Потребно време за читање: 3 минути

25. Животинска расправија

Пред да почне да се крева и за време на кревањето на завесата на сцената, публиката слуша прво тивка, па сè посилна животинска врева и врескање-на крави, волови, магариња, магарици, коњи и кобили, овци и овни, кози и јарци и понекоја свиња. Завесата се крева до горе, блеснува жолт рефлектор и во негов круг среде сцената влегува свиња.

Ѝ се обраќа на малубројната публика:

-Публико малубројна, во наредниве две-три минути ќе бидете сведоци на една мошне плодна, конструктивно-деструктивна и прогресивно-регресивна животинска расправија. Притоа, одвреме-навреме на сценава ќе протрча некое од животните или ќе мине бавно за да го забележите, за да го задржи вашето внимание. Тоа само со цел динамизација и драматизација на дејствието на расправијата. Белки ме рабирате. Сакам да нагласам дека сите ние, значи јас и тие многу жалиме што сте малубројна публика, но тоа е тоа. Ситуацијата во државава е таква каква што е, просто сложена и непоправлива, што е тука е, па мораме да ја прифатиме прилагодувајќи се.

На сцената се појавува магаре. Рика како магаре два-три пати, па вели со зарипнат глас:

-Ова е неприфатливо! Секој трга на своја страна, како да дошло време на раслојување и раскол. Секој се граба за свој дел од државичкава, а никој ни да се обиде да нè обедини за макар мала и далечна заедничка цел.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Се слуша „Муу“ и се јавува крава со полно виме:

-Да, да! Секој трга на своја страна, а никој ниту гледа, ниту мисли на друг. До кое дереџе дојдовме, еј! Да нема кој да ме измолзи. Да не се странциве…

Втрчува на сцената и брзо истрчува од неа овца, успевајќи да заблее и да ја поддржи кравата:

-И ние овците сме на мака! Дури поголема од тебе, краво. Нас овците не само што нема кој да не измолзи, ами нема ни кој да нè истриже. А навалила и глутница волци, дури и пците што нè чуваат не можат да нè дочуваат. Нема ден или ноќ да не заколат по неколку.

Сцената со наведени глави ја протрчуваат неколку кози, јарци и јариња. Се слуша понекое мекање, ама никој и никое не зема збор. Во длабок молк поминуваат и неколку свињи. Се појавува еден вол, рикнува и со отсечен глас ѝ се обраќа на публиката:

-Народе, јас сум лидер на воловската партија во опозиција. Биди уште малку трпелив, да се ослободиме до последен од јаремите во кои нè впрегна странскиот фактор, па потоа ќе ја освоиме власта и сè ќе ни тргне на поарно. А најпрво ќе ги надминеме раслојувањево и расколов, за сплотени да отвориме нови перспективи на наш севкупен развој.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Публиката го наградува со френетичен аплауз и извици на одобрување. Тој останува на сцената. Здогледува како некако притаено, некако заплашено излегува магарица и тој ѝ дава воловски знаци што побрзо да ја напушти сцената. Таа ја напушта подвикнувајќи:

-Знаете кој трча како прле пред магаре? Само прле и никој друг.

Публиката не реагира никако, како да не ја разбра.

Излегуваат со кас коњ и кобила. Прават еден круг на сцената, застануваат покрај свињата во кругот на рефлекторот, која како да сака да објави крај на расправијата, па зема збор коњот:

-Како што веројатно заклучи, малубројна публико, тоа што го чувте од претходните животни не што не личи, ами нема врска со животинска расправија. Знаете зошто? Затоа што тебе не те третираа како народ. Освен волот кој, патем речено, уште нема никакво значење и влијание бидејќи е сè уште во опозиција. Да ве третираа како народ, без оглед што си малуброен, ќе се судреа меѓусебно, ќе одговараа еден на друг, а сигурно и ќе се обидеа да те привлечат кон себеси, да те придобијат. Па од таквата расправија секако и ти, народе, и ние животните ќе имавме обострана корист.

Збор зема кобилата:

-Јас сакам да истакнам дека само јас и мојов коњ можеме да ве пренесеме и жедни преку река и гладни преку пустошна земја. Доволно е да ни се качите, да нè јавнете. Бидете сигурни дека нема да дозволиме да паднете од нас на магариња сè додека не нè претоварите и одвреме-навреме нè оставате слободни и ослободени од сè, значи и од вас. А да знаете дека веднаш по претставава односно наречирасправијава ќе настапи наше, коњско време. Кое тебе најмногу ќе ти одговара во ова време на грабање, раслојување и раскол. Во кое многу лесно јавачи се качуваат на коњ, но и брзо паѓаат од коњ на магаре.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Пред завесата да се спушти нагло, свињата во жолтиот круг на рефлекторот им дава знак на коњот и кобилата да ја напуштат сцената, па дава завршен збор:

-Чувте што чувте, почитувана публико. Морам да ви признам дека требаше да чуете уште многу, но бидејќи тоа што го чувте воопшто не личеше на животинска расправија јас објавувам крај. Жалам што и овојпат таа ќе почне зад сцената, без твое присуство. Како секогаш, на иста тема: дали животните се сè уште со луѓе и за луѓе или, пак, луѓето си се доволни на себеси како жиквотни. Ви благодарам на присуството и вниманието.

Рефлекторот се гаси пред завесата да падне нагло.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here