или „Ќе ти покажам јас на тебе“. Сум забележал и нешто трето, многу често од политичари во развиениот западен свет: аплаудирајќи и широко насмеани, одвреме-навреме го упатуваат показалецот кон некој во публиката. Открив што значи тоа: односниот или препознал некого, викнал, направил некоја забележителна гестикулација, или е дел од детално смисленото и извежбано политичко однесување.

Кога станува збор за средниот прст, неговото покажување кај нас е сè почесто, а што лично мене ме загрижува сè повеќе. Имено, мислам дека на секому од вас му е јасно што значи покажување на средниот прст нагоре со другите прсти собрани во тупаница. Најчесто значи исто што и „Можетеда ми се фатите за…“ и следува за што било. На пример, за функцијата, позицијата во власта, за бизнисот, за богатството, среќата во животот…

Баш ова последново ми дојде да го заклучам како најчесто изразување: дека оној што ви го покажува средниот прст нагоре ви вели: „Кој ве шиша, кој ве бричи, кој ве третира…“, некогаш значи и вулгарно изразување на сексуален однос.

Јас не сум ни психолог ни психијатар, не сум ни филозоф, туку само човек кој собрал некое животно искуство и си го тормози мозокот со мислење. Ама таквото изразување со средниот прст ми е многу блиско со една сè позабележителна и помасовна појава: ти народецу мој сè помалку се смееш, а од друга страна не изгледаш толку мртов ладен, колку замислен и загрижен. Баш затоа што пред сè и над сè на тие што ти го покажуваат средниот прст нагоре кажувајќи „Можеш да ми се фатиш за…“ всушност ти кажуваат дека ништо не им можеш. Што, признавам, и мене ме прави сè повеќе не мртов ладен, туку загрижен и замислен.

Народецу мој,

На крајов, сакам да те замолам заедно да се обидеме нешто: јас да ти го покажам средниот прст со другите прсти свиткани во тупаница, а ти да пробаш да се смееш покажувајќи на мене со показалецот како сакаш-со побрзо или побавно движење, лево-десно или горе-долу.

Старецот со ретка, а долга седа коса, очила на бабураст нос, долги бели мустаци и долга бела брада, облечен во ветва црна облека (кошула, костум, палто) и црни длабоки чевли, им го покажува средниот прст на насобраните стари и млади, а тие за чудо се смеат! Некои потскокнуваат радосно и му аплаудираат френетично!

Leave the first comment