Во држава и општество какви што се нашиве-државава и општествово Македонија, како и во вакво време на пресвртни моменти, грижи, ситуации, дури драматични и трагични собитија, многу е тешко човек да се шегачи макар на сопствена сметка. Тоа најчесто или не се разбира или се толкува како „сериозност“. (Оттука и насловот на оваа белешка). Притоа, тешко се прифаќа шега и ако се нагласи дека е тоа. Не е верно дека тоа може да се смени во „догледно“ време.
На социјалната мрежа Фејсбук-Facebook објавив една „луцидна“ шега на своја сметка, без да нагласам дека е тоа, а сметајќи на превагнување на „луцидноста“. Станува збор за мое-лично обраќање на моментно најбогатиот човек на светот-милијардерот Илон Маск, во врска со моето секојдневно мошне динамично присуство на мрежата. Интересно: никој од оние што реагираа на статусот со лајкови или коментари не ја воочи намерната грешка (како дел од шегата) дека тој не е сопственик на Фејсбук, туку на „Твитер“ кој го преименува во „X“. (Фејсбук е на технолошката компанија Мета, чиј сопственик е Марк Закерберг.Инаку, Маск е голем противник на мрежата Фејсбук, дури ја има исмевано, а пред две години од неа ги повлече профилите на своите компании.) Мојов статус е со непорекливи аргументи и веројатно тоа најмногу придонело за „сериозноста“. Но, од друга страна, пак, очевидноста на шегата е во моето „многу важно“ барање:
„Почитуван Г-не Илон Маск,
Потврдете несомнено!
На Фејсбуков (во целиот свет) не постои побогат и подинамичен FB профил од мојов:
Секојдневна објава на 15-20 мои мислечки и книжевни дела!
а) Мислечки:
-„Думање на голем и мал човек“-сентенции, афоризми и др. проблесоци во мислата;
-„Народски изреки“-мои изреки на „општонароден“ македонски дијалект.
б) Книжевни:
-поезија, проза, сатира.
Мене како мислечка и книжевна личност тоа не ми значи ништо, но Вам како бизнисмен би требало да ви значи многу.
Срдечно Ве поздравувам,
Љ. Димитровски.
Да ја „допишам“ шегава со забелешка:
Се надевам дека Илон Маск случајно ќе го прочита моево обраќање, па ќе ги провери изнесените факти во него и како жесток конкурент на Закерберг ќе се обиде да ме „преземе“ за „солиден“ надомест на својата социјална мрежа „X“, за да станам негова „најголема марка“ на светот. (Белки нема да забележи дека ме има на неа-„пасивизиран“!)
Може да се случи тоа? А зошто да не?!
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 84